Блог

УЛОГАТА НА ВИТАМИНИТЕ ЗА ДОБРИОТ ВИД

Следејќи ги современите текови на животот, се соочуваме со водење нездрав животен стил кој заедно со стареењето доведуваат до помали или поголеми оштетувања на органите во човековото тело. Се поставува прашањето дали со правилен внес на соодветни нутриенти може да му се помогне на организмот да ја зачува својата правилна функција и, независно од процесот на стареење , да се овозможи човекот да има подобро здравје. Окото е сложен орган, а со бројни студии е докажана улогата на различни нутиенти кои можат да помогнат да се одржи неговата правилна функција. Заболувањата како дијабетична ретинопатија, макуларна дегенерација, глауком, катаракт, значително влијаат на видот, а нивната инциденца се зголемува со стареењето. Оксидацијата и инфламациите се дел од етиологијата на овие болести па затоа различните нутриенти кои имаат антиоксидативно и антиинфламаторно дејство се потребни за да се овозможи намалување на можноста да се јават овие заболувања или да се намали нивната прогресија. Во продолжение се наброени токму потребните витамини и други нутриенти битни за здраво око и добар вид. Витамин А и неговиот прекурсор β каротен играат важна улога во зачувување на корнеата. Компонента е на родопсинот, биолошки пигмент кој се наоѓа во стапчињата во ретината, одговорен за гледање при слаба светлина. Недостатокот на витамин А е реткост во развиените земји, меѓутоа не треба да се занемари бидејќи може да предизвика сериозна болест – ксерофталмија која може да резултира со слепило. Во некои студии е докажано дека витаминот А може да го намали ризикот од појава на катаракт и макуларна дегенерација поврзана со возраста. Витамин Е , а особено неговата форма α токоферол, е многу моќен антиоксиданс. Многу заболувања на окото се асоцирани со оксидативен стрес што всушност е дисбаланс меѓу антиоксидантите и слободните радикали во телото. Мастите кои се интегрален дел од сите клеточни мембрани се многу осетливи на разградба од оксидацијата предизвикана од слободните радикали. α токоферолот ги врзува слободните радикали и превенира верижни реакции на липидна оксидација. Ова е од големо значење бидејќи во ретината концентрацијата на масните киселини е голема. Исто така, има позитивна улога и во потенцирањето на активноста на молекули и ензими во имунолошките и противвоспалителните клетки, покажува инхибиција на тромбоцитна агрегација и подобрување на вазодилатацијата, па затоа неговата употреба е важна при старечка макуларна дегенерација а и за намалување на ризикот од појава на катаракт. Витамин Ц исто како и витамин Е ги штити очите од оштетувања кои може да ги направат слободните радикали, а помага и во регенерација на оштетените ткива, го намалува воспалителниот одговор, превенира клеточни мутации и уште многу друго. Потребен е за синтеза на колаген, структурна компонента на крвни садови, лигаменти , коски, а кај окото корнеа и склера. Неколку студии покажуваат дека витамин Ц помага во намалување на ризикот од катаракт и во превенција на старечка макуларна дегенерација. Витамини од Б групата , особено комбинацијата на Б6, Б9 и Б12 ја намалуваат концентрацијата на хомоцистеинот , протеин поврзан со појава на инфламација и зголемен ризик за развој на макуларна дегенерација. Витамин Б2 – рибофлавин позитивно влијае на оксидативниот стрес, а негов подолготраен недостаток може да доведе до појава на катаракт. Витамин Б3 –ниацин има главна улога во трансформирање на храната во енергија , а има и антиоксидативно дејство. Неодамнешни студии сугерираат дека ниацинот игра улога во превенцијата на глауком, состојба при која се оштетува очниот нерв. Витамин Б1 е ефективен во намалување на ризик од појава на катаракт, а се употребува и во третман на рана фаза на дијабетична ретинопатија. Лутеин и зеаксантин се каротеноиди кои во најголема концентарција се наоѓаат во зелениот листест зеленчук. Во човековото тело се концентрирани во макулата, централниот дел од ретината. Поради нивната антиоксидативна функција тие го ограничуваат ретиналното оксидативно оштетување преку апсорпција на сината светлина, па помагаат во превенција на старечка макуларна дегенерација и катаракт. Омега 3 масни киселини , а особено DHA и EPA во контекст на претходно кажаното за антиоксидантните својства, важни се за превенција на старечка макуларна дегенерација. Имаат бројни функции кои овозможуваат невропротективни ефекти во ретината. Ова вклучува модулација на метаболните процеси кои доведуваат до оксидативен стрес, инфламации и васкуларизација. Атеросклерозата на крвните садови кои ја хранат ретината доведува до ризик од старечка макуларна дегенерација, слично како и кај срцевите заболувања. Биофизичките и биохемиските функции на DHA може да влијаат на фоторецепторните функции на мембраната преку менување на пропустливоста, протокот, густината, својствата на липидната фаза и на активација на протеините кои учествуваат во мембранската врска. Цинкот е еден од поважните нутриенти и е одговорен за здравјето на ретината бидејќи е главна компонента на многу ензими и е потребен за оптимален метаболизам во окото. Игра голема улога со антиоксидативните својства и учествува во имунолошкиот одговор.Учествува и во структурата на протеините и клеточните мембрани, а со негово губење од мембраните тие стануваат поподложни на оксидативно оштетување и намалување на својата функција. Игра улога и во трансмисијата на нервните импулси. Ако се прашувате кој е најлесниот начин го зачувате добриот вид и да ги заштитите очите од промените кои настануваат при процесот на стареење, едноставно наполнете ја чинијата со храна во сите бои на виножитото. Портокаловите плодови како што се морковот, слаткиот компир, тиквата се богати со витамин А и β каротен. Најмногу витамин Ц ќе внесете во организмот конзумирајќи цитрусни плодови (лимон, портокал, цитрон), јагоди, бобичести плодови, пиперки. Зелениот листест зеленчук како зелена салата, кељ, спанаќ , а и тиквичка, брокула, прокељ ќе ви овозможи внес на лутеин и зеаксантин. Оревите, лешниците,бадемите, индиските ореви како и семињата (ленено, чиа семе, сончогледово, семе од коноп) се богат извор на витамин Е и омега 3 масни киселини кои пак најмногу ги има во морските риби (туна, лосос, скуша, сардина). Говедското месо, помалку пилешкото и свинското, е извор на цинк, кој пак во јајцата е во комбинација со витамин Ц, витамин Е, лутеин, зеаксантин и многу други нутриенти. Конзумирајќи житарки и други легуменози (грав, леќа) го храните организмот со витамини од Б групата и со здрави влакна. Почесто јадете свежи, сирови овошја и зеленчуци, а за да се зачуваат хранливите состојки, пред се витамините и антиоксидантите, подготвувајте ја храната непосредно пред конзумирање, на пониски температури и за пократко време. Балансирана исхрана со секојдневен внес на свежо овошје, зеленчук, житарки, протеини и здрави масти или земање на соодветни суплементи обезбедуваат не само добар вид и здрави очи туку имаат позитивно влијание на целиот организам. Олгица Мартиновска, магистер по фармација Текстот е објавен во летното издание на списанието „Наше Здравје“ на фармацевскиот бренд „Виа Фарм“

УЛОГАТА НА ВИТАМИНИТЕ ЗА ДОБРИОТ ВИД

Слични текстови

КАКО ДА ГИ ЗАШТИТИМЕ НАШИТЕ ОЧИ ВО ЛЕТО

КАКО ДА ГИ ЗАШТИТИМЕ НАШИТЕ ОЧИ ВО ЛЕТО

Почна долгоочекуваното лето, а со него и зголемената изложеност на ултравиолетови зраци. Затоа медицинските специјалисти редовно предупредуваат за опасностите од долгото изложување на сонце. Често постои верување дека сончевата светлина предизвикува моментални нарушувања на очите, како што се солзење, заблеснување и пецкање, а помалку е познат долготрајниот штетен ефект врз очите. Многу болести на очите кои се проследени со губење на видот, а за кои верувавме дека биле резултат на наследни или непознати фактори, биле предизвикани од влијанието на сончевата светлина врз различното ткиво на окото. Со цел да се спречат непријатните состојби и непоправливите оштетувања на очите, потребно е од најрана возраст да се примени соодветна заштита на очите од сонцето. Во текот на летото постои особено силен одраз (рефлексија) на УВ зраците од површината на морето, песок и чакал, односно за време на летување на море. На надморска височина од 2000 метри и повеќе, УВ зрачењето е двојно повисоко од нивото на морето, така што излетниците, планинарите и луѓето кои работат во таква средина се повеќе изложени на овие зраци. Краткорочното и интензивно изложување на очите на сонце може да предизвика акутни промени на корнеата, како што е т.н. сончев кератитис што се јавува како резултат на изгореници на окото. Нарушувањато се манифестира со болка, жарење, пецкање, солзење и црвенило на окото со оток на капаците и привремено заматен вид. Долгорочната изложеност на сонце може да предизвика дегенеративни промени во корнеата и последователно губење на видот. Исто така, не се ретки и промени на конјунктивата во облик на жолчкасти наслаги, „pinguecula или pterygium“ (надворешно перде) што можат да предизвикаат пречки како што се црвенило, иритација и често го нарушуваат естетскиот изглед на окото. Се забрзува и развојот на замаглување на леќата, т.е. појавата на катаракта веќе во рана средна возраст на животот, а на мрежницата (ретината) може да настане дегенерација на жолтата точка (точката на најјасниот вид) што доведува до трајно и неповратно оштетување на видот. Дури и краткорочното гледање директно во сонцето без никаква заштита може да доведе до појава на т.н.соларна макулопатија односно краткотрајно или трајно оштетување на жолтата точка. Најдобра заштита на очите од сончевите зраци · Очилата за сонце кои го блокираат УВ зрачењето обезбедуваат најдобра заштита во текот на целата година. · Со носење шапка можете да ја намалите директната експозиција и заблеснувањето на очите од сонцето. Се препорачува да се носи шапка со посветли бои за деца и возрасни, особено во времето на најсилното УВ зрачење помеѓу 10 и 16 часот. Ефикасноста е околу 50%, бидејќи не обезбедува заштита од рефлектирачките сончеви зраци. · Контактни леќи со УВ филтер се препорачуваат да се носат во комбинација со очила за сонце. Самите не обезбедуваат УВ заштита на сите делови на окото и не го намалуваат чувството на заблеснување на очите. · Капките за очи (вештачки солзи) го влажнат окото и ги испираат нечистотиите со што помагаат да се одржи заштитниот солзен филм кој се намалува поради високата температура и ветерот. Неквалитетниот солзен филм предизвикува сушење на површината на очите, што доведува до појава на црвенило, печење и гребење на окото. Како да се изберат вистинските очила за сонце? · Обликот на очилата треба да се приспособи на обликот на лицето. За летото препорачуваме модели со поголеми стакла, заоблени од страната, за да штитат и од рефлектирачките зраци. · Материјалот на стаклата мора да биде со висока оптичка чистота, лесен, флексибилен и отпорен на гребење. Може да се направи од стакло или пластика, а исто така можат да се направат и со диоптрија. Поликарбонатните стакла се препорачуваат за луѓе кои се занимаваат со спорт бидејќи се поотпорни на кршење. Фотоосетливите стакла го менуваат интензитетот на затемнување во зависност од интензитетот на светлината и се погодни за возење. Поларизираните стакла и антирефлексните слоеви го намалуваат отсјајот и се погодни за возење и спортови на вода. Стаклата со ефект на огледало значително го ограничуваат количеството на светлина што влегува во окото, со што полесно се гледа. · Бојата на леќата најчесто е сива, сивосина, зелена и кафеава и се избира според намената и вкусот. Важно е да се напомене дека степенот на затемнување на стаклото не влијае на заштитата од УВ зраците. Како да знаеме дека очилата за сонце обезбедуваат целосна УВ заштита? За избор на соодветни и квалитетни очила кои обезбедуваат целосна УВ заштита, најдобро е да се консултирате со професионален тим во офталмолошки ординации, оптики, аптеки или специјализирани спортски продавници. Се препорачува да се изберат очила за сонце кои нудат 100% или 99% заштита од УВА и УВБ зрачење, а потребно е да побарате декларација во која производителот ги наведува карактеристиките на стаклото и го гарантира квалитетот на производот. Налепницата УВ 400 покажува дека сите сончеви зраци со бранова должина до 400 нанометри (сите УВА и УВБ зраци) се блокирани. Дали децата треба да носат очила за сонце? На децата им требаат очила за сонце со 100% УВ заштита и од најмладата возраст треба да се навикнуваат за носење, бидејќи поминуваат многу повеќе време надвор од возрасните. Не купувајте им на децата неквалитетни очила, пластични и темни, без филтер, бидејќи поради затемнувањето, нивните зеници ќе се прошират за да пропуштат повеќе светлина и со тоа директно се зголемуваат штетните ефекти на сончевите зраци. Доенчињата и многу малите деца кои не можат да носат очила за сонце не треба да се изложуваат директно на сонцето во периодот од 10 до 16 часот. Најдобро е да се изнесат во длабока сенка за да се заштитат од рефлектирачките зраци. Текстот е објавен во магазинот „Наше Здравје“ на фармацевтскиот бренд „Виа Фарм“.

Прочитај повеќе
КАКО ДА ГИ ЗАШТИТИМЕ ОЧИТЕ ОД НЕПРИЈАТНАТА ПРОЛЕТНА АЛЕРГИЈА?

КАКО ДА ГИ ЗАШТИТИМЕ ОЧИТЕ ОД НЕПРИЈАТНАТА ПРОЛЕТНА АЛЕРГИЈА?

Колку и да нè привлекуваат сонцето и пролетните температури да излеземе надвор, за голем број луѓе доаѓањето на топлите денови значи и борба со алергии. Тие најчесто се јавуваат со доаѓањето на пролетта. Очи што солзат, црвенило, чешање, главоболка се само дел од симптомите на алергијата на очите. Алергиските болести денеска се категоризираат во болести на модерното време и сè повеќе добиваат карактеристики на пандемија. Се смета дека околу една четвртина од светската популација е алергична на некоја супстанција и, поради тоа, страда од некаква алергиска реакција. Алергијата на очите е едноставна за препознавање: црвени очи, потечени капаци, чешање и солзење на очите, кивање и течење на носот. Како настанува алергијата и кои се нејзините причинители? Појавата на алергии значи дека е нашиот имунолошки систем пречувствителен и неадекватно реагира на инаку безопасни супстанции. Имунолошкиот систем кој уредно функционира нè штити од болести така што ги уништува штетните микроорганизми кои влегуваат во организмот. За жал, кај алергиите нападот од инаку безопасните супстанции (алергени) како полен, прашина, животински влакна, храна или лекови предизвикува воспаление. Очите реагираат на алергените што ги иритираат со што настанува реакција кај нив. Алергијата на очите, исто така, може да биде предизвикана од одредени козметички производи или капки за очи, вклучувајќи ги и вештачките солзи за суви очи што содржат конзерванси. Алергијата на одредена храна или на пример, на убод од пчела или од други инсекти, во принцип не влијаат толку интензивно на очите, како што е тоа случај кај алергиите на полен, мувла и кpлежи. Практични совети како да ги намалите симптомите на алергија на очи Избегнувајте алергени. За време на висока концентрација на полен во воздухот, што помалку отворајте ги прозорците во домот или во автомобилот, избегнувајте го излегувањето рано наутро (најмногу полен се отпушта околу 5 часот наутро), како и излегувањето во текот на сончевите и ветровитите денови во текот на цветањето на растенијата. Кога ќе се вратите дома, соблечете ја облеката што сте ја носеле надвор и измијте ја косата. На лица што боледуваат од поленска грозница може да им помогне и редовно испирање на носот со физиолошки раствор и користење на вештачки солзи за очи без конзерванси. Избегнувајте миризливи освежувачи на просторот, како и миризливи свеќи. Новите истражувања покажуваат дека ги влошуваат симптомите на алергиската реакција. Не ги тријте очите. Користете вештачки солзи без конзерванси и ставајте ладни облоги на очите за да го намалите воспалението и концентрацијата на алергени во очите. Избегнувајте облоги од камилица, мед и слични производи! Извадете ги контактните леќи. Имајќи во вид дека контактните леќи на својата површина можат да привлечат алергени, размислете за опција на носење на диоптерски очила во текот на сезоната на алергии. Друга опција е да носите дневни контактни леќи што се фрлаат по секое носење, за да се избегне собирање на алергени на контактните леќи. Лекови. Во случај на силен алергиски конјуктивитис потребно е да отидете кај офталмолог. Лечењето може да вклучи антихистаминици или противвоспалителни капки за очи, стероидни капки за очи (кај сериозни случаи) Доколку чешањето, отоците и другите симптоми на алергија се влошуваат, веднаш посетете офталмолог. Не користете кортикостероиди или други противвоспалителни лекови без надзор на лекар, бидејќи истите можат да бидат штетни по вашето здравје! Понекогаш е тешко да се направи разлика помеѓу алергиски и инфективен конјуктивитис, особено во периодот на поленската грозница кога црвените и солзливи очи се заеднички симптом. Доколку е црвенилото изразено само на едното око, тогаш се мали шансите да станува збор за алергиски конјуктивитис. Важно е да се нагласи потребата веднаш да се обратите кај вашиот офталмолог доколку чувствувате болка во окото, имате изразена осетливост на светлина, ако е намалена видната острина, бидејќи ова не се симптоми на алергиски конјуктивитис. Текстот е објавен во магазинот „Наше Здравје“ на фармацевтскиот бренд „Виа Фарм

Прочитај повеќе
КАКО ДА ГО ЗАЧУВАТЕ ЗДРАВЈЕТО НА ВАШИТЕ ОЧИ? НАЈВАЖНИ СОВЕТИ ОД ОФТАЛМОЛОЗИТЕ

КАКО ДА ГО ЗАЧУВАТЕ ЗДРАВЈЕТО НА ВАШИТЕ ОЧИ? НАЈВАЖНИ СОВЕТИ ОД ОФТАЛМОЛОЗИТЕ

Вашите очи се вашите прозорци кон светот, затоа нивното здравје треба да биде приоритет. Денешниот начин на живот, долгото изложување на екрани, загадувањето и возраста можат да влијаат на видот.

Прочитај повеќе