Блог

Совети, новости и стручни текстови

Сѐ што треба да знаете за здравјето на очите, напишано од нашиот тим.

4 ГОДИНИ ДЕНИЦА - РАСТЕМЕ ЗАЕДНО
novosti

4 ГОДИНИ ДЕНИЦА - РАСТЕМЕ ЗАЕДНО

Деница одбележува 4 години постоење! 4 години иновации и технологија. 4 години професионалност и беспрекорност. 4 години најсовремена дијагностика и хирургија. Ви благодариме на довербата! www.denica.mk 02/3068-288 “Варшавска” 6а, Скопје Вашите очи го заслужуваат најдоброто.

Прочитај повеќе
9 години „Деница“
novosti

9 години „Деница“

onpoint 22/05/2026 9 години „Деница“. 9 години горди лидери во офталмологијата. Девет години посветеност. Девет години доверба. Девет години современа офталмологија, врвна технологија и тим кој секојдневно работи со една цел – подобар вид и подобар живот за пациентите. Од првиот ден до денес, нашата мисија останува иста: 100% медицина, професионален пристап и грижа за секој пациент. Во изминатите 9 години, илјадници пациенти од Македонија, регионот и светот ја избраа „Деница“ како место каде што ќе ја добијат најдобрата офталмолошка услуга. Горди сме на довербата. Горди сме на резултатите. Горди сме што заедно создадовме приказна која трае и расте. Ви благодариме што сте дел од нашето патување.

Прочитај повеќе
Аблација
blog

Аблација

Што претставува аблацијата? Аблацијата претставува одвојување на ретината (задниот слој на окото) од околното ткиво. Ретината служи за процесирање на светлината и формирање на сликата, но при аблација таа не може соодветно да функционира. Тоа е ургентна состојба која треба брзо да се третира со цел да не дојде до трајно губење на видот. Симптоми? Светкање на окото (“флеш”, “молња”); Појава на бројни црни точки во видното поле; Сенка (во вид на завеса) во еден дел од видното поле. Третман? Лекувањето е исклучиво оперативно. Постојат повеќе видови операции во зависност од степенот на аблацијата: Ласерски третман; Криотерапија; Поставување на трајна силиконска трака; Витректомија.

Прочитај повеќе
БЕСПЛАТНИ ОЧНИ ПРЕГЛЕДИ НА ДЕЦА СО ПОСЕБНИ ПОТРЕБИ
novosti

БЕСПЛАТНИ ОЧНИ ПРЕГЛЕДИ НА ДЕЦА СО ПОСЕБНИ ПОТРЕБИ

Асоцијацијата за правата на деца и младинци со посебни потреби „Ластовица“, лајонс клуб „Вардар“ и Специјалната очна болница „Деница“, денеска, организираа бесплатни очни прегледи на дечиња со посебни потреби од школска возраст. Оваа акција се организира по повод 2 години од постоењето на Специјалната очна болница „Деница“. „Деница, по повод овој ден, спроведува ваков тип добротворни активности како дел од нашите принципиелни залагања за перманентно јакнење на општествената одговорност кон заедницата“, изјави д-р Виолета Бучковска , медицински директор на Болницата. Според неа, на овој начин, Деница ја реализира својата стратешка определба да даде свој придонес во насока на натамошно зголемување на здравствената нега на најголемиот дел од граѓаните на нашата држава. Роберта Митревска , претседателка на Асоцијацијата Ластовица, вели дека долго време размислувале за ваква иницијатива, која е неопходна за оваа популација деца. „Од изјавите на дечињата на она што го гледаат, често пати, не знаеме дали е од тоа што не го разбираат или од она што не можат да го видат. Затоа оваа иницијатива е од големо значење за нив бидејќи можноста да се испита видот кај овие деца е многу тешка, но е важна и неопходна за целиот нивен развој. Се надеваме дека оваа соработка ќе продолжи и во иднина со што ќе опфатиме уште поголем број на деца“, објасни Митревска. Во активностите на асоцијацијата Ластовица, во текот на една година со постојан или повремен престој учествуваат околу 100 дечиња со посебни потреби при што најмалата возраст е 18 месеци. Во оваа смисла, Асоцијацијата Ластовица се занимава и со индивидуален и групен третман и социјална грижа на дечиња кои престојуваат секојдневно од 8 до 16 часот. Специјалната очна болница „Деница“ постои од мај 2017 година, успевајќи да изгради мрежа од 10.000 пациенти на кои успешно им реализира повеќе од 20.000 дијагностички или хируршки интервенции.

Прочитај повеќе
БЕСПЛАТНИ ОФТАЛМОЛОШКИ ПРЕГЛЕДИ
novosti

БЕСПЛАТНИ ОФТАЛМОЛОШКИ ПРЕГЛЕДИ

На 10.10.2017 година, по повод Светскиот ден на видот, во Специјалната очна болница „Деница“, беа организирани бесплатни систематски офталмолошки прегледи за 30 ученици со интелектуална попреченост, односно со посебни потреби од државното средно училиште „Свети Наум Охридски“ од Скопје. „ Специјалната очна болница Деница, традиционално, секоја година, по повод овој ден, спроведува ваков тип на добротворни активности, како дел од нашите принципиелни залагања за перманентно јакнење на општествената одговорност кон заедницата“ , изјави д-р Виолета Бучковска, медицински директор на Болницата. Според неа, на овој начин, Деница сака да придонесе уште повеќе да се зајакне свесноста кај граѓаните во однос на потребата од редовна грижа за очното здравј е. Светскиот ден на видот се одбележува секоја година, вториот четврток во месец октомври, како резултат на иницијативата на Светската здравствена организација, а со цел општествата и граѓаните да посветат соодветно внимание на сите оштетувањата на видот, на проблемите со слепилото, како и на рехабилитацијата на слабовидните лица. извор: https://zivejzdravo.mk

Прочитај повеќе
ДЕНИЦА Е СИНОНИМ ЗА ПРЕМИУМ УСЛУГИ
novosti

ДЕНИЦА Е СИНОНИМ ЗА ПРЕМИУМ УСЛУГИ

Во центарот на главниот град на Македонија, на само 40 км од Тетово и на 90 км од Приштина, веќе една година работи Специјалната очна болница „Деница“. За мотивите и за предизвиците, за поставените цели и за остварените резултати, разговараме со еден од најеминентните хирурзи-офталмолози во Македонија, доктор Виолета Бучковска. Според доктор Бучковска лекарскиот тим на Болницата посветено работи за здравјето на пациентитите кои се всушност и најголемата инспирација и предизвик за работа. „Инвестиравме во најсовремена апаратура за дијагностика и хирургија, а нашиот тим на истакнати стручњаци ги совладува и најсложените офталмолошки предизвици“, ќе истакне д-р Бучковска. Кажете ни нешто повеќе за Очната болница „Деница“? Специјалната болница за очни болести „Деница“ постои од април 2017 година. Се наоѓаме на улицата „Варшавска“ број 6, во мирната и спокојна населба Тафталиџе, во скопската општина Карпош. На околу 500 м2, наменски дизајниран и изграден простор, сместени се модерно опремени ординации, кабинети и операциони сали кои располагаат со најнова технологија и апаратура со што се овозможува вршење прегледи и оперативни зафати кои се на ниво на најсовремените европски и светски очни болници. Накратко, што сé нуди Деница? За какви потреби и проблеми можат да ви се обратат граѓаните? Во ДЕНИЦА може да се најдат решенија за најширокиот спектар на најразлични офатлмолошки проблеми што може да ги има секој нас. Како тим посветено се зафаќаме со решавање од наједноставните сѐ до најсложените здравствени предизвици на луѓето. Досегашното наше искуство и минат труд, верувам дека се најдобрата гаранција за изречената констатација. Сепак, накратко, во ДЕНИЦА, ги изведуваме сите офталмолошки прегледи и во контекст на споменатото, ги нудиме и соодветните најсовремени услуги од областа на хирургијата. Во конкретна смисла, нашата болница е адресата каде нашите граѓани, на врвна апаратура и со користење на врвни материјали, можат да добијат компјутеризирано одредување на диоптрија; дијагностика и терапија на глауком; дијагностика и терапија на преден и на заден сегмент на окото; ехо дијагностика; оптичка кохерентна томографија – OCT; страболошки прегледи; ласерски интервенции на заден сегмент на окото; ласерски интервенции на секундарна катаракта; хирургија на катаракта; хирургија на глуком; хирургија на заден сегмент на окото; хирургија на солзни патишта; хирургија на крионемизација; современа анти VGF терапија и.т.н. Кои се плановите за во иднина? Плановите се многубројни. Сакаме да се надградуваме уште повеќе, при што следејќи ги најсовремените трендови во оваа област, еднакво посветено продолжуваме да вложуваме во едукацијата на вработените, како и во врвната апаратура, што како концепт, заедно со пристапните цени, убедени сме дека гарантира врвни резултати од полза на нашите пациенти. извор: www.zurnal.mk

Прочитај повеќе
ДЕНИЦА НА МЕЃУНАРОДЕН ТЕХНОЛОШКИ САМИТ
novosti

ДЕНИЦА НА МЕЃУНАРОДЕН ТЕХНОЛОШКИ САМИТ

д-р Виолета Бучкоска и д-р Сашо Ѓорѓиоски од Специјалната очна болница „Деница“ земаа учество на меѓународниот техниолошки самит чиј организатор е еден од најголемите светски офталмолошкиот технолошки брендови – Alcon, кој се одржа од 8 до 10 декември 2018 година, во Истанбул, Република Турција. На овој престижен настан, на кој зедоа учество повеќе од 500 офталмолози од 20на држави во светот, повеќе од 30 врвни експерти ги споделија своите знаења за најновите светски достигнувања од областа на: – Менаџментот на катарактата и на астигматизмот; – Максимизирањето на резултатите во хирургијата на катаракта преку примена на најнапредна технолошка опрема; – Влијанието на најновите технолошки достигнувања во офталмологијата, како и – Презентација на најзначајните случаи во очната хирургија. „Најновите трендови во областа, постојано ги следиме преку редовни посети на најважните регионални и светски симпозиуми и конгреси, бидејќи иднината на Болницата ја гледаме во проширувањето на човечките и технички ресурси, а со тоа и во збогатувањето на палетата на услуги што ги нудиме“, изјави д-р Бучкоска, катарактен и витреоретинален хирург, медицински директор на Деница. За д-р Сашо Ѓорѓиоски, пак, овој вид настани се вклопуваат во стратегијата на Болницата според која хуманиот однос со пациентите, личното знаење, како и примената на најновите светските офтал молошки стандарди се темелите на кои почива успехот на Деница. Специјалната болница за очни болести „Деница“ постои од април 2017 година. Се наоѓа на улицата „Варшавска“ број 6 во мирната и спокојна населба скопска населба Тафталиџе. На околу 500 м2, наменски дизајниран и изграден простор, сместени се модерно опремени ординации, кабинети и операциони сали кои располагаат со најнова технологија и апаратура со што се овозможува вршење прегледи и оперативни зафати кои се на ниво на најсовремените европски и светски очни болници.

Прочитај повеќе
ДЕСЕТ ВАЖНИ ИНФОРМАЦИИ ЗА КАТАРАКТАТА
blog

ДЕСЕТ ВАЖНИ ИНФОРМАЦИИ ЗА КАТАРАКТАТА

Катарактата (старечкото перде) е болест која настанува како резултат на заматувањето на леќата на окото, при што тоа доведува до намалување на видната острина. На тој начин, видот станува заматен и истиот, со текот на времето постепено се намалува. Во продолжение, упатуваме внимание на десет поважни информации кои се однесуваат на оваа болест на окото. 1. На светско ниво, над 5% од популацијата има катаракта. 2. Заматениот или избледен поглед, проблемите при гледањето навечер, двојното гледање на еден предмет или постојаното менување на диоптријата на окото, се само некои од најчестите сигнали за појавата на катаракта. 3. Ризикот од добивање на катаракта значително се намалува доколку избегнувате изложеност на окото на сончевите UV зраци, доколку намалите со консумирање на алкохол и доколку престанете со пушењето на цигари. 4. Болестите како што се дијабетесот и хипертензијата, како и неправилните диети, го зголемуваат ризикот од добивање на катаракта. 5. Балансираната исхрана со многу овошје и зеленчук (особено зеленолисни зеленчуци) влијае позитивно во однос на намалувањето на ризикот од добивање на катаракта. 6. Хирургијата на катаракта, спаѓа во групата на најпрецизните хируршки интервенции и во најголем број од случаите, по нејзиното успешно завршување, пациентите можат да си заминат од болницата уште истиот ден. 7. Катарактата се развива на секое око одделно и таа не се пренесува од око на око. 8. Возраста е најзначајниот фактор кој го зголемува ризикот од добивање на катаракта. 9. Иако катарактата најмногу е карактеристична за возрасните и за старите луѓе, сепак и малите деца, како и бебињата може да развијат катаракта. 10. Катарактата може да се развие во различни форми, како и на различни места на окото. Во специјалната очна болница „Деница“, искусниот тим на хирурзи сосема брзо, сигурно и безбедно успешно ги изведува овие интервенции. Закажете преглед на 02/3068-288. Затоа што вашите очи го заслужуваат најдоброто.

Прочитај повеќе
Д-Р БУЧКОВСКА ОДРЖА ПРЕДАВАЊЕ ЗА ЛИЦАТА СО ДИЈАБЕТ
blog

Д-Р БУЧКОВСКА ОДРЖА ПРЕДАВАЊЕ ЗА ЛИЦАТА СО ДИЈАБЕТ

На 17.12.2018 година, д-р Виолета Бучкоска од Специјалната очна болница „Деница“, одржа предавање на едукативната работилница организирана од Асоцијацијата за детски дијабетес на Македонија „Ба ланс МК“ и од Здружението на лица со дијабетес „Алегрија“, која се одржа во Центарот за семејна медицина. На предавањето кое се однесуваше на промените на очите кај лицата со дијагностициран дијабетес, д-р Бучковска ги запозна присутните со клучните особености на оваа состојба, истовремено, давајќи попрецизни совети за офталмологијата и за дијабетесот на прашањата поставувани од страна на учесниците. Работилницата е дел од едукативниот караван кој се спроведува низ повеќе градови во Македонија, а на кој имаат земено учество повеќе од 500 лица со дијагностициран дијабетес од типот 1 и од типот 2. Специјалната очна болница „Деница“, како општествено одговорен субјект, во континуитет спроведува најразлични едукативни настани кои имаат за цел да придонесат за унапредување на свесноста на граѓаните за очното здравје.

Прочитај повеќе
Д-Р БУЧКОВСКА: ДЕНИЦА Е СИНОНИМ ЗА ПРЕМИУМ ОФТАЛМОЛОГИЈА
novosti

Д-Р БУЧКОВСКА: ДЕНИЦА Е СИНОНИМ ЗА ПРЕМИУМ ОФТАЛМОЛОГИЈА

д-р Виолета Бучкоска спаѓа во онаа група докажани и признаени професионалци кои секојдневно ги издигнуваат вкупните здравствени стандарди, приближувајќи му ги на македонскиот пациент последните и најсовремени трендови во областа на офталмологијата. Нејзината меѓународно верификувана експертиза во очната хирургија буди чувство на гордост кај секој од нас дека нашата земја, освен во некои други сегменти, има со што да се претстави пред светот и во оваа област. Д-р Бучкоска, својата децениска офталмолошка кариера ја започнува во 1990 година на Универзитетската очна клиника во Скопје, од 2010 до 2017 година е дел од Болницата Систина Офатлмологија, а од 2017 година до денес таа e предводник на тимот офталмолози во Специјалната очна болница „Деница“ лоцирана во населбата Карпош, каде ја извршува и функцијата медицински директор. Област од посебен интерес на д-р Бучкоска е хирургијата на катаракта, хируршките третмани на аблација на ретината, витреоретиналната хирургија, ласерскиот третман на дијабетична ретинопатија и периферните дегенерации на ретина, како и окулопластиката. 1. Природно е со текот на годините да се јават проблеми со видот. Доколку не се работи за наследни или други фактори, на што треба најмногу да се внимава за да се зачува видот? Окото ни служи за гледање и тоа е создадено за таа единствена функција, а и не е потребно да се штеди. Современиот начин на живот и функционирање, ни налага премногу напрегање и помалку одморање на очите, особено кога сме пред мониторот, телефонот и таблетите. Без овие направи не може да се замисли нашето функционирање во денешно време, но моја препорака, а верувам и на секој офталмолог е умереност во користењето на мониторите доколку е можно, потоа што повеќе шетање во природа на отворено и секако избалансирана витаминско минерална исхрана во согласност со возраста. Овој пристап ќе овозможи правилен раст и развиток на организмот кај децата, а истовремено и превенција од дегенеративни заболувања кај возрасните. Секако тука спаѓаат и редовните офталмолошки контроли сѐ со цел навреме да се открие и превенира одредена состојба или заболување на очите. 2. Што се подразбира под т.н. „перде на очите“, односно катарактата? Нормалната функција на очната леќа е да ја пропушта и фокусира светлината така да може да се гледаат јасни и чисти слики на набљудуваните објекти. Кога ќе се појави катаракта, леќите на очите се заматуваат, како резултат на што квалитетот на видот се влошува. Со појавата на катарактата постепено се намалува количеството на светлина која влегува во окото и пациентот може да почуствува некои или сите од следниве симптоми: замаглен вид; побледи бои; потреба за често менување на очилата; визуелни проблеми со светлината, како на пример одблесок или отсјај. Во повеќето случаи катарактата е последица на промени поврзани со стареењето на леќата, но таа може да се појави и кај помлади луѓе поради различни причини вклучувајќи: траума или повреди на окото; поради друг оперативен зафат на окото; заболувања како дијабет и глауком; поради долго воспаление на окото, продолжено користење на кортикостероиди… Дијагнозата е едноставна и се поставува со едноставен офталмолошки преглед на широка зеница при што се поставува дијагнозата за типот на катарактата со што и се овозможува планирање на понатамошниот пристап за нејзино отстранување. Оваа хируршка процедура, која со успех ја изведуваме, се реализира на хируршки начин со локална анестезија за сосема кратко време и на еден крајно безболен начин. Инаку, катарактата се смета дека претставува една од најчестите хируршки процедури на предниот очен сегмент. 3. Еден од поспецифичните зафати во офталмологијата е третманот на задниот сегмент на окото, што е ваша специјалност. Кажете ни за каков здравствен проблем станува збор и како се дијагностицира . Тоа е едно широко поле кое опфаќа поголем број на заболувања на задниот сегмент на окото. Би ги издвоилa најчестите како што се крварењата во стаклестото тело, најчесто како последица од дијабетична ретинопатија, односно оштетувања на крвните садови како последица на нерегулиран дијабет. Потоа тука се одлепувањата на ретината кои се најчесто последица на периферни руптури настанати од дегенеративни промени на ретината, или пак од воспалителни промени на средниот очен сегмент. Дегенеративните промени на точката на јасен вид кои се поврзани со возраста се јавуваат во две форми, едната е сува форма доведува до постепено намалување на видот, а другата е влажната форма и доведува до побрзо намалување на централниот вид. Воспалителни процеси на очниот нерв исто така доведуваат до нагло намалување на видот. Туморозните процеси кои најчесто се јавуваат на средниот дел на окото т.н. увеа, потоа васкулопатиите кои се јавуваат најчесто во склоп на одредени системски заболувања и т.н. Дијагностицирањето на сите овие заболувања започнува со офталмолошки преглед на задниот сегмент со лупа на широка зеница. Прегледот се продлабочува со одредени дополнителни испитувања како што се ехографијата која е неопходна доколку се заматени структурите на предниот сегмент и стаклестото тело на окото па не ни дозволува увид во задниот сегмент/. ОЦТ или оптичка кохерентна томографија која е софистицирана имиџинг метода со која добиваме увид во анатомската градба на ретината на точката за јасен вид или главата на оптичкиот нерв и на тој начин добиваме увид во кој дел на ретината ни е патолошкиот процес. Флуресцинската ангиографија со која со помош на вбризгување на контраст во вена добиваме увид во крвните садови на ретината, односно во оштетувањата и локацијата на иститите. 4. Очната болница „Деница“, работи веќе три години, период во кој оваа установа се етаблира како проверен партнер во кој пациентите имаат доверба. Како гледате на работата на болницата до сега? Доколку имате одговорен, професионален, а притоа и хуман пристап кон пациентите, како што го има нашата болница, тие ќе ви вратат со доверба. Наш приоритет е високиот квалитет на услугите кои ги даваме. Не случајно се вели дека по губењето на животот, најтешко е губењето на видот. Затоа, нашиот тим, со голема сериозност и посветеност му приоѓа на секој пациент, притоа комбинирајќи го нашето искуство и светските протоколи за третирање на очните болести. 5. Медицината се развива со огромна брзина. Колку и како очната болница „Деница“ ги следи трендовите и какви се нејзините развојни планови? Трендовите ги следиме со редовни посети на регионални и светски симпозиуми и конгреси, но и со директен личен контакт со еминентни офталмолози во одредени субспецијалности, како заради размена на искуства, така и при решавање на диференцијално дијагностички дилеми во одредени случаи. Иднината на болницата ја гледаме во проширување на човечките и технички ресурси, а со тоа и збогатување на палетата на услуги кои ги нудиме. 6. Жителите на општина Карпош имаат поволности на услугите во Очната болница „Деница“. Да. Како општествено одговорен субјект, секогаш настојуваме да излеземе во пресрет на разни иницијативи, вклучувајќи ја и акцијата на општината Карпош со реализацијата на проектот „Мој Карпош“. Имено, „Деница“ уште во 2019 година, со стартот на овој проект им овозможи на жителите на Општината попуст од 5% на сите хируршки интервенции што се изведуваат во нашата болница. Особено задоволство ми претставува оваа соработка, затоа што детството и младоста ги поминав во Тафталиџе, па лично ме врзуваат убави спомени со овој дел од градот. 7. Кои совети би им ги дале на нашите читатели за да го сочуваат и да го унапредат видот? Посетувајте барем еднаш годишно офталмолог како превентивна мерка. Препорачувам одмарање на очите од континуирано гледање во екрани кои зрачат со сина светлина, подесете ги така што би се намалила светлината на истите и секако добро е да се носат очила кои ги одбиваат овие зраци. Би напоменала дека постојат и интраокуларни леќи кои се вградуваат наместо природната леќа при перде на очите кои содржат син филтер како заштита од сина светлина. Советувам и чести паузи од гледање во екрани бидејки се јавува чувство на суво око поради намаленото трепкање при гледањето во екраните. Секако тука се и прошетките на отворено кога е чист воздухот затоа што тие помагаат во одржувањето на здравјето на целиот организам вклучително и на очите.

Прочитај повеќе
Д-Р ЃОРЃИОСКИ: АМЕБЕН КЕРАТИТИС
blog

Д-Р ЃОРЃИОСКИ: АМЕБЕН КЕРАТИТИС

Амебен кератитис (во стручна литература познат под име Acanthamoeba keratitis) e ретка, но сериозна воспалителна болест на рожницата на окото која може да доведе до сериозни последици и слепило, а највеќе ги погодува луѓето кои носат контактни леќи. Во летните денови треба да се знае дека пливачите кои се носители на контактни леќи се најризична група за добивање на ова заболување (доколку се капат со контактните леќи). Што се акантамеби ? Акантамеби се ситни едноклеточни праживотни кои воглавно се наоѓаат во водениот систем на дивиот свет. Нивните главни живеалишта се езерата реките и морињата, иако се сé позачестени жители на базените и тушевите па дури и водата од чешма. Исто така ги пронаоѓаме во земјата, воздухот како и во уредите за греење, климатизација, прочистување и овлажнување на воздухот. Акантамебите со кератитисот се прв пат доведени во врска во 1973 год. кога меѓу заболените повеќе од 90% биле корисници на контактни леќи. Освен воспаление на рожницата, инфекцијата со акантамеба може да се манифестира и во потешки облици како што е зафатеност на мозокот, рбетниот мозок, како и појава на дисеминиран – проширен облик на болеста со зафатеност на повеќе органи и системи. Иако е самата болест ретка, акантамебата во облик на циста може да преживее со години во екстремни услови на околината (кога акантамебата се најде во неповолни услови како високи температури или суши таа преоѓа во цистичен облик за да се заштити самата себе, за да потоа кога ќе се најде во поволни услови да прејде во активен облик), поради што тој ризик не смее да се потцени. Начин на зараза и симптоми на болеста Иако и луѓето кои не носат контактни леќи можат да се заразат со акантамеба, сепак инфекцијата најчесто се поврзува со носителите на контактни леќи. Имено секоја леќа предизвикува благо оштетување на епителот на рожницата, па поради тоа доколку не се чисти редовно, голем број на причинители ( а меѓу нив и овој мал паразит ) може да продре во окото. Во најголема опасност се лицата кои се капат или тушираат со контактните леќи, но и оние кои ја занемаруваат хигиената на контактните леќи. Некои лица едноставно се опуштаат и не ги вадат или менуваат редовно контактните леќи, а посебен проблем настанува кога растворот за чистење и чување на контактните леќи се замени со обична вода од чешма. Во раните стадиуми на инфекцијата, клиничката слика на амебниот кератитис не е многу различна од обичните инфекции на очите. Симптомите кои можат да траат од неколку недели до месеци, воглавно се разликуваат од пациент до пациент и можат да вклучуваат болка, црвенило, замаглен вид, осет на страно тело во окото, преосетливост на светло и појачано солзење. Нелечен амебен кератитис може да доведе до тешка болка во окото и до потенцијално губење на видот, кое за жал се случува во голем број на случаите. Имено во обичен бактериолошки брис од очите, акантамебата не може да се открие, а поради сличноста на симптомите со другите воспаленија на окото во почетокот често се дава несоодветна терапија. Дијагноза и терапија Раната дијагноза е клучна за правилно лечење на амебниот кератитис. Прв чекор е сомневање на таа болест, посебно кај лица кои се носители на контактни леќи и кај кои е неодамна дијагностициран некој друг облик на кератитис (како вирусен кератитис или предизвикан од херпес), а кај кои препишаната терапија нема никакво влијание. За да се докаже акантамебата се зема брис од окото со стругање (scarping) на рожницата, а потоа материјалот се засадува на хранлива подлога која содржи Escherichiaа coli која и служи на акантамебата како храна. Во дијагностиката може да помогне и конфокалната микроскопија како и ланчаната реакција на полимераза (PCR). Терапијата на амебниот кератитис е долготрајна и често со неизвесен исход заради отпорната природа на цистичниот облик на паразитот. Денес се советува примена на локални катјонски антисептични средства како што се poliheksametilen bigvanid или hlorheksidin, со заедничко користење на препарати за смалување на болка (најчесто орални нестероидни антиреуматици). Самата терапија се продолжува и до година дена, а првите неколку месеци неретко е потребно да се користат капките за очи на секој час. За жал и покрај лекувањето, поради закаснетото поставување на точната дијагноза често доаѓа до губиток на видот, кога единствен начин на лекување преостанува трансплантација на рожница. Мерки на претпазливост кои се препорачуваат на носителите на контактни леќи за да се смали ризикот од појава на амебен кератитис (но и на другите инфекции на окото) се следните: o Редовни прегледи кај офталмолог на секои 6 – 12 месеци. o Користење и замена на контактните леќи точно спрема распоредот пропишан од офталмологот. o За време на носење на контактните леќи да се избегнува секаков контакт со вода (миење, бањање или туширање), а во случај леќите да се нужни во текот на бавење со водени спортови, задолжително се препорачуваат наочари за пливање или примена на еднодневни контактни леќи кои се фрлаат по излегување од вода. – Пред ракување со контактните леќи задолжително треба да се измијат рацете со сапун и вода и добро да се исушат. – Чистењето на котактните леќи треба да се одвива према упатите на производителот и по препораката од офталмологот. – Секогаш треба да се користи свеж раствор за чистење и дезинфекција на контактните леќи. – Контактните леќи треба да се чуваат во прикладни касетки, кои редовно треба да се чистат со стерилен раствор за чување и добро да се исушат на воздух. Касетките е препорачливо да се заменат на секои три месеци. д-р Сашо Ѓорѓиоски Текстот е објавен во летното издание на списанието „Наше Здравје“ на фармацевскиот бренд „Виа Фарм“

Прочитај повеќе
Д-Р ЃОРЃИОСКИ: АНТИ VEGF ТЕРАПИЈА
blog

Д-Р ЃОРЃИОСКИ: АНТИ VEGF ТЕРАПИЈА

Анти-VEGF терапија се користи за лекување на голем број состојби во очите кои предизвикуваат абнормален раст на крвните садови под макуларната зона на мрежницата. Инјекциите со анти-VEGF директно делуваат на васкуларниот ендоген фактор на раст (VEGF) кој се создава од ретината кога е изложена на одредени исхемични процеси. Тоа предизвикува формирање на несакани крвни садови во макулата со цел да самата да си помогне во исхраната, но тие крвни садови се со послаб ѕид и лесно предизвикуваат крварење. Анти-VEGF третманот мора да започне што е можно побрзо, пред новите крвни садови или едемот да предизвикаат премногу оштетување на макулата. Овој лек делува одреден временски период и мора да се повтори во одредени интервали со цел ефектот да биде целосен. Во случај на прекин на болеста, обично е потребно да се даде доза на одржување еднаш или двапати годишно. Употребата на инјекции кога болеста е во фаза на лузна нема смисла и не се препорачува. Анти-VEGF терапија е администрација на лекот во форма на интравитреални инјекции директно во стаклестото тело на заболеното око. Лекот се администрира во болус, одеднаш, а пациентот може да забележи облак или замаглување на лекот како лебди во окото. Апликацијата е безболна под локална анестезија. По апликација на инјекцијата, антибиотик се капнува во окото. Ако лекот ја покаже својата ефикасност, истата инјекција се планира за 4-6 недели. Ако нема ефект врз болеста, препорачливо е да се смени анти VEGF лекот. По инјекцијата, видот може да биде заматен неколку часа или неколку дена. Нема болка или крварење. Можноста за инфекција е многу ретка и се јавува 1: 1000. Интравитреалното вбризгување на анти-VEGF може да доведе до подобрување на видната острина. Изборот на видот на третманот се одлучува по офталмолошкиот преглед и офталмолошката дијагностика, а тоа зависи од локализацијата на промените, како и проценката на ризикот. Во моментов, анти-VEGF третман се користи за следниве состојби: – влажна дегенерација на макулата (влажен AMD); – дијабетичен едем на макулата; – макуларен едем предизвикан од оклузија на вена; – миопична хориоидна неоваскуларизација (миопичен CNV). Третман на сенилна дегенерација на макулата Влажниот тип на сенилна дегенерација на макулата се јавува во околу 10% од луѓето со дегенерација на макулата кај кои има значително губење на централниот вид, главно нагло, во рок од неколку дена или недели со карактеристично кривење на сликата. Губењето на видот е предизвикано од раст на новоформирани, неправилни крвни садови (хороидални неоваскуларизација) под мрежницата, што може да крвари или да доведе до оток на жолтaтa точка. Доколку не се лекува оваа форма на дегенерација на макулата, тоа може да доведе до губење на функцијата и лузни во макулата, што доведува до трајно губење на централниот вид. Влажната форма на сенилна дегенерација може да се третира со анти-VEGF терапија. Целта на третманот е да се уништат што е можно повеќе крвни садови и да се спречи понатамошно крварење и прогресија на губење на видот. Покрај тоа, термичките ефекти на ласерската терапија и фотодинамичката терапија (PDT) исто така го забавуваат текот на болеста, иако помалку ефикасно. Третман на дијабетична ретинопатија Нивото на VEGF е познато дека е покачено во стаклестото тело и мрежницата кај пациенти со дијабетична ретинопатија. VEGF ја зголемува пропустливоста на крвните садови, влијаејќи на протеините со тесна врска и се важен фактор во развојот на едем на макулата. Макулопатијата може да се појави истовремено со неоваскуларизација. Дали прво да се третира макулата или неоваскуларизацијата зависи од различни фактори, вклучувајќи ја возраста на пациентот и сериозноста на ретинопатија. Третман на централна ретинална вена оклузија Анти-VEGF терапија се користи за третман со цел да се намали отокот на жолтата точка. Овој тип на терапија е симптоматски, бидејќи не влијае на причината за болеста, туку само ги ублажува симптомите, односно го подобрува видот. Третман на миопна хороидална неоваскуларизација Новина во третманот на анти VEGF терапијата е и спречување на разраснување на нови крвни садови од хороидеата (анатомски дел од окото кој се наоѓа под ретината), кај високи и т.н. малигни миопии, кои се јавуваат поради исхемични процеси на ретината при брзо растење на окото. Меѓу анти-VEGF лековите најчести се: – Avastin® (bevacizumab) – Eylea® (aflibercept) – Lucentis® (ranibizumab) д-р Сашо Ѓорѓиоски Текстот е објавен во зимското издание на списанието „Наше Здравје“ на фармацевскиот бренд „Виа Фарм“

Прочитај повеќе
ДВЕ ГОДИНИ ДЕНИЦА
novosti

ДВЕ ГОДИНИ ДЕНИЦА

Пред 2 години, цврсто решени да создадеме Болница која во целост ќе ги применува највисоките офталмолошки стандарди, ја основавме Деница. Изминатиот период, со голема посветеност, врвните стручњаци беа дел од решението на проблемите на повеќе од 10.000 наши пациенти. На најмладиот Никола кој имаше само 6 месеци, на најстарата Благуна која имаше 98 години, како и на останатите пациенти од сите возрасти и краишта, успешно реализиравме повеќе од 20.000 дијагностички или хируршки интервенции. Заедно со вас, навраќајќи се на сите остварени заложби изминатите 2 години, ги поставуваме целите за во иднина! Продолжуваме уште посилно да ја јакнеме експертизата! Продолжуваме да инвестираме во уште посовремена технологија! Продолжуваме да бидеме синоним за беспрекорност и професионалност! 2 години Деница. Ви благодариме на довербата!

Прочитај повеќе
ГЛАУКОМ
blog

ГЛАУКОМ

Глаукомот претставува група на состојби кои предизвикуваат оштетување на оптичкиот нерв. Најчесто е поврзан со зголемен очен притисок во едното или двете очи и ако остане неоткриен и нетретиран доведува до постепено оштетување на видот и слепило. Глаукомот е втора најчеста причина за појава на слепило во светот. Може да се појави во секоја возраст, но најчесто се јавува во повозрасните групи. Видот изгубен од глауком не може да се поврати. Во случај на негово откривање, со редовните контроли и третман се спречува или пролонгира губењето на видот и затоа, најважна е раната детекција и откривање. Причини за појава на глауком Најчеста причина за појава на глаукомот е зголемениот очен притисок или окуларна хипертензија. Но, има случаи на негова појава и кај пациенти со нормален очен притисок. За да се одржи формата на окото и нормалниот очен притисок, одговорна е очната водичка која се создава во цилијарното тело на окото. Таа оди во предниот дел на окото, служи за исхрана на внатрешните делови на окото и одржување на неговата форма и се дренира надвор од окото преку еден систем наречен трабекуларна мрежа која се наоѓа во аголот што го формира ирисот со роговицата. Со рамнотежата помеѓу создавањето на очната водичка и нејзиното дренирање преку трабекуларната мрежа се одржува нормалниот очен притисок. Кога од некоја причина ќе дојде до затворање на иридокорнеалниот агол или запушување на трабекуларната мрежа, доаѓа до намалена дренажа на очната водичка и зголемување на очниот притисок. Овој зголемен притисок влијае на внатрешните слоеви на окото и доведува до оштетување на очниот нерв. Тоа зголемување може да биде постепено, а може да се појави и брзо. Раната детекција и третман на зголемениот очен притисок се клучни за спречување на појавата на глауком. Најчести причини за појава на зголемен очен притисок и глауком се: – фамилијарна историја на глауком и наследната предиспозиција; – болести како што се дијабетот и покачениот крвен притисок; – повреда на окото; – употреба на одредени медикаменти како што се кортикостероидите; – висока кратковидост или далекувидост; – возраст над 60 години. Најчести симптоми на глаукомот Најчести симптоми на глаукомот се: зголемен очен притисок, заматен вид, понекогаш црвенило на очите и очна болка, главоболка, гадење и повраќање. Овие симптоми можат да варираат во зависност од типот на глауком. Најчестиот тип на глауком нема рани знаци за предупредување. Затоа се важни рутинските очни прегледи. Тие се единствениот начин за рана детекција на глаукомот и спречување на трајното губење на видот. Кога пациентот ќе забележи дека има губиток на видот, веќе е предоцна. Изгубениот вид не може да се врати. Најпрво се губи периферниот вид, а потоа постепено слабее централниот вид, што може да доведе до слепило. Типови на глауком Постојат повеќе типови на глауком од кои најважни се: 1. Глауком со отворен агол. Овој вид на глауком е најчест. Иридокорнеалниот агол овде е отворен, меѓутоа, истекувањето на очната водичка е успорено и тоа доведува до зголемување на очниот притисок. Ако изостане третманот, ќе се оштети очниот нерв и постепено ќе се изгуби видот. 2. Глауком со затворен агол. Овој вид на глауком е поредок. Овде иридокорнеалниот агол е тесен и доаѓа до придвижување на ирисот кон напред и негово комплетно затворање. Може да се појави нагло, пропратен со симптоми како што се јака болка, изразено црвенило на окото, гадење и повраќање. Оваа состојба позната како акутен глауком претставува итна медицинска состојба која бара итен третман за да се спречи губењето на видот. 3. Нормотензивен глауком. Кај овој тип на глауком, кој што е поредок, доаѓа до оштетување на очниот нерв и намалување на видот, без притоа да има зголемен очен притисок. Причините за негова појава сеуште не се јасни, а може да бидат поради намалена перфузија на очниот нерв предизвикани од состојби кои ја нарушуваат циркулацијата. 4. Секундарен глауком. Овој вид на глауком е предизвикан од некоја друга очна остојба, повреда или болест. Може да се манифестира во форма на глауком со отворен или затворен агол. 5. Конгенитален глауком. Се јавува во најрана возраст како резултат на проблеми во развојот на окото или негова повреда. Дијагноза на глаукомот За дијагностицирање на глаукомот се прават повеќе испитувања. Најосновно е мерењето на очниот притисок или тонометријата. Таа може да ни даде насоки дали има глауком и дали постои ризик за развој на глауком, но не може сама по себе да утврди негово постоење. За утврдување на глаукомот потребни се и дополнителни испитувања, како што се периметријата или испитување на видното поле, со кое се гледа дали има и кој е степенот на оштетување на периферниот вид. Понатаму се прави гониоскопија – испитување на иридокорнеалниот агол, оптичка кохерентна топографија (ОЦТ), мерење на дебелината на роговицата – пахиметрија итн. Третман на глаукомот Глаукомот е болест која сеуште не може да се излечи. Меѓутоа, со терапија и редовни контроли, таа успешно може да се контролира. Третманот на глаукомот се состои од локална терапија во вид на капки кои имаат дејство на зголемување на дренажата на очната водичка или намалување на нејзиното создавање. Овие капки може да се даваат поединечно или комбинирано. Доколку и покрај терапијата очниот притисок не паѓа и има прогресија на глаукомот, може да се пристапи кон хируршки третман на глаукомот или селективна ласер трабекулопластика. Најважен третман на глаукомот е превенцијата односно откривање на болеста пред да предизвика сериозно оштетување на видот. Затоа, редовните очни прегледи, дури и тогаш кога видот е нормален, се есенцијални за раното откривање на глаукомот.

Прочитај повеќе
ГОЛЕМА ЕДУКАТИВНА СРЕДБА НА ДЕНИЦА И ВИА ФАРМ
novosti

ГОЛЕМА ЕДУКАТИВНА СРЕДБА НА ДЕНИЦА И ВИА ФАРМ

По повод светскиот ден на дијабетот, на 14.11.2019 година (четврток), од 12 до 15 часот, во просторот на ВИА Фарм аптека број 7, на ул. 7 Ноември 128, Охрид, д-р Сашо Ѓорѓиоски, офталмолог хирург од Специјалната очна болница „Деница“ ќе одржи презентација проследена со совети за влијанието на дијабетот врз очното здравје. Светскиот ден на дијабетот за прв пат се одбележува во 1991 година како одговор на зголемената загриженост од растот на овој здравствен предизвик кај луѓето во светот. Во 2006 година, пак, со усвојувањето на резолуцијата 61/225, Обединетите нации го прогласуваат за официјален ден и истиот го одбележуваат секоја година на 14 ноември, роденденот на сер Фредерик Бантинг кој заедно со Чарлс Бест, во 1922 година, го откриваат инсулинот. Оваа година Светскиот ден на дијабетот се организира под мотото: „дијабет – препознај ги знаците, заштити го семејството“. Специјалната очна болница „Деница“ и ВИА фарм аптеки како општествено одговорни субјекти, во континуитет спроведуваат најразлични едукативни настани што имаат за цел да придонесат за унапредување на свесноста на граѓаните за поголема здравствена грижа.

Прочитај повеќе
ХЕМИСКИ ПОВРЕДИ НА ОЧИТЕ - КАУСОМИ
blog

ХЕМИСКИ ПОВРЕДИ НА ОЧИТЕ - КАУСОМИ

Каусомите се повреди на окото од хемиски агенси, особено киселини или бази, при што структурите на окото, очните капаци, конјунктивата и рожницата најчесто се засегнати, но може да бидат погодени и подлабоките структури на очите. Киселините и базите најчесто доведуваат до каузоми. Од киселини, најчест причинител е сулфурна киселина (особено од акумулаторите), но се среќаваат и хлороводородна и оцетна, а многу ретко и други. Од базите денес, најчести се повредите со калиум хидроксид (гасена вар или малтер), а поретко: натриум хидроксид (жива сода) и амонијак. Овие повреди може да бидат случајни при работа во индустријата или дома, но, исто така, и намерно. Повредите предизвикани од бази се значително поопасни затоа што базите доведуваат до коликвациона некроза поради формирање на алкалалбуминат, што овозможува базата да навлезе во подлабоките слоеви на ткивото. Киселините предизвикуваат коагулациона некроза, како резултат на формирање на ацетабуминат, со што се создава еден вид лузна на површината на ткивото што спречува понатамошно навлегување на киселината во подлабоките слоеви на ткивото. Каусомите предизвикуваат некроза на ткивото што е оштетено, а на негово место доаѓа лузнесто ткиво, кое има изразена тенденција да се ретрахира (повлекува) и со тоа се создава лузна со различна големина. Како се манифестираат хемиски повреди на очите? Кај каусомите, знаците на повреда може да се видат и на очните капаци во форма на некротични промени. Сепак, големи промени се случуваат на конјунктивата и рожницата, особено во областа на отворот на очните капаци. Овие делови на окото се најмногу изложени на дејството на каустична материја што стигнува до окото. Оштетувањата се градуираат во четири степени одејќи од најлесен до најтежок облик. Конјунктивата е бледа по боја поради исхемијата (намалена прокрвеност), намалена чувствителност поради оштетување на сетилните нерви. Неуспехот да се воспостави васкуларизација доведува до појава на некроза Рожницата е без сјај, поради губење на епителот, и затоа се гледа заматено. Како се дијагностицира хемиска повреда на окото? Дијагнозата се поставува врз основа на анамнезата и локалниот наод при офталмолошки преглед. Како се третираат хемиски повреди на очите? Терапевтската постапка може да се подели во три фази: Прва фаза : прва помош што се укажува веднаш по повредата; Втора фаза : третман на еволутивните промени; Трета фаза : третман на последиците. Третманот во првата фаза е особено важен бидејќи интервенцијата мора да биде брза. Се состои од обилно испирање на очите на лице место. Испирањето треба да е обилно и се врши со вода, или со физиолошки раствор. За да се намали болката, се аплицира локален анестетик (1% тетракаин). Локалната анестезија му дозволува на лекарот да го преврти очниот капак и да ги отстрани преостанатите цврсти материи од хемиската супстанција со парче влажно памучно стапче или газа. Мидријатик (средство за ширење на зениците) се аплицира за да спречи реакција на ирисот (шареницата). Антибиотска маст се нанесува во окото за да се спречи секундарна бактериска инфекција и го намалува триењето помеѓу конјунктивата на очниот капак и рожницата. Потоа се аплицира аскорбит (вит.Ц особено при повреди со база), и капки вит.А+Д или некој гел за регенерација на епителот на рожницата. Не се врзува завој за да се спречи насобирање на секрет и некротичното ткиво под завојот и да се дозволат солзите да продолжат со природно миење на очите. Втората фаза на лекувањето има за цел да се локализира некрозата и да се регенерира оштетеното ткиво со што е можно помалку лузни. Локално, исто така, се аплицираат аскорбит, антибиотик, мидријатик и адевит капки (витамин А+Д). Испирањето на окото со физиолошки р-ор се уште се изведува. Во втората фаза на третман, се додаваат и капки кортикостероиди за да се спречи создавањето на лузни. За да се спречи појава на симблефарон (прираслица меѓу конјунктивата на капакот и окото), секој ден се проаѓа со стаклено стапче во форниксот (простор помеѓу капакот и окото). Третата фаза го опфаќа периодот кога промените се претворени во лузни. Во оваа фаза, третманот е најчесто хируршки. д-р Сашо Ѓорѓиоски Специјална очна болница „Деница“

Прочитај повеќе
ИНТЕРВЈУ НА Д-Р ВИОЛЕТА БУЧКОВСКА ЗА МИА
novosti

ИНТЕРВЈУ НА Д-Р ВИОЛЕТА БУЧКОВСКА ЗА МИА

На каков начин во едно вакво општество како нашето, кое повеќе години се наоѓа во една трансформација, се постигнуваат успеси и се станува лидер во својата област, особено како жена? Предизвикот за успех е личната мотивација, но тука е секако и среќата. Во секој случај, ако треба да бидам попрецизна, ќе кажам дека основата бездруго е соодветното образование и лично знаење во областа во која сме одлучиле да се фокусираме. На темелот на овој факт понатаму особено важен е еден склоп на околности поврзани со местото каде ќе работиме и ќе можеме да се докажуваме, потоа односот на претпоставените кон нас, нивната наклонетост кон нашите идеи и цели, идеи и амбиции и, секако, тука е и среќата. На самиот крај, наспроти споменатото, особено важни се фокусираноста, дисциплинираноста и работната упорност и истрајност. Свесна сум дека сето погоре истакнато можеби ќе звучи како клише, но навистина сметам дека тоа е така, односно дека станува збор за еден познат рецепт за успешност што им е достапен на сите. Јас ја имав таа среќа да се вработам на Клиниката за очни болести во Скопје. Првите години од мојот ангажман не можам да кажам дека беа особено успешни, најмногу поради фактот што не ми беше овозможено докрај работно да се ангажирам преку извршување на соодветните оперативни зафати. Сепак, за моја среќа малку подоцна бев ангажирана на едно друго подрачје од офталмологијата. Ја имав среќата да бидам прифатена од страна на проф. д-р Милица Иваноска, на која сум ѝ доживотно благодарна затоа што несебично ме воведе во широкиот свет на задниот очен сегмент. Нејзините совети, сугестии, поддршка и позитивна мотивација ми овозможија сосема слободно и со голема жар да навлезам во овој дел од офталмологијата. Ваков однос каков што имав јас за време на моето професионално растење во денешно време не знам дали може да се најде. Во оваа смисла, би сакала да додадам и дека е особено важно за секоја личност, но за здравствените работници особено – да се има чесен пристап кон работата и да се нема комерцијален пристап кон пациентите, бидејќи медицината ниту е ниту, пак, смее да биде претворена во единствено економска активност. Како жена, дали сте почувствувале дека во одредена ситуација сте ставени настрана или, пак, дискриминирани, потиснати од страна на спротивниот пол? – Не, никогаш не сум го почувствувала тоа. Како пример, се сеќавам дека јас и колегата Арнаудовски од страна на Клиниката за очни болести во Скопје бевме испратени на едукација за фако-хирургија, која тогаш се спроведуваше во Љубљана, и можам да речам дека односот секогаш бил сосема коректен. Можеби тоа е веројатно и до мене како личност, односно до мојата упорност и карактер. Имено, во животот никогаш не сум се повлекувала затоа што нешто било доживеано како машка обврска, а друго како женска обврска. Едноставно отсекогаш пристапот ми бил дека не постои поделба на работите од тој аспект. Како успевате да менаџирате со сите обврски? Вашата работа е мошне сериозна од една страна како очен хирург, а од друга страна е вашето семејство и ќерката. – Можам да речам дека јас малку подоцна од другите сум почнала повеќе професионално да се надградувам. Мојата ќерка Маја во тој период беше во средно училиште и веќе беше сосема независна од мене. Тогаш почнаа моите поголеми професионални ангажмани со подолги престои во Словенија, во Бугарија, како и на други места. Сепак, ако треба да бидам подиректна, би рекла дека со еден пријателски и искрен однос членовите на семејството можат да разберат дека еден работен ангажман е значаен за вас и осознавајќи го тоа, тие стануваат вашата најголема инспирација. Таа поддршка и разбирање од семејството потоа, секако, треба и да се надомести на некој начин, бидејќи мораме да подвлечеме дека не можеме да бидеме целосно реализирани доколку сме единствено професионално реализирани, односно доколку во приватниот дел се покаже дека сме неуспешни. Балансот и задоволството од професионалните, но и од семејните состојби бил и е мојот императив. Со многу жртви и посветеност се успева, но потоа и сатисфакцијата е многу поголема. Како го канализирате стресот по сериозни работни обврски? На пример, денеска имавте неколку операции. – Голема филозофија е како да се обработи и да се надмине стресот. Јас се сеќавам кога го напуштив јавното здравство и почнав да работам во приватниот сектор, по еден долг период од 20 години во државна служба, ми беше многу стресно. Операциите на заден сегмент на окото имаат многу различен исход, кој секогаш не зависи од операторот, туку зависи и од кондицијата на окото што го оперирате. Јас во почетокот имав голема грижа на совестa и мислев дека јас сум виновна ако е нешто неуспешно. Ми требаше еден подолг период тоа некако да го обработам. Професор д-р Ива Петкова од Бугарија, која доаѓаше во Скопје и со која соработував во тој период, а каде што и јас претходно одев на едукација во Софија, многу ми помогна во тој правец. Кога го видов нејзиниот пристап, како таа го менаџира тоа и како го обработува стресот, постепено започнав да градам соодветни заштитни механизми. Во оваа смисла, сфатив и дека искреноста со пациентите е исклучително важен елемент што ви гарантира поголем спокој во работата независно од тежината на проблемите, кои во хирургијата знаат да бидат огромни. Имено, особено значајно е однапред да им се каже на пациентите кои се очекувањата од одреден медицински проблем што тие го имаат. Спротивно на ова, пак, сметам дека е многу погрешно ако им ветувате многу на пациентите, а реално очекувањата се мали. Кога имате реален пристап, кога реално му кажувате на пациентот што може да добиете од тоа што ќе го направите, тогаш и вашиот стрес не е толку голем. Тоа е многу поедноставно и за пациентот да го поднесе и да знае што да очекува утредента кога ќе го отвори окото. Колку нашите граѓани внимаваат на здравјето на очите? – За жал, многу малку. Мал е бројот на луѓе кои сериозно пристапуваат и прават редовни контроли на очите, но и на сите други придружни параметри што влијаат на видот. Многу повеќе се оние што не внимаваат доволно. На пример, денеска имавме случај со еден повозрасен пациент, кој беше буквално слеп на двете очи поради присуство на катаракта, што во денешно време е незамисливо каде било во светот. Во Македонија за видот најчесто се загрижени луѓето кои многу или постојано читаат. Вие сте медицински директор на очната болница „Деница“. На што најмногу работите во моментот? – Најчесто се работат катаракти, аблации по две методи и витректомии кај дијабетичари поради тоа што кај нас компликациите од дијабетичната ретинопатија се многу често застапени. Уште од самиот почеток во нашата болница работите се поставени на тој начин што меѓу персоналот има комплетна соработка и меѓу колегите не постои никаква конкуренција. Во фокусот ни е пациентот, и ова не го зборувам формално, туку суштински. Секогаш, па дури и јас која сум со најголем офталмолошки стаж, кога имам некаков сомнеж го прашувам и се консултирам и со најмладиот колега. Кога ќе му укажете доверба некому, кога ќе му покажете дека верувате во него и дека не постои суета во релациите меѓу колегите, секогаш се постигнуваат резултати. Сите работи, без разлика дали станува збор за секојдневна организација или за стратегиско планирање, ги решаваме заедно и со разбирање. Во „Деница“ во моментов работат шест лекари, пет офталмолози и еден анестезиолог. Бидејќи нашите планови се долгорочни и размислуваме за перспективата, од оваа година имаме и двајца млади специјализанти, а се надевам дека и следните години ќе продолжиме со поддршка на млади лекари, кои својата иднина ја гледаат во современата офталмологија, бидејќи во нашата држава сè уште има одредени сегменти од офталмологијата што не се доволно развиени и тоа би можело да биде нивната голема шанса. Од аспект на технологијата и медицинската опрема, ги следиме сите светски трендови и не заостануваме зад големите центри. Извор: МИА https://bit.ly/2ADLQgK

Прочитај повеќе
ИНТРАВИТРЕАЛНИ ИНЈЕКЦИИ
blog

ИНТРАВИТРЕАЛНИ ИНЈЕКЦИИ

Интравитреалните инјекции , во денешно време, се едни од најчестите интервенции на окото, кои се извршуваат ширум светот, при што бројот на овие интервенции постојано расте. Се смета дека само во САД во 2016 год. се ставени повеќе од 6 милиони интравитреални инјекции и таа бројка со годините рапидно се зголемува. Од нивното појавување пред околу 10 години до денес, тие станаа основа за лекување на бројни очни заболувања, посебно на болестите на задниот дел на окото (ретината). Најчести заболувања, каде интравитреалните инјекции претставуваат основна терапија, согласно современите ставови и препораки се: сенилната макуларна дегенерација, дијабетичната ретинопатија и ретиналните венски оклузии. Воедно, овие болести претставуваат и водечки причини за слепило кај лица постари од 50 год. Пред појавата на овие инјекции, посебно на групата на лекови т.н. анти-VEGF агенси, не постоеше целна терапија со која што можеше да се запре влошувањето на видот кај овие пациенти, при што честопати болеста завршување со губење на видот на едното или на двете очи. Со појавата на оваа нова терапија, стана возможно не само да се спречи намалувањето на видот, туку во многу случаи и да се добие подобрување на видната острина кај очи со овие заболувања. Покрај претходно споменатите, овие инјекции се употребуваат и кај многу други состојби: тешки инфекции и воспаленија на окото (ендофталмити, увеити), одредени типови на глауком, дури и кај предвремено родени бебиња со промени на ретината (прематурна ретинопатија). Интравитреалната инјекција е процедура со која дирекно се аплицира лек во внатрешноста на окото, во витреалната празнина, која е исполнета со желатинозна течност. Целта на овие инјекции е лекот да може директно да делува на задниот дел на окото, односно на макулата (жолтата дамка на ретината), која претставува центар за јасно гледање и на тој начин да доведат до стабилизирање на состојбата и подобрување на видната острина. Најчести лекови кои се употребуваат за таа цел се т.н. аnti-VEGF агенси, кои го намалуваат пропуштањето на течност и крв од крвните садови, го намалуваат отокот во макулата и спречуваат раст на нови крвни садови, што претставува основна причина за намалување на видот кај овие болести. Освен нив, во внатрешноста на окото можат да се аплицираат и кортикостероиди, антибиотици, антивирусни лекови и др. во зависност од потребата и причинителот на заболувањето. Интравитреалните инјекции се аплицираат од страна на високо стручни лица – офталмолози, специјалисти за болести на ретина, во болнички услови. Интервенцијата се изведува во операциона сала во стерилни услови. Пред ставањето на инјекцијата, во окото се аплицираат капки со цел да не се чувствува болка. Лековите се аплицираат со многу мала игла низ белката на окото, при што пациентот може да почувствува притисок на окото, но не и болка. Целата процедура заедно со припремата трае околу 10 минути, после што пациентот е слободен веднаш да си оди. После интервенцијата пациентот ќе треба да користи антибиотски капки, најчесто во траење од 1 недела, со цел да се спречи појава на компликации (инфекции) на окото. После 1 недела и 1 месец од интервенцијата се извршуваат контролни прегледи со цел да се процени ефектот од инјекцијата и да се направи план за натамошниот третман. Анти-VEGF агенсите обично на почетокот се аплицираат во серија од 3 инјекции на растојание од 6 недели, со цел да се постигне одредена концентрација на лекот во окото (loading dose), што според досега спроведените истражувања е најоптимален начин за подолгорочно стабилизирање на видната острина. Натамошни инјекции се даваат зависно од потребата, земајќи ги во предвид видната острина и наодот на очното дно. За таа цел, покрај основниот преглед, најчесто треба да се направат и дополнителни испитувања: OCT (оптичка кохерентна томографија) и флуоресцинска или OCT aнгиографија на ретината. Кај хроничните болести, како што се макуларната дегенерација, дијабетичниот макуларен едем и ретиналните венски оклузии некогаш се потребни чести контроли и повторни инјекции со цел да се спречи намалувањето на видната острина. Во денешно време се спроведуваат бројни студии со цел да се изнајдат нови лекови, кои ќе имаат подолготрајно и поефикасно дејство со цел зачувување на видот кај овие пациенти. д-р Билјана Ивановска Аџиевска Текстот е објавен во есенското издание на списанието „Наше Здравје“ на фармацевскиот бренд „Виа Фарм“

Прочитај повеќе
КАКО ДА ГИ ЗАШТИТИМЕ НАШИТЕ ОЧИ ВО ЛЕТО
soveti

КАКО ДА ГИ ЗАШТИТИМЕ НАШИТЕ ОЧИ ВО ЛЕТО

Почна долгоочекуваното лето, а со него и зголемената изложеност на ултравиолетови зраци. Затоа медицинските специјалисти редовно предупредуваат за опасностите од долгото изложување на сонце. Често постои верување дека сончевата светлина предизвикува моментални нарушувања на очите, како што се солзење, заблеснување и пецкање, а помалку е познат долготрајниот штетен ефект врз очите. Многу болести на очите кои се проследени со губење на видот, а за кои верувавме дека биле резултат на наследни или непознати фактори, биле предизвикани од влијанието на сончевата светлина врз различното ткиво на окото. Со цел да се спречат непријатните состојби и непоправливите оштетувања на очите, потребно е од најрана возраст да се примени соодветна заштита на очите од сонцето. Во текот на летото постои особено силен одраз (рефлексија) на УВ зраците од површината на морето, песок и чакал, односно за време на летување на море. На надморска височина од 2000 метри и повеќе, УВ зрачењето е двојно повисоко од нивото на морето, така што излетниците, планинарите и луѓето кои работат во таква средина се повеќе изложени на овие зраци. Краткорочното и интензивно изложување на очите на сонце може да предизвика акутни промени на корнеата, како што е т.н. сончев кератитис што се јавува како резултат на изгореници на окото. Нарушувањато се манифестира со болка, жарење, пецкање, солзење и црвенило на окото со оток на капаците и привремено заматен вид. Долгорочната изложеност на сонце може да предизвика дегенеративни промени во корнеата и последователно губење на видот. Исто така, не се ретки и промени на конјунктивата во облик на жолчкасти наслаги, „pinguecula или pterygium“ (надворешно перде) што можат да предизвикаат пречки како што се црвенило, иритација и често го нарушуваат естетскиот изглед на окото. Се забрзува и развојот на замаглување на леќата, т.е. појавата на катаракта веќе во рана средна возраст на животот, а на мрежницата (ретината) може да настане дегенерација на жолтата точка (точката на најјасниот вид) што доведува до трајно и неповратно оштетување на видот. Дури и краткорочното гледање директно во сонцето без никаква заштита може да доведе до појава на т.н.соларна макулопатија односно краткотрајно или трајно оштетување на жолтата точка. Најдобра заштита на очите од сончевите зраци · Очилата за сонце кои го блокираат УВ зрачењето обезбедуваат најдобра заштита во текот на целата година. · Со носење шапка можете да ја намалите директната експозиција и заблеснувањето на очите од сонцето. Се препорачува да се носи шапка со посветли бои за деца и возрасни, особено во времето на најсилното УВ зрачење помеѓу 10 и 16 часот. Ефикасноста е околу 50%, бидејќи не обезбедува заштита од рефлектирачките сончеви зраци. · Контактни леќи со УВ филтер се препорачуваат да се носат во комбинација со очила за сонце. Самите не обезбедуваат УВ заштита на сите делови на окото и не го намалуваат чувството на заблеснување на очите. · Капките за очи (вештачки солзи) го влажнат окото и ги испираат нечистотиите со што помагаат да се одржи заштитниот солзен филм кој се намалува поради високата температура и ветерот. Неквалитетниот солзен филм предизвикува сушење на површината на очите, што доведува до појава на црвенило, печење и гребење на окото. Како да се изберат вистинските очила за сонце? · Обликот на очилата треба да се приспособи на обликот на лицето. За летото препорачуваме модели со поголеми стакла, заоблени од страната, за да штитат и од рефлектирачките зраци. · Материјалот на стаклата мора да биде со висока оптичка чистота, лесен, флексибилен и отпорен на гребење. Може да се направи од стакло или пластика, а исто така можат да се направат и со диоптрија. Поликарбонатните стакла се препорачуваат за луѓе кои се занимаваат со спорт бидејќи се поотпорни на кршење. Фотоосетливите стакла го менуваат интензитетот на затемнување во зависност од интензитетот на светлината и се погодни за возење. Поларизираните стакла и антирефлексните слоеви го намалуваат отсјајот и се погодни за возење и спортови на вода. Стаклата со ефект на огледало значително го ограничуваат количеството на светлина што влегува во окото, со што полесно се гледа. · Бојата на леќата најчесто е сива, сивосина, зелена и кафеава и се избира според намената и вкусот. Важно е да се напомене дека степенот на затемнување на стаклото не влијае на заштитата од УВ зраците. Како да знаеме дека очилата за сонце обезбедуваат целосна УВ заштита? За избор на соодветни и квалитетни очила кои обезбедуваат целосна УВ заштита, најдобро е да се консултирате со професионален тим во офталмолошки ординации, оптики, аптеки или специјализирани спортски продавници. Се препорачува да се изберат очила за сонце кои нудат 100% или 99% заштита од УВА и УВБ зрачење, а потребно е да побарате декларација во која производителот ги наведува карактеристиките на стаклото и го гарантира квалитетот на производот. Налепницата УВ 400 покажува дека сите сончеви зраци со бранова должина до 400 нанометри (сите УВА и УВБ зраци) се блокирани. Дали децата треба да носат очила за сонце? На децата им требаат очила за сонце со 100% УВ заштита и од најмладата возраст треба да се навикнуваат за носење, бидејќи поминуваат многу повеќе време надвор од возрасните. Не купувајте им на децата неквалитетни очила, пластични и темни, без филтер, бидејќи поради затемнувањето, нивните зеници ќе се прошират за да пропуштат повеќе светлина и со тоа директно се зголемуваат штетните ефекти на сончевите зраци. Доенчињата и многу малите деца кои не можат да носат очила за сонце не треба да се изложуваат директно на сонцето во периодот од 10 до 16 часот. Најдобро е да се изнесат во длабока сенка за да се заштитат од рефлектирачките зраци. Текстот е објавен во магазинот „Наше Здравје“ на фармацевтскиот бренд „Виа Фарм“.

Прочитај повеќе
КАКО ДА ГИ ЗАШТИТИМЕ ОЧИТЕ ОД НЕПРИЈАТНАТА ПРОЛЕТНА АЛЕРГИЈА?
soveti

КАКО ДА ГИ ЗАШТИТИМЕ ОЧИТЕ ОД НЕПРИЈАТНАТА ПРОЛЕТНА АЛЕРГИЈА?

Колку и да нè привлекуваат сонцето и пролетните температури да излеземе надвор, за голем број луѓе доаѓањето на топлите денови значи и борба со алергии. Тие најчесто се јавуваат со доаѓањето на пролетта. Очи што солзат, црвенило, чешање, главоболка се само дел од симптомите на алергијата на очите. Алергиските болести денеска се категоризираат во болести на модерното време и сè повеќе добиваат карактеристики на пандемија. Се смета дека околу една четвртина од светската популација е алергична на некоја супстанција и, поради тоа, страда од некаква алергиска реакција. Алергијата на очите е едноставна за препознавање: црвени очи, потечени капаци, чешање и солзење на очите, кивање и течење на носот. Како настанува алергијата и кои се нејзините причинители? Појавата на алергии значи дека е нашиот имунолошки систем пречувствителен и неадекватно реагира на инаку безопасни супстанции. Имунолошкиот систем кој уредно функционира нè штити од болести така што ги уништува штетните микроорганизми кои влегуваат во организмот. За жал, кај алергиите нападот од инаку безопасните супстанции (алергени) како полен, прашина, животински влакна, храна или лекови предизвикува воспаление. Очите реагираат на алергените што ги иритираат со што настанува реакција кај нив. Алергијата на очите, исто така, може да биде предизвикана од одредени козметички производи или капки за очи, вклучувајќи ги и вештачките солзи за суви очи што содржат конзерванси. Алергијата на одредена храна или на пример, на убод од пчела или од други инсекти, во принцип не влијаат толку интензивно на очите, како што е тоа случај кај алергиите на полен, мувла и кpлежи. Практични совети како да ги намалите симптомите на алергија на очи Избегнувајте алергени. За време на висока концентрација на полен во воздухот, што помалку отворајте ги прозорците во домот или во автомобилот, избегнувајте го излегувањето рано наутро (најмногу полен се отпушта околу 5 часот наутро), како и излегувањето во текот на сончевите и ветровитите денови во текот на цветањето на растенијата. Кога ќе се вратите дома, соблечете ја облеката што сте ја носеле надвор и измијте ја косата. На лица што боледуваат од поленска грозница може да им помогне и редовно испирање на носот со физиолошки раствор и користење на вештачки солзи за очи без конзерванси. Избегнувајте миризливи освежувачи на просторот, како и миризливи свеќи. Новите истражувања покажуваат дека ги влошуваат симптомите на алергиската реакција. Не ги тријте очите. Користете вештачки солзи без конзерванси и ставајте ладни облоги на очите за да го намалите воспалението и концентрацијата на алергени во очите. Избегнувајте облоги од камилица, мед и слични производи! Извадете ги контактните леќи. Имајќи во вид дека контактните леќи на својата површина можат да привлечат алергени, размислете за опција на носење на диоптерски очила во текот на сезоната на алергии. Друга опција е да носите дневни контактни леќи што се фрлаат по секое носење, за да се избегне собирање на алергени на контактните леќи. Лекови. Во случај на силен алергиски конјуктивитис потребно е да отидете кај офталмолог. Лечењето може да вклучи антихистаминици или противвоспалителни капки за очи, стероидни капки за очи (кај сериозни случаи) Доколку чешањето, отоците и другите симптоми на алергија се влошуваат, веднаш посетете офталмолог. Не користете кортикостероиди или други противвоспалителни лекови без надзор на лекар, бидејќи истите можат да бидат штетни по вашето здравје! Понекогаш е тешко да се направи разлика помеѓу алергиски и инфективен конјуктивитис, особено во периодот на поленската грозница кога црвените и солзливи очи се заеднички симптом. Доколку е црвенилото изразено само на едното око, тогаш се мали шансите да станува збор за алергиски конјуктивитис. Важно е да се нагласи потребата веднаш да се обратите кај вашиот офталмолог доколку чувствувате болка во окото, имате изразена осетливост на светлина, ако е намалена видната острина, бидејќи ова не се симптоми на алергиски конјуктивитис. Текстот е објавен во магазинот „Наше Здравје“ на фармацевтскиот бренд „Виа Фарм

Прочитај повеќе
КАКО ДА ГО ЗАЧУВАТЕ ЗДРАВЈЕТО НА ВАШИТЕ ОЧИ? НАЈВАЖНИ СОВЕТИ ОД ОФТАЛМОЛОЗИТЕ
soveti

КАКО ДА ГО ЗАЧУВАТЕ ЗДРАВЈЕТО НА ВАШИТЕ ОЧИ? НАЈВАЖНИ СОВЕТИ ОД ОФТАЛМОЛОЗИТЕ

Вашите очи се вашите прозорци кон светот, затоа нивното здравје треба да биде приоритет. Денешниот начин на живот, долгото изложување на екрани, загадувањето и возраста можат да влијаат на видот.

Прочитај повеќе
КАКО ДА ЈА ПОБЕДИТЕ КАТАРАКТАТА?
soveti

КАКО ДА ЈА ПОБЕДИТЕ КАТАРАКТАТА?

Единствениот начин за лекување на катаракта е хируршко отстранување и имплантирање на вештачка интраокуларна леќа. Интервенцијата трае 20на минути, потполно е безболна, се врши со помош на локална анестезија и уште истиот ден се напушта болницата. Постојат два начина на операција на катаракта: – Ултразвучна операција на катаракта (факоемулзификација) . Факоемулзификацијата е техника на ултразвучна хирургија каде што, користејќи модерна технологија со ултразвучна сонда, низ мал рез од 2 милиметри, катарактата се крши (дроби), се всисуваат искршените делови и се поставува флексибилна леќа со претходно утврдена јачина и дизајн во зависност од животните навики на пациентот. Операцијата се изведува во локална анестезија, и е целосно безболна, се врши под микроскоп и трае околу дваесет минути. Ваквиот тип на операција оди со брзо закрепнување на пациентот, бидејќи нема потреба од ставање на шавови. – Екстра капсуларна екстракција на катарактата, хируршка операција со поголем рез на корнеа . Оваа техника се практикува кај тврди и комплицирани катаракти каде се очекуваат повеќе компликации доколку се употреби ултразвучно отстранување на катарактата. По отстранувањето на катарактата се поставува флексибилна леќа со претходно утврдена јачина и дизајн во зависност од животните навики на пациентот. Операцијата се изведува во локална анестезија, и е целосно безболна, се врши под микроскоп и трае околу дваесет минути. Овој тип на операција оди со побавно закрепнување на пациентот, бидејќи ќе има потреба од ставање на шавови. Врвниот тим на офталмолози во Деница, со користење на најсовремена апаратура, ќе се погрижи повторно да имате кристално јасен вид. Закажете преглед на 02/3068-288. Затоа што вашите очи го заслужуваат најдоброто.

Прочитај повеќе
КАТАРАКТА (ПЕРДЕ) – НАЈЧЕСТО ПОСТАВУВАНИ ПРАШАЊА
blog

КАТАРАКТА (ПЕРДЕ) – НАЈЧЕСТО ПОСТАВУВАНИ ПРАШАЊА

Што е катаракта? Катаракта (во народот познато како перде) е заматување на природната леќа, која се наоѓа внатре во окото. Тоа ја спречува светлината нормално да продре во окото и заради тоа може да предизвика намалување на видот и осетливост на окото на светлина. Доколку имате над 50 години и сте приметиле замаглување на видот, можно е да имате катаракта. Тоа е честа состојба кај повозрасни лица и може да се третира од страна на очен лекар со операција. Заради што се јавува катаракта? Постојат неколку типови на катаракта: · Сенилна (кај повозрасни лица) . Тоа е најчеста причина и се јавува со тек на годините заради промени во составот на природната леќа на окото. · Вродена (конгенитална) . Тоа е состојба кога катарактата е присутна уште при раѓањето на бебето или се развива во тек на раните години. Може да биде предизвикана од инфекција, повреда, нарушен развој во матката и др. · Секундарна . Овие катаракти настануваат како последица на други болести, како на пример дијабет, реуматски/ автоимуни болести, воспаленија на окото и др.. Можат да бидат последица и на токсични супстанци, ултравиолетово зрачење, радијација или одредени лекови (кортикостероиди, диуретици и др.) · Трауматска . Оваа катаракта настанува како последица на повреда на окото. Кои се симптомите? Катарактата обично споро се развива и може и да не приметите дека ја имате се додека не се развие повеќе и почне да ја блокира светлината. Тогаш може да приметите: · Замаглен или намален вид; · Кратковидост (потреба од очила за далеку со минус диоптрија кај постари лица кои претходно не носеле такви очила); · Промена во начинот на кој се гледаат боите; · Проблеми при возење ноќе (појава на одблесоци и халоа околу светлосни извори); · Појава на двојно гледање (дупли слики); · Проблеми со постоечките очила (со ниедна диоптрија не се добива добар вид како порано). Како се дијагностицира? Очиот лекар ќе направи комплетен преглед, при што ќе се провери видната острина, очниот притисок, ќе бидат ставени капки за ширење на зениците со цел да се одреди типот на катарактата и да се видат другите делови на окото (очното дно). Доколку е потребно, ќе бидат направени и дополнителни испитувања (снимки на окото) – ехографија, компјутерска томографија на очното дно (OCT), биометрија и др. Каков е третманот? Доколку вашиот вид не се подобрува со очила и се утврди дека постои катаракта која пречи во секојдневното функционирање, ќе биде препорачан оперативен зафат (хирургија на катаракта). Оваа интервенција е еднодневна хирургија, што значи дека истиот ден ќе си одите дома. Во тек на операцијата ќе бидете свесни, бидејќи се прави со локална анестезија (со капки во окото). Интервенцијата трае обично околу половина час. Очниот хирург низ мал рез на окото (помал од 2mm) ја вади природната леќа со микрохируршки инструменти со фако-метода, што значи дека леќата се разбива со помош на ултразвук и потоа се отстранува од окото со аспирација. На нејзиното место внатре во окото, зад шареницата, се поставува вештачка леќа, која повеќе не се вади, не се менува туку останува во окото доживотно. Повеќе од 95% од луѓето кои ја правеле оваа интервенција имаат добро искуство и после неа имаат подобар вид. Доколку има катаракта во двете очи, не се прави операција во истиот ден, туку се чека неколку дена или недели за оперираното око да закрепне од операцијата. Дали треба да се чека катарактата/ пердето „да узрее“? Не. Ова е честа заблуда кај пациентите и верување останато од минатото кога катарактата се оперирала со сосема поинаква метода. Во денешно време кога се оперира со фако-метода, многу е поедноставно и побезбедно катарактата да се оперира додека не е многу напредната. Тогаш самата операција се одвива многу полесно и побрзо, завршува со многу помалку компликации и со многу побрзо опоравување на видот после операцијата. Што после операцијата? Веднаш после операцијата очниот лекар ќе ви препише терапија (капки и масти) кои ќе треба да ги ставате дома во оперираното око неколку недели (обично 1 месец). Во првите неколку дена после операцијата можно е окото да ви биде осетливо, да солзи, видот да ви биде замаглен или да ви пречи силна светлина. Обично во тек на првата недела не се препорачува да возите, да работите наведнати подолго време или да подигнувате тежина, ниту пак да правите било каков притисок на окото. Веќе после 8 недели оперираното око се смета за целосно заздравено. При тоа сепак не очекувајте да имате перфектен вид, можеби за одредени прилики сепак ќе треба да употребувате наочари. Дали можат да настанат компликации? Бидејќи во медицината генерално не постои 100% „гаранција“, како и при секој хируршки зафат, така и кај оваа интервенција, може да се појават одредени несакани ефекти. Несаканите ефекти и компликациите кај оваа операција се исклучително ретки и се јавуваат во помалку од 1%. Најголем дел од нив се менаџираат едноставно, со ставање на капки во окото, за посериозните некогаш е потребен уште еден оперативен зафат. Дали може катарактата повторно да се појави во оперираното око? Не, бидејќи природната леќа е веќе отстранета од окото. Некогаш, после операција на катаракта се случува после неколку месеци видот повторно да се замагли. Тоа настанува заради тоа што капсулата на леќата – делот од окото каде што е поставена вештачката леќа почнува да се заматува, да фиброзира. Во тој случај очниот лекар препорачува процедура (YAG ласер), која не е операција, трае неколку минути и е безболна. Со неа се прави отвор на касулата во која е поставена вештачката леќа и со тоа повторно се избиструва видот Дали може да се спречи појавата на катаракта? Катактата е најчеста причина за намалување на видот, посебно кај лица постари од 60 год. Не постои начин да се спречи нејзиното формирање и напредување, но некои животни навики можат ја намалат веројатноста таа да се појави. Тоа се на пример: · носење на наочари за сонце со UV заштита; · консумирање храна богата со антиоксиданси; · престанување со пушење; · умерено консумирање алкохол; · одржување на нормално ниво на шеќерот во крв; · редовни очни прегледи еднаш годишно.

Прочитај повеќе
КЕРАТОКОНУС, ПРИЧИНА ЗА ЛОШ ВИД КАЈ МЛАДИТЕ
blog

КЕРАТОКОНУС, ПРИЧИНА ЗА ЛОШ ВИД КАЈ МЛАДИТЕ

Што е кератоконус? Како што може да се заклучи и од самото име, кератоконус претставува заболување на корнеата (керато) каде настанува истенчување на нејзините слоеви, а во напреднатите стадиуми, целата корнеа добива изглед на „конус“. Од досега направените истражувања, највеќе во САД, е смета дека зафаќа 1 на 2000 луѓе. За жал, кератоконусот е заболување на млади луѓе, кое најчесто започнува во пубертет, а прогресира во триесетите години. На кој начин влијае на видот? Корнеата (рожница) е предниот проѕирен дел на окото, кој има наголема прекршувачка моќ од сите слоеви на окото, односно најголем дел од диоптриската моќ на окото доаѓа од корнеата, па од таму и дека нарушувањата на корнеата, без разлика дали се работи за нејзината прекршувачка моќ или е нарушена нејзината провидност, се едни од главните причини за намалување на видот во сите возрасти. Причината за кератоконус сеуште не е разјаснета, иако се смета дека постои предизпозиција уште од раѓање, а една од причините која се спомнува во литературата е често триење на очите од детска возраст, најчесто заради алергија на очите. Во секој случај настанува губење на колагенот во корнеата, кој пак е главната структура на стромата на корнеата, а понатаму од таа причина настанува истенчување по цела дебелина. Дали постојат ризик фактори? Како ризик фактори во литературата се споменуваат: генетските фактори, односно фамилијарната историја за кератоконус, а може да се јави и во склоп на системски нарушувувања, на пример Даунов синдорм. Друг ризик фактор се хроничните воспаленија на окото, кои може да допринесат за деструкција на колагенското ткиво. Честото триење на очите, кое веќе го споменавме, се смета дека допридонесува до ослободување на ензими – колагенази, кои го разградуваат колагенот. Како ризик фактор е и возраста, односно се јавува кај млади пацеинти, адолесценти, напредува до триесетите години и потоа стагнира. Кои се симптомите? Најчесто на почеток пациентите се асимптоматски, а како ран симптом може да биде заматување на видот или константно „нејасен“ вид и покрај променетите очила. Обично тоа се луѓе кои носат минус диоптрија и каде и покрај покачената диоптрија на последните прегледи, видот сепак останува заматен. Пациентите имаат и потешкотија за гледање навечер, како и халоа околу извори на светлина. Многу се сензитивни на светлина, особено на силна светлост, како сонце или светилка. Понекогаш може да чувствуваат иритација на очите и блага болка. д-р Маја Иванова Цеков Специјална очна болница „Деница“

Прочитај повеќе
КРАТКОВИДОСТ КАЈ ДЕЦАТА
blog

КРАТКОВИДОСТ КАЈ ДЕЦАТА

Според американските офталмолози, децата што поминуваат многу време во затворен простор пред компјутерите и другите електронски уреди, се изложени на поголем ризик од развој на кратковидост (миопија). Патем, на глобално ниво бројот на млади луѓе што страдаат од миопија е скоро двојно зголемен во последните 50 години . Се смета дека зголемувањето на бројот на луѓе со кратковидост (миопијата) е резултат на: – Прво, прекумерното време поминато во близина на електронските уреди и – Второ, намалувањето на времето кое се поминува на отворен простор со природна светлина. За жал, сведоци сме дека, во последните 10 години, децата поминуваат сé повеќе време во своите домови окупирани со мобилните телефони, таблетите и компјутерите. Особено опасно за видот е играњето на игри, гледањето на видео содржини, како и читањето на вакви уреди, бидејќи, на тој начин, очите на децата се многу блиску до тие уреди, при многу слаба осветленост на просторијата. Се разбира, секој може да биде кратковид, но кратковидоста е почеста кај деца чии родители се, исто така, кратковиди. Освен тоа, кратковидоста е многу почеста во индустријализираните и урбаните области отколку во руралните области. Околу 42% од луѓето во целиот свет на возраст помеѓу 12 и 54 години се кратковиди. Иако миопијата не е реверзибилна, па дури и незапирлива, нејзината прогресија сепак може да се забави преку постојано носење на корекционите наочари или контактните леќи, како и преку редовни офталмолошки прегледи. Постојат и одредени вежби на очните мускули кои се прават со цел да се релаксира окото од напрегнатоста на очната мускулатура при гледање на близина. Последното, поради една теорија која кажува дека причина за растот на кратковидоста е притисокот што го вршат очните мускули на окото при работа на близина. Се препорачува децата што поминуваат многу време пред компјутер или други електронски уреди да направат пауза од 20 секунди на секои 20 минути, при што ќе гледаат во далечен предмет. д-р Сашо Ѓорѓиоски Специјална очна болница „Деница“

Прочитај повеќе
МАЛИ ПРОБЛЕМИ СО ВИДOT
blog

МАЛИ ПРОБЛЕМИ СО ВИДOT

Што се мали проблеми со очниот вид? Во оваа категорија спаѓаат: – Црвени очи; – Суви очи; – Иритација и воспаление на окото; – Невообичаен исцедок од окото или постојано насолзено око; – Гледање светла; – Внатрешно растечки трепки; – Неодамнешно и ненадејно губење на видот; – Туѓо тело во окото. Секој од овие проблеми, иако се смета за мал, најдобро е да биде третиран навремено, со цел да не прерасне во поголем проблем кој можеби не може да се излечи.

Прочитај повеќе
МАТНИНИ ВО СТАКЛЕСТОТО ТЕЛО
blog

МАТНИНИ ВО СТАКЛЕСТОТО ТЕЛО

Стаклестото тело е хомогена, транспарентна, безбојна маса во состојба на колоиден гел. Предниот дел е ограничен со леќата, зонулите на ZInni и цилијарното тело, а во задниот дел со ретината (мрежницата). На предната страна има вдлабнатина (fossa patellaris s. hyloidea) во која лежи задниот дел на леќата. Задниот дел лежи на мрежницата со која е цврсто прицврстен само во пределот на назбената линија (orra serata) и на папилата на очниот нерв. Поголемиот дел од стаклестото тело се состои од вода, 98-99%, а остатокот се органски материи и електролити, како и колагенски влакна, хијалуронска киселина и други протеини. Во стаклестото тело нема крвни садови или нерви. Улогата на стакленото тело е да обезбеди облик на очното јаболко, цврста потпора со внатрешните слоеви на окото и транспорт на кислород од крвните садови на задниот дел од окото до неговите предни делови. Кај младите луѓе, стакленото тело е целосно транспарентно. Во текот на животот, кај некои луѓе порано, а кај некои луѓе покасно се појавуваат физиолошки заматувања кај народот познати како “мушички” (лат. Muscae volitantes, floaters). Ова се заматувања во различни форми (како подвижни траки, кончиња, мушички, пајачиња итн.), најдобро воочливи кога се гледа кон светла позадина (бел ѕид, небо, вода…). Овие заматувања не се третираат, тие не претставуваат закана за нашиот вид, и со текот на времето нашиот мозок се навикнува на нивното постојано присуство во видното поле и почнува да ги игнорира. Меѓутоа, неретко се случува замаглувањата на стакленото тело да се знак на сериозни очни болести како што се воспаление, одвојувања на слоевите на очното јаболко или аблација (одлепување) на мрежницата (на оваа по видот опасна појава понекогаш и претходат трепкање на светлината како молња или фина промена во видното поле во вид на чад или расфрлани точки, кои се предупредувачки знаци). Матнините на стаклестото тело исто така може да бидат знак на крварење и повреди во внатрешноста на окото, болести на крвните садови на окото, а исто така може да бидат резултат на болести на други органи како што се дијабетес и нерегулиран висок крвен притисок, крвни болести, таложење на патолошки или акумулирани нормални крвни молекули. Ако видите зголемувања на бројот на лебдечките честички, понекогаш придружени со светлосни трепкања и заблеснувања, треба веднаш да побарате офталмолошки преглед. Што предизвикува светлосни трепкања и заблеснувања? Обично, светлината што влегува во окото ја стимулира мрежницата. Ова создава електричен импулс, кој се пренесува преку очниот нерв кон мозокот. Тогаш мозокот го толкува овој импулс како светлина или некој вид на слика. Ако мрежницата е механички стимулирана (физички допир), сличен електричен импулс се испраќа до мозокот. Овој импулс потоа се толкува како “треперење” на светлината. Некои луѓе имаат трепкачки светла што се појавуваат како назабени линии или “топлински удари” во двете очи, често во траење 10-20 минути. Овие типови заблеснувања обично се предизвикани од грч (спазам) на крвните садови во мозокот, кој се нарекува мигрена. Ненадејната појава на овие симптоми може да значи дека стаклестото тело во некој свој дел повлекува дел од мрежницата и може да доведе до појава на раскин или руптура во тој дел на мрежницата. Ако дојде до руптура, т.е. до раскин на мрежницата, стаклестото тело може да влезе во отворот и да доведе до одвојување, односно до ретинална аблација. Во случај на аблација на мрежницата, треба да се делува што е можно побрзо, за да може офталмохирургот да ја врати ретината назад во првобитна положба и да воспостави видлива функција, бидејќи во спротивно може да се појави целосна и неповратна загуба на видот. Сериозни состојби поврзани со лебдечките честички вклучуваат: – аблација на ретината; – расцепи на мрежницата; – крварење во стаклестото тело; – воспаление на стаклестото тело или мрежницата предизвикано од инфекција или автоимуна состојба, како и – тумор на окото. Веднаш контактирајте со офталмолог во овие случаи: – нагло зголемување на бројот на лебдечките честички; – заблеснувања; – губиток на периферниот вид; – лебдечки честички кои се јавуваат по операција на очите или повреда на очите, како и – болка во очите. Дијагноза Појавата на мушички и заблеснувања, трепкања или светлечки сензации во окото бара задолжително офталмолошко испитување. Лекарот офталмолог на раширени зеници ќе го испита очното дно со помош на посебни лупи за испитување на ретиналната периферија, а доколку е потребно се прави и ултразвучен преглед на окото, како и дополнителни анализи и испитувања се со цел да се докаже или исклучи ретинална руптура или аблација – одлепување на мрежницата. Третман на лебдечки честички Повеќето лебдечки честички, т.е. оpacitates се безопасни и само непријатни. Можеби ќе исчезнат со текот на времето или ќе станат помалку здодевни. Понекогаш, луѓето се заинтересирани за оперативен третман за отстранување на заматувањата (опацитетите), но таква операција може да се прави само во ретки случаи кога видот е сериозно загрозен. Во овој момент, единствен начин да се расчистат овие заматувања е да се отстрани стаклестото тело како супстанција целосно од окото преку процедура наречена витректомија. Стаклестото тело потоа се заменува со физиолошка течност. Запомнете дека ненадејното појавување на значителен број очни матнини (опацитети), особено ако се придружени со трепкања, заблеснувања или светлечки сензации, може да укажуваат на аблација, ретинално одвојување или други сериозни проблеми со очите кои бараат итна хируршка постапка. д-р Сашо Ѓорѓиоски Текстот е објавен во пролетното издание на списанието „Наше Здравје“ на фармацевскиот брнед „Виа Фарм“

Прочитај повеќе
МУЛТИФОКАЛНИ ИНТРАОКУЛАРНИ ЛЕЌИ
blog

МУЛТИФОКАЛНИ ИНТРАОКУЛАРНИ ЛЕЌИ

Денешниот начин на живот сѐ повеќе нѐ наведува да се стремиме кон перфекционизам. Да изгледаме добро, да се храниме добро, да заработуваме добро. Развојот на технологијата и секојдневните нови решенија повторно и повторно водат кон решавање и на најмалите нешта кои за некои луѓе се некомфорни. Па така и медицината, пратејќи го чекорот на целиот технолошки развој, сѐ повеќе се стреми своите услуги да ги доведе до перфекционизам. Офталмологијата можеби од сите гранки се развива најбрзо и секоја година излегува со сѐ подобри решенија, своите интервенции ги сведува на минутни процедури, а резултатите ги носи кон совршеност. Очилата, особено ако е потребно да се носат неколку пара, веќе за многу луѓе стануваат проблем и истите тие луѓе очекуваат дека ќе се најде решение за трите пара очила. Зошто три пара очила? Многу често пациентите се изненадени затоа што не можат со истите очила кои ги носат за гледање телевизија, да читаат книга или да работат на компјутер, и обратно. Често доаѓаат избезумени мислејќи дека нешто страшно се случува со нивниот вид, затоа што го губат фокусот. Но, она што се случува е нормален физиолошки процес, каде човечката леќа, ја губи својата акомодација, а со тоа и фокусирањето, а задача на офталмолозите е да препишат очила за близина кои ќе го заменат недостатокот на акомодација. Почнувајќи од 40 тата година, на секои 5 години, оваа диоптрија се зголемува. Доколку пациентот имал диоптрија како дете, односно диоптрија за далечина, тогаш оваа диоптрија за блиску се додава на истата. Но, бидејќи во денешно време, скоро целата работа е сведена на компјутер, тоа повлекува уште едни очила, заради тоа што компјутерот е одалечен нешто подалеку од нормалата одалеченост за држење книга, односно фокусното растојание на компјутерот, не е исто со она за далечина и она за читање. Тоа значи дека за да функционирате нормално и со јасен вид, неопходно е да имате три диоптрии. Едното решение за ова е носењето на прогресивни очила, каде тие диоптрии ќе бидат ставени на едно стакло, а новото посовремено решение е отстранувањето на диоптрија. Кои се начините да се отстрани диоптријата? Најпознат начин за симнување диоптрија е ЛАСИК или народски познато „ласерска метода“, која е најкористена за симнување на диоптријата за далечина. Се препорачува за млади луѓе до 40 тата година, затоа што тогаш сеуште немаме проблем со гледањето на близина. После 40 тата година, оваа метода би го решила проблемот на далечина, меѓутоа за близина и компјутер повторно би требало очила. Она што офталмологијата го нуди како решение е вградување на мултифокални интраокуларни леќи, со кои, како што кажува името, се корегираат сите фокуси на гледањето, односно далечина, средна одалеченост и близина. Обично следното прашање е дали овие леќи се трајни. Да, овие леќи се интраокуларни, односно се вградуваат внатре во окото, на местото каде нормално стои природната леќа. Што значи нема потреба од вадење и ставање на истите, а немаат трајност, односно се доживотни. Зошто мултифокални леќи? Мултифокалните леќи се можеби најприближни до природната леќа и природниот начин на гледање. Освен тоа ако се земе трошокот за очила и меки контактни леќи, вградувањето на мултифокални леќи е добра долгорочна инвестиција. Со тоа што сте ослободени од очилата, можете поактивно да го водите животот, а освен тоа видното поле со вградени леќи е многу пошироко од она со очила. Следната добра работа е што истите не се менуваат, туку еднаш се вградуваат и се доживотни. Уште една препрека во видната острина која доаѓа со годините е појавата на катаракта, односно заматување на природната леќa, а годишно во светот се оперираат над 10 милиони луѓе со катаракта. Катарактата претставува најчеста причина за намалување на видот над 50 години, а во дури 50% од пациентите со слаб вид, причина е катаракта. Позитивно е што со вадењето на природната леќа и вградување на вештачка интраокуларна леќа, доживотно се решава овој проблем со катаракта, односно не постои можност да се појави повторно. Кои се кандидати за мултифокални леќи? Доколку пациентот има над 40 години и носи очила за далечина, средна одалеченост и близина, мултифокалните леќи се одлично рефрактивно решение. Кај пациенти кои имаат почетно заматување на леќата, а се сеуште работно активни, мултифокалните леќи го решаваат и проблемот со катаракта и проблемот со диоптрија. Луѓе кои сакаат активен живот, а очилата и меките контактни леќи им се проблем, тогаш ова би го решило проблемот. Не се препорачува за млади луѓе, кои имаат добра акомодација и кај луѓе кои имаат промени на задниот сегмент на окото, најчесто дегенеративни (сенилна макуларна дегенерација), промени од дијабет, васкуларни промени итн. За да дознаете дали сте кандидат за вакви леќи, неопходно е да се изврши комплетен преглед, со снимања на предниот и задниот сегмент на окото и преглед на широка зеница. д-р Маја Иванова Цеков Специјална очна болница „Деница“

Прочитај повеќе
ОФТАЛМОЛОШКИ ПРЕГЛЕДИ КАЈ ДЕЦА – КОГА И ЗОШТО СЕ НЕОПХОДНИ?
blog

ОФТАЛМОЛОШКИ ПРЕГЛЕДИ КАЈ ДЕЦА – КОГА И ЗОШТО СЕ НЕОПХОДНИ?

Здравјето на очите кај децата е од клучно значење за нивниот развој и учење. Децата не секогаш можат да кажат дека имаат проблем со видот, па затоа е важно родителите да препознаат знаци кои укажуваат на потреба од офталмолошки преглед.

Прочитај повеќе
ПЕТ ЗНАЦИ ЗА МОЖНИ ПРОБЛЕМИ СО ВИДОТ КАЈ ДЕЦАТА
soveti

ПЕТ ЗНАЦИ ЗА МОЖНИ ПРОБЛЕМИ СО ВИДОТ КАЈ ДЕЦАТА

Повеќе од 80% од материјата што децата ја учат на училиште ја помнат преку визуелизација. Тоа значи дека, доколку детето има проблем со видот, таквата состојба може да има влијание врз неговиот иден развој. Во продолжение, укажуваме на пет предупредувачки знаци кои треба да го вклучат алармот кај родителите дека нивното дете можеби има проблем со видот. 1. Постојано седи блиску до телевизорот или ја држи книгата премногу блиску до очите . Иако модерната наука денес смета дека седењето блиску до телевизискиот приемник не влијае негативно врз очите, сепак, ваквата навика, доколку е долготрајна, може да претставува предупредувачки знак за потенцијални проблеми со видот. 2. Често триење на очите . Да, децата често ги протриваат очите кога се уморни или се вознемирени. Меѓутоа, доколку вашето дете ги протрива очите додека се обидува да се фокусира на нешто или додека е активен, тоа е знак дека би можел да има некаков проблем со видот. 3. Губење на местото каде се застанало со читањето или користење на прст за насочување на очите кога се чита . Кога децата учат да читаат, е сосема нормално да го искористат прстот за да можат правилно да го следат редоследот на зборовите. Сепак, наспроти почетокот, кога се започнувало со читање, доколку вашето дете продолжува да го користи прстот, замолете го да чита на глас без да го користи. Доколку, во овој случај, увидите дека вашето дете има проблеми да ја прочита реченицата, тоа може да биде знак дека има проблем со видот. 4. Чувствителност на светлина и/или прекумерно солзење на очите . Дали очите на вашето дете се особено чувствителни на осветлување во затворен простор или на сончева светлина? Имено, децата со фотофобија, односно со екстремната осетливост кон светлината, често пати се жалат на главоболки и на гадење, што може да биде индикатор за потенцијални проблеми со очите. 5. Затворање на едното око при читање или при гледање на телевизија . Честото затворање на едното око, може да укажува на рефрактивен или бинокуларен проблем со видот кој може да влијае во насока на попречување на способноста на двете очи да работат заедно. Оттаму, затворањето на едното око за читање, би можело да биде предупредувачки знак за специфичен проблем на очите наречен недоволна конвергенција. На крајот, особено важно е да се знае дека е потребно децата да имаат редовни офталмолошки прегледи на секои 12 месеци.

Прочитај повеќе
ПОРТРЕТ: Д-Р ВИОЛЕТА БУЧКОВСКА
novosti

ПОРТРЕТ: Д-Р ВИОЛЕТА БУЧКОВСКА

д-р Виолета Бучковска спаѓа во онаа група докажани и признаени професионалци кои секојдневно ни даваат одличен пример што значи да се биде врвен хирург, но и добар човек. Таа, како еден од најеминентните офталмолози во државата, перменентно ги издигнува вкупните здравствени стандарди во Република Македонија, приближувајќи му ги на македонскиот пациент последните и најсовремени трендови во оваа исклучително сензитивна област. Нејзината меѓународно верификувана експертиза во очната хирургија буди чувство на гордост кај секој од нас дека Македонија, освен во некои други сегменти, има со што да се претстави пред светот и во оваа област. Д-р Бучковска, својата децениска офталмолошка кариера ја започнува во 1990 година на Универзитетската очна клиника во Скопје, каде седум години посветено работи на одделот за детска офталмологија и страбологија. Во периодот од 1992 до 1999 година, д-р Бучковска има повеќе професионални претстои на детскиот одел при Универзитетската александрова болница во Софија. Истовремено, во овој период, таа стекнува нови вештини и во Клиничкиот центар „Звездара“ во Белград. Од 2000 година, пак, д-р Виеолета Бучковска се ангажира во одделот за ретина, каде под раководство на професор Ивановска се стекнува со значајни знаења од оваа област која е нејзина специјалност и денес. Во врска со споменатото, особено значајни се нејзините стручни усовршувања во одделот за катарактна хирургија, во одделот за витреоретинална хирургија, како и во одделот за окулопластика при Клиничкиот центар во Љубљана, како и повеќекратните стручни претстои во Бугарија, во периодот од 2005 до 2008 година, на кои, под менторство на д-р Ива Петкова натамошно ги усовршува своите знаења од областа на витраретиналната хирургија. д-р Виолета Бучковска од 2010 до 2017 година е дел од Болницата Систина Офатлмологија, а од 2017 година до денес таа предводник на тимот офталмолози во Специјалната очна болница „Деница“ од Скопје, каде ја извршува и функцијата медицински директор. Област од посебен интерес на д-р Бучковска е хирургијата на катаракта, хируршките третмани на аблација на ретината, витреоретиналната хирургија, ласерскиот третман на дијабетична ретинопатија и периферните дегенерации на ретина, како и окулопластиката. 1. Видот е од исклулителна важност за секој човек. Но, во животот природно е со текот на годините да се јават проблеми со видот. Доколку не се работи за наследни или други фактори, на што треба најмногу да се внимава за да се зачува видот? Окото ни служи за гледање и тоа е создадено за таа единствена функција, а и не е потребно да се штеди. Современиот начин на живот и функционирање, ни налага премногу напрегање и помалку одморање на очите, особено кога сме пред мониторот, телефонот и таблетите. Без овие направи не може да се замисли нашето функционирање во денешно време, но моја препорака, а верувам и на секој офталмолог е умереност во користењето на мониторите доколку е можно, потоа што повеќе шетање во природа на отворено и секако избалансирана витаминско минерална исхрана во согласност со возраста. Овој пристап ќе овозможи правилен раст и развиток на организмот кај децата, а истовремено и превенција од дегенеративни заболувања кај возрасните. Секако тука спаѓаат и редовните офталмолошки контроли сѐ со цел навреме да се открие и превенира одредена состојба или заболување на очите. 2. Кога треба да се почне со прегледи и колку често треба да се контролира здравјето на очите? Со прегледи треба да се почне уште од најмала возраст. Доколку немаме некаков проблем во смисла на кривење на очите, најоптимална најрана возраст е три години. Тогаш детето може да соработува и можеме да добиеме квалитетен преглед. Се советува ран преглед кај децата се со цел да се откријат рани проблеми со видот и навреме да се третираат. Тоа се најчесто диоптриски проблеми како што е хиперметропијата (далкувидост) и миопијата (кратковидост) Хиперметропијата инаку е главен виновник за појава на слабовидост (амблиопија или мрзливо око). Развитокот на центарот за вид се завршува со наполнување на осмата година. Доколку ги корегираме сите диоптриски аномалии и на центарот за јасен вид му носиме јасна слика тогаш тој се развива максимално и нема причина за појава на мрзливо око. Со раниот преглед, навремената корекција и евентуален третман со вежби, ова состојба може да се дијагностицира и превенира. Наредниот преглед би требало да биде во школска возраст заради појавата на т.н. школска миопија (кратковидост) и нејзиното навремено третирање со очила или контактни леќи. Околу четвртата декада ни се јавува старечката далековидост при која имаме потреба за очила за гледање на близина. На овој преглед задолжително треба да се направи и проверка на очниот притисок. Наредните контроли кај популацијата со здрави очи би требало да се прават еднаш годишно или на две години се со цел следење и одржување на здравјето на очите. 3. Кои симптоми и здравствени состојби, не треба да се игнорираат кога е во прашање видот? Секако намалувањето на видот на едно око или на обете очи, ка какоо и појавата на сивкасто заматување во централниот вид, никако не треба да се игнорира, со цел навремено дијагностицирање на проблемот и пристапување на соодветен третман. Појава на изненадни светкавици особено кои се јавуваат на едно око и се лоцирани периферно во видното поле може да ни укажуваат за појава на одлепување на стаклестото тело, појава на одредени руптури на ретината кои ни се предвесник на аблација односно одлепување на ретината. Појава на изненадни матнини кои се движат и кои го компромитираат видот се уште еден симптом кој не треба да се занемари и кој би можел да ни укажува на крварење или воспалителни промени во стаклестото тело. Црвенило на едното око кое е пропратено со болка или нелагодност секако не треба да се занемари или лекува на своја рака, бидејќи би можело да е знак за воспаление на средниот дел на окото. Од здравствените состојби секако би ги издвоиле дијабетот кој доколку не е регулиран може да предизвика многу компликации по видот. Потоа високиот крвен притисок, како и ревматските заболувања особно оние кои се третираат со лекови од групата на антималарици, а би можеле да дадат последица по точката за јасен вид во ретината. 4. Еден од поспецифичните зафати во офталмологијата е третманот на задниот сегмент на окото, што е ваша специјалност. Кажете ни за каков здравствен проблем станува збор и како се дијагностицира. Тоа е едно широко поле кое опфаќа поголем број на заболувања на задниот сегмент на окото. Би ги издвоиле најчестите како што се крварењата во стаклестото тело, најчесто како последица од дијабетична ретинопатија односно оштетувања на крвните садови како последица на нерегулиран дијабет. Потоа тука се одлепувањата на ретината кои се најчесто последица на периферни руптури настанати од дегенеративни промени на ретината, или пак од воспалителни промени на средниот очен сегмент. Дегенеративните промени на точката на јасен вид кои се поврзани со возраста се јавуваат во две форми, едната е сува форма доведува до постепено намалување на видот а другата е влажната форма и доведува до побрзо намалување на централниот вид. Воспалителни процеси на очниот нерв исто така доведуваат до нагло намалување на видот. Туморозните процеси кои најчесто се јавуваат на средниот дел на окото т.н. увеа, потоа васкулопатиите кои се јавуваат најчесто во склоп на одредени системски заболувања и т.н. Дијагностицирањето на сите овие заболувања започнува со офталмолошки преглед на задниот сегмент со лупа на широка зеница. Прегледот се продлабочува со одредени дополнителни испитувања како што ехографијата кој е неопходна доколку се заматени структурите на предниот сегмент и стаклестото тело на окото па не ни дозволува увид во задниот сегмент/. ОЦТ или оптичка кохерентна томографија која е софистицирана имиџинг метода со која добиваме увид во анатомската градба на ретината на точката за јасен вид или главата на оптичкиот нерв и на тој начин добиваме увид во кој дел на ретината ни е патолошкиот процес. Флуресцинската ангиографија со која со помош на вбризгување на котраст во вена добиваме увид во крвните садови на ретината, односно во оштетувањата и локацијата на иститите. 5. Во очната болница „Деница“ практикувате ласерски и хириршки интервенции на задниот сегмент на окото. Од што зависи која метода ќе се избере? Секако изборот на методата е зависи од дијагнозата на заболувањето. И двете може засебно но и комбинирано да се користат. Ласерските интервенции најчесто се практицираат кај дијабетичната пролиферативна ретинопатија односно кога имаме разраснување на нови крвни садови на ретината поради исхемијата односно намалувањето на исхраната на ретината. Тогаш се практикува целосна ласеризација на ретината односно т.н.панретинална ласерска фотокоагулација која има за цел да се уништат исхемичните зони на ретината и да се намали продукцијата на т.н.ендотелијални растечки фактори кои допринесуваат за разраснување на неквалитетни нови крвни садови кои лесно се оштетуваат и крварат. Исто така се користат ласерските интервенции при оклузии односно зачепувања на венските крвни садови на ретината поради истата причина на формирање на исхемична зона на ретината. Ласерските процедури се користат и кај одредени руптури на ретината со цел да се превенира настанување на одлепување односно аблација на ретината. Хируршките интервенции се користат при крварења во стаклестото тело кои одредено време перзистираат и истите имаат за цел чистење на крварењето и воспоставување на оптичка провидност. Потоа при одлепувања на ретината се користат хируршките процедури со цел прилепување на ретината и тоа со секлаж и пломба кај свежите и помали аблации или со витректомија /со времена или долготрајна тампонада во комбинација со ласер/ кај поголемите аблации со повеке или една џиновска руптура се со цел да се превенира повторно одлепување на истата. 6. Како се одвива постоперативнииот период при интервенција на задниот сегмент на окото? При ласерската интервенција односно при ласерската фотокоагулација на ретината, пациентот треба да се придржува само до регулацијата на дијабетот и крвниот притисок доколку ги има, земањето на антикоагулантната терапија доколку се работи за оклузија на венски крвен сад или избегнување на кревање тешко доколку се работи за руптура на ретината. По интервенцијата се земаат аналгетици доколку се јави болка. При оперативните процедури како при операција на аблација со трака и пломба или при витректомија потребен е посебен постоперативен режим на однесување. Доколкуе има преврска треба да се внимава да биде сува и чиста, а истата ќе биде отстранета наредниот ден при првиот контролен преглед. Треба да се избегнува физичка активност во период од 4 – 6 недели по операцијата; не треба да се притиска окото и да се предпазува од удар; првите 2 – 3 недели окото се мие со превриена и оладена вода или со физиолошки раствор. Капки и маст се аплицираат по упатство од докторот. Дозволено е пациентот да чита, да гледа телевизија и лесна домашна работа; режимот на исхрана е ист како и пред операцијата. Наочари за сонце се носат доколку на пациентот му смета сончевата светлина. Секако потребни се редовни контроли кај офталмолог. 7. Што претставува катаракта, кога најчесто се јавува и како се дијагностицира? Нормалната функција на очната леќа е да јапропушта и фокусира светлината така да може да се гледаат јасни и чисти слики на набљудуваните објекти. Кога ќе се појави катаракта, леќите на очите се заматуваат, како резултат на што квалитетот на видот се влошува. Со појавата на катарактата постепено се намалува количеството на светлина која влегува во окото и пациентот може да почуствува некои или сите од следниве симптоми: замаглен вид; побледи бои; потреба за често менување на очилата; визуелни проблеми со светлината, како на пример одблесок или отсјај. Во повеќето случаи катарактата е последица на промени поврзани со стареењето на леќата, но таа може да се појави и кај помлади луѓе поради различни причини вклучувајќи: траума или повреди на окото; поради друг оперативен зафат на окото; заболувања како дијабет и глауком; поради долго воспаление на окото, продолжено користење на кортикостероиди… Дијагнозата е едноставна и се поставува со едноставен офталмолошки преглед на широка зеница при што се поставува дијагнозата за типот на катарактата со што и се овозможува планирање на понатамошниот пристап за нејзино отстранување. 8. Како се лечи – третира катаракта, кои методи ги применувате во очната болница „Деница“, и со колкава ефикасност? Единствен начин на лекувањето на катарактата е оперативен. Развивањето на катарактата може да биде кратко но и со години. Ако симптомите на катарактата ги засегаат секојдневните активности, може да се размисли за оперативна интервенција и замена на природната леќа со имплант. Методите кои ги користиме се факоемулзификација односно разбивање на катарактата со помош на утразвук и истовремена аспирација на леќните маси, а потоа и имплантирање на вештачка интраокуларна леќа. Најчесто тоа е леќа која е направена од биолошки компатибилен материјал и се имплантира во окото со помош на специјален за секој тип леки инжектор . Големината на инзизијата за современите леќи е под 2,2мм., со што се намалува ризикот од послеоперативен астигматизам. Кај повеќето луѓе инцизијата (резот) зараснува сам по себе, и не е потребно да се употребат хируршки конци. Другата метода е екстракапсуларна екстракција на катарактата која се користи во исклучителни случаи кога катарактата е „презреана“, или кога би се очекувале одредени компликации кога би почнале со факоемулзификација. Ефикасноста особено на факоемулзификацијата несебично би можеле да кажеме дека е многу голема. 9. Дали се можни компликации при интервенција на катаракта? Компликациите кај операција на катаракта денес се исклучително ретки. Порано тоа биле чести лезии на задната капсула на леќата и пролабирање на стаклестото тело но денес настануваат кај помалку од 1% од оперираните, ендофталмитис кај 0.02%, глауком и хроничен увеитис кај околу 1 %. Фиброзата на задната капсула или т.н. секундарна катаракта и понатаму останува најчеста касна компликација и се јавува кај околу 20% од оперираните ( постари од 60 год.) и прогресивно ја смалува видната острина после неколку месеци или години после операцијата на катарактата. Во овој случај не може да се очекува спонтано опоравување на видот туку на пациентот му се советува интервенција со YAG ласер – капсулотомија односно разбивање на задната капсула и отклонување на заматувањето. 10. После отстранување на катаракта, на што треба најмногу да внимаваат пациентите, што е најважно што треба да знаат? По отстранување на катарактата на пациентите им советуваме посебен режим на однесување кој трае еден месец а потоа се продолжува со нормален начин на живеење како и пред операцијата. Тоа се состои од следново: веднаш по операцијата потребно е да се набават препишаните од страна на операторот капки и маст и веднаш да се почне со нивна апликација онака како што е ординирано од офталмохирургот. Доколку пациентот користел терапија за очен притисок, дијабет крвен притисок и слично треба да продолжи со истата исто како и пред операцијата. Утредента задолжително се прави првата постоперативна контрола. Првиот постоперативен ден нормално е пациентот да гледа матно,може да има лесно црвенило и да чувствува благо пецкање и мали болки во окото. Првите две недели по операцијата пациентот задолжително треба да одмара, да се штеди од физички напор и да не крева тешко. Окото не треба да се мие со вода наредните 10 – 14 дена, единствено да се чисти со ставање на капки и пребришување со стерилна газа. Миење на коса е дозволено со главата зафрлена на назад. Конечно одредување на диоптрија ( наочари ) се прави по еден до два месеци од операцијата. 11. Се поголем тренд е ласерска корекција на видот, односно дијоптријата. Кога може, а кога не може да се применува оваа современа медицинска метода и што треба да знаат за истата пациентите Ласерската корекција на видот е естетска хируршка процедура која може да ја направи секој пациент. Секако треба да се испочитуваат неколку правила, односно пациентот да има над 22 години и да ни е стабилна диоптријата минимум две години. Миопијата се корегира до -12 диоптрии, хиперметропијата до + 5 диоптрии, а астигматизмот до 5 диоптирии. Секако пред оваа интервенција потребен е комплетен офталмолошки преглед со цел да се исклучат одредени хронични или акутни заболувања на предниот и задниот сегмент на окото, преглед на широка зеница при што се гледа состојбата на задниот сегмент односно периферијата на ретината и евентуално присутните дегенеративни промени на истата кои треба да се санираат пред да се пристапи кон ласерското отстранување на диоптријата. Потоа се прави комплетен скен на предниот дел на окото односно корнеата да се види топографската мапа на истата, како и пахиметриски да се измери нејзината дебелина. Откако ке се соберат сите податоци се прави конечен план за ласерската корекција, односно му се кажува на пациентот дали е подобен за подвргнување на изведување на истата или не,а и какви ни се очекувањата по интервенцијата. 12. Освен погоре спомнатите, кои други услуги на пациентите им ги нуди очната болница „Деница“? Од дијагностички процедури покрај Периметријата, ЕХО графиата и ОЦТ би ја спомнала и флуоресцентната ангиографиата при што со гордост можам да кажам дека истите се изведуваат на најсовремени апарати.Располагаме со диоден ласер за фотокоагулација на ретина и ЈАГ ласер за отсранување на секундарно перде. Во нашата болница освен дијагностика и операции на катаракта и заден сегмент. уште се прават блефаропластики и други интервенции на капаците.интервенции на солзниот апарат дијагностика и хируршко третирање на глауком. 13. Очната болница „Деница“, работи веќе една година, во која оваа специјализирана здравствена установа се етаблира како проверен партнер во кој пациентите имаат доверба. Како гледате на работата на болницата до сега? Доколку имате одговорен, професионален, а притоа и хуман пристап кон пациентите, како што го има нашата болница, тие ќе ви вратат со доверба. Наш приоритет е високиот квалитет на услугите кои ги даваме. Не случјно се вели дека по губењето на животот, најтешко е губењето на видот. Затоа, нашиот тим, со голема сериозност и посветеност му приоѓа на секој пациент, притоа комбинирајки го нашето искуство и светските протоколи за третирање на очните болести. 14. Медицицината се развива со огромна брзина. Колку и како очната болница „Деница“ ги следи трендовите и какви се нејзините развојни планови? Трендовите ги следиме со редовни посети на регионални и светски симпозиуми и конгреси, но и со директен личен контакт со еминентни офталмолози во одредени субспецијалности, како заради размена на искуства, така и при решавање на диференцијално дијагностички дилеми во одредени случаи. Иднината на болницата ја гледаме во проширување на човечките и технички ресурси, а со тоа и збогатување на палетата на услуги кои ги нудиме. Интервјуто е објавено во списанието „Наше здравје“ на фармацевскиот бренд „Виа Фарм“

Прочитај повеќе
Пролет со јасна визија: основни совети за заштита на вашите очи
soveti

Пролет со јасна визија: основни совети за заштита на вашите очи

Како што се менуваат годишните времиња и доаѓа пролетта, од суштинско значење е да ги одржувате вашите очи здрави. Од борбата против сезонските алергии до заштитата на очите од суровите зраци на сонцето, споделуваме практични и стручни совети.

Прочитај повеќе
ПРОЛЕТНИ АЛЕРГИИ НА ОЧИТЕ
blog

ПРОЛЕТНИ АЛЕРГИИ НА ОЧИТЕ

Пролетта е веќе пред нас, а промената на сезоната носи со себе и ветување за поубаво време и нови почетоци. Но, новите растенија кои се појавуваат секоја пролет можат да бидат причина за појава на сезонски алергии на очите кои можат да предизвикаат конгестија, главоболки, чешање и отоци на очите. На овој начин, добиените резултати ни овозможуваат на време да се постави точната дијагноза и да се спроведе соодветен третман. Конјунктивитот е една од највообичаените и најчесто третираните очни болести кај деца и возрасни. „Црвеното око“ како што често се нарекува, претставува воспаление на конјунктивата, која е провидната мембрана која ја препокрива внатрешната страна на капаците и белката на окото и ја одржува влажноста на окото. Како се третира сезонската алергија на очите?

Прочитај повеќе
ПРОЛЕТНИ АЛЕРГИИ НА ОЧИТЕ
blog

ПРОЛЕТНИ АЛЕРГИИ НА ОЧИТЕ

Пролетта е веќе пред нас, а промената на сезоната носи со себе и ветување за поубаво време и нови почетоци. Но, новите растенија кои се појавуваат секоја пролет можат да бидат причина за појава на сезонски алергии на очите кои можат да предизвикаат конгестија, главоболки, чешање и отоци на очите. Конјунктивитот е една од највообичаените и најчесто третираните очни болести кај деца и возрасни. „Црвеното око“ како што често се нарекува, претставува воспаление на конјунктивата, која е провидната мембрана која ја препокрива внатрешната страна на капаците и белката на окото и ја одржува влажноста на окото. Вируси,бактерии, иритирачки супстанци (шампони, прашина, чад, хлор од базени..) или различни алергени (полен, спори од мувли и др.) можат да предизвикаат конјунктивит. Црвеното око предизвикано од вируси и бактерии може лесно да се пренесе од човек на човек, но не претставува сериозен здравствен ризик, ако се дијагностицира навремено, додека алергискиот конјунктивит не е заразен. Заради тоа, важно е навреме да се открие дали конјунктивитот е предизвикан од алергии или инфекција, бидејќи секоја од овие состојби има различен третман. Кои се симптомите на алергиско црвено око? – Црвенило на белката или на внатрешната страна на капаците; – Зголемено солзење; – Чешање на очите (честопати и на носот и кивање); – Оток на капаците; – Нагласени/ темни подочници. Овие симптоми се обично присутни на двете очи, иако не во иста мерка. Како се третира сезонската алергија на очите? Црвеното око предизвикано од алергија може целосно да исчезне доколку алергијата се третира со лекови/ капки или ако се отстрани алергенот. Значи, прва линија на третман е отстранување на алергенот, што може да вклучува на пример носење капа надвор или често миење на лицето. Вашиот очен лекар пак може да ви предложи некои од следниве лекови: – Очни деконгестиви : капки кои го намалуваат црвенилото преку стеснување на малите крвни садови во очите. Тие не се препорачливи за долготрајна употреба и всушност нивното користење подолго од неколку дена може и да ги влоши симптомите; – Очни антихистаминици : капки кои го намалуваат црвенилото, чешањето и отокот преку блокирање на дејството на хистаминот, главната супстанца која ги предизвикува симптомите на алергија. – Очни лубриканти : луѓето со алергиски конјунктивит обично имаат недоволно производство на солзи, што бсушност ги влошува симптомите. Користењето на капки – вештачки солзи (дури и на секој час по потреба) може значително да ги олесни симптомите. – Очни стероиди : кога другите медикаменти не помагаат, офталмологот може да препише кортикостероидни капки за да се олеснат симптомите и да се спречи појава на компликации. Но, тое мора да се употребуваат само под надзор на лекар, бидејќи можат да го покачат очниот притисок или пак да доведат до заматување на леќата (катаракта) при подолготрајна употреба. – Системски (орални) верзии на горе споменатите лекови : таблети, кои се даваат во многу тешки случаи, кои не реагираат на локалната терапија со капки. Како можат да се олеснат симптомите на алергиско црвено око? – Отстранете ги контактните леќи, ако носите; – Ставете ладни компреси врз очите; – Користете често капки – вештачки солзи; – Носете очила за сонце; – Обидете се да ги избегнувате супстанците кои ги предизвикуваат вашите алергии; – Посетете специјалист за алергии, кој ќе направи соодветни тестови со цел да се откријат супстанците на кои сте алергични. Неколку совети за алергиско црвено око: – Не ги допирајте и тријте очите; – Мијте ги често рацете со сапун и млака вода; – Перете ги често постелнината и пешкирите со жешка вода и детергент за да се редуцираат алергените; – Избегнувајте нанесување на шминка блиску до рабовите на капаците; – Не користете шминка од друго лице; – Користете наочари наместо контактни леќи за да се намали иритацијата; – Никогаш не носете контактни леќи од друго лице; – Убаво измијте ги рацете пред да ставате лекови (капки или масти) во очите; – Не користете капки кои сте ги ставале на инфицирано око, во другото неинфицирано око; – Доколку почувствувате промени во видот, чувство на страно тело во окото или акутна болка, веднаш закажете преглед кај очен лекар. д-р Билјана Ивановска Аџиевска Текстот е објавен во летното издание на списанието „Наше Здравје“ на фармацевскиот бренд „Виа Фарм“

Прочитај повеќе
СЕДУМ ЕДНОСТАВНИ СОВЕТИ ЗА ПОДОБАР ВИД
soveti

СЕДУМ ЕДНОСТАВНИ СОВЕТИ ЗА ПОДОБАР ВИД

1. Хранете се здраво . Вашата исхрана нека биде богата со зелен лиснат зеленчук, масни риби и школки, јајца, јаткасти плодови и семиња, цитрусни плодови, месо. Нутриентите, како што се омега три масните киселини, зеаксантин, лутеин, бетакаротен, витамин Ц, витамин Е, цинк и.т.н., можат да помогнат при проблемите со видот особено оние што се поврзани со стареењето (макуларна дегенерација, катаракта…). Пијте доволни количини вода за да овозможите доволна хидратација на окото. 2. Прекинете со пушењето . Овој порок може да доведе до катаракта, па и да предизвика оштетување на оптичкиот нерв. Колку порано се откажете од цигарите, ќе биде толку подобро за вашето целокупно здравје. 3. Носете очила за заштита од штетното дејство на сончевите УВА и УВБ зраци . Преголемо изложување на УВ светлина ги зголемува шансите за појава на катаракта и на макуларна дегенерација. 4. Намалете го гледањето во компјутерските монитори и во телефоните . Со тоа ќе го избегнете заморот на очите, заматениот вид, проблемите при фокусирање на далечина, сувоста во очите, главоболката. 5. Внимавајте на очите при работа со хемикалии, било на работно место или во домот . Носете соодветна заштита. 6. Редовно контролирајте го нивото на шеќер во крвта . Дијабетот е причина за појава на дијабетична ретинопатија, дијабетичен макуларен едем, катаракта и глауком кои доколку не се третираат навреме може да доведат до губење на видот. 7. Посетете го вашиот офталмолог . Секој има потреба од редовен преглед особено што постојат болести кои немаат симптоми во рана фаза. Не ги заборавајте вашите деца, потребна им е истата грижа. Доколку болестите се откријат навреме, може полесно и поефикасно да се лекуваат. д-р Снежана Андревска

Прочитај повеќе
СОВЕТИ ЗА ДОБАР ВИД
soveti

СОВЕТИ ЗА ДОБАР ВИД

Превенцијата и рано откривање на сериозна болест на очите може да помогне да се зачува видот. Посветете се на постигнување добро здравје на очите со закажување редовни сеопфатни очни прегледи во Деница Специјална очна болница. Дополнително, можете да си помогнете да го зачувате вашиот вид со тоа што ќе се посветите на здрав начин на живот. Еве неколку примери за тоа како можете да се грижите за вашиот вид на дневна основа: Следете хранлива, урамнотежена исхрана со свежи и богати намирници со влакна. Изборот на здрава храна за очи вклучува храна со антиоксиданси, зелен зеленчук како спанаќ, или кељ. Јадете масна риба како лосос или туна. Вклучете и мешунки, јајца, моркови, авокадо, пченични никулци, растително масло и јаткасти плодови во вашите оброци. Бидете физички активни. Редовното вежбање го подобрува вашето физичко и ментално здравје, вклучувајќи го и вашиот вид. Одржувајте здраво ниво на гликоза, крвен притисок и холестерол во крвта. Одржувањето на здрави нивоа помага во спречување или одложување на хронични состојби како што се дијабетес и неговите компликации. Дијабетичната ретинопатија може да предизвика оштетување на мрежницата на окото, што резултира со губење на видот. Добар сон. Се смета дека треба да спиеме помеѓу седум и девет часа секоја вечер. Додека спиеме, нашите очи уживаат и се ослободуваат од прашина, алергени или чад што се акумулира во текот на денот.

Прочитај повеќе
СОВЕТИ ЗАШТИТАТА НА ОКОТО ВО СТУДЕНИТЕ ЗИМСКИ ДЕНОВИ
soveti

СОВЕТИ ЗАШТИТАТА НА ОКОТО ВО СТУДЕНИТЕ ЗИМСКИ ДЕНОВИ

Окото е орган, прозорец кон светот, кој ни овозможува вид и перцепција за опкружувањето. Толку нежно и чувствително, а истовремено изложено на низа надворешни влијанија, но во својата совршеност окото има изградено и совршен систем за одбрана и одржување на својата функција – видот. Еден од главните елементи во заштитата на окото се солзите т.е. нивна главна улога е заштитата на окото. Тие се должни да ја одржуваат влажноста на окото што е неопходно за негово функционирање. Тие го штитат предниот сегмент на окото (conjunctiva i cornea) од појава на суви зони бидејќи нивната функција за јасен вид зависи од постојаното навлажнување. Истовремено со излачување на солзите се испирааат и надворешните иританси ( прашина, чад, аеросоли, страни тела), а поради својот состав се и првата имуно-биолошка бариера на окото. Содржат 98 % вода, минерали, ензими и протеини, пред се Ig A, lizozim, lactoferin кои се првата антибактериска одбрана на окото. Солзите во 95 % се излачуваат од главната солзна жлезда (glandula lacrymalis) која се наоѓа во горниот надворешен агол над очното јаболко, а во помал дел ( 5 % ) од помошните солзни жлезди (glandulae Krause et glandulae Wolfring) сместени во конјуктивата. Постои базална секреција која е доминантна во количеството на солзи и рефлексна која е поттикната од дразба на окото како што се пребрз распад на солзниот филм, некој воспалителен процџес или друго заболување на окото. Излачените солзи во окото се слеваат по средината на очното јаболко, ја вршат својата улога и преку помошниот солзен апарат ( punctae lacrymalis et ductus lacrymalis ) се собираат во солзната кеса (saccus lacrymalis ) и преку солзниот канал ( ductus nasolacrymalis ) се слеваат во носот. Водената компонента на солзниот филм се губи со испарување. Ова зависи од големината на отворот меѓу очните капаци , честотата на трепкањето како и од температурата и влажноста на воздухот во околината. Причините за појава на солзењето како симптоми се: 1. Зголемено лачење на солзите (hyperlacrymacija) предизвикано од рефлексната реакција на солзните жлезди секундарно како одговор на дразба на предниот дел на окото (воспалителни процеси, повреди или други заболувања на окото). Ова се лекува со соодветна терапија на основното заболување; 2. Epiphora или прелевање на нормалната количина на солзи поради пречки во истекувањето низ помошниот солзен апарат. Таа се засилува на ладно и ветровито време, а најмалку е изразена во суви и топли услови. Одговорот на прашањето што се може да предизвика појава од солзење на очите е малку поопширен. Еве ги основните: 1. Сите надворешни иританси кои доаѓаат во контакт со површината на окото ( прав, чад, домашна прашина., аеро загадувачи ) и го тера окото да го поттикне својот прв одбрамбен механизам, а тоа е солзењето; 2. Долготрајното гледање во монитор, поради реткото трепкање и следствено сушење на предната површина на окото, доведуваат до појавување на суви зони кои го будат рефлексот за солзење; 3. Долготрајното носење, неправилното одржување и неадекватно манипулирање со контактни леќи исто може да биде причина за изразено солзење; 4. Сепак најчеста причина за појава на солзењЕто се одредени заболувања на окото. Често е пропратено со црвенило, чувство на гребење, чешање и замаглување на видот. Тука спаѓаат заболувањата од инфективна природа ( бактериски и вирусни инфекции ), алергиски воспалителни реакции ( полени, козметички препарати, влакна од домашни миленици, контактни леќи и др. ), длабоки воспалителни процеси како одговор на други системски заболувања, покачен очен притисок како и неадекватно решена диоптрија на очилата. Неретко, особено кај повозрасната популација, може да се јави симптомот на солзењепри постоење на синдромот на суво око, малку парадоксално но вистинито. Поради намалена функција на солзната жлезда или лошиот квалитет на солзниот филм доаѓа до појава на суви зони кои го иритираат окото и ја будат рефлексната секреција поради што се јавува солзење. Од сето ова можеме да заклучиме дека доколку солзењето е пропратено со црвенило, болка, заматување на видот веднаш треба да биде консултиран офталмолог. Доколку сте свесни дека вашето око било изложено на надворешни иританси треба истите да ги отстраните, а доколку тоа не го сторите окото само ќе се избори против нив со солзењето. Еве неколку совети како да го заштитите вашето око: – Не седете предолго пред мониторите, адоколку тоа го наложува вашата работна обврска нека бидат тоа кратки интервали и почесто погледот тргајте го од мониторот.Секако соодветна заштита може да побарате кај вашиот офталмолог; – Престојувајте на чист воздух и избегнето го аерозагадувањето кое покрај другото ги иритира и вашите очи; – Хранете се здраво; – При долготрајно солзење пропратено со други симптоми ( црвенило , лепливост. Болка или нарушување на видната функција ) веднаш побарајте помош кај вашиот офталмолог. д-р Снежана Андревска Текстот е објавен во зимското издание на магазинот „Наше Здравје“ на фармацевскиот бренд „Виа Фарм“.

Прочитај повеќе
СУВО ОКО – ЗОШТО СЕ ЈАВУВА И КАКО ДА СЕ ТРЕТИРА?
soveti

СУВО ОКО – ЗОШТО СЕ ЈАВУВА И КАКО ДА СЕ ТРЕТИРА?

Сувото око е честа состојба што се јавува кога очите не произведуваат доволно солзи или солзниот филм испарува пребрзо. Ова предизвикува чувство на печење, чешање, заматен вид и замор на очите.

Прочитај повеќе
ТЕХНОЛОШКИОТ ВРВ „ALCON CONSTELLATION“ ВО ДЕНИЦА
novosti

ТЕХНОЛОШКИОТ ВРВ „ALCON CONSTELLATION“ ВО ДЕНИЦА

Перформансите на овој најсовремен офталмолошки микорохируршки систем од последната генерација , овозможуваат: – Врвни резултати во витреоретиналната хирургија и во хирургијата на #катаракта; – Највисоко ниво на контрола при изведување на хируршките зафати; – Зголемување на можноста за уште поуспешна хирургија дури и за најсложените офталмолошки состојби; – Драстично намалување на веројатноста од можни компликации при спроведувањето на хируршките интервенции; – Вградена автоматска контрола на интраокуларниот притисок; – Скратување на времето на траење на хируршките интервенции; – Значително намалена постоперативна нелагодност на предниот сегмент на окото; – Побрзо закрепнување заради употребата на инструменти со исклучително мали димензии. Деница ги имплементираше највисоките светски технолошки стандарди во очната хирургија кои, заедно со тимот од меѓународно верификувани хирурзи и дијагностичари, претставуваат најголемата гаранција за врвни офталмолошки резултати! Затоа што вашите очи го заслужуваат најдоброто!

Прочитај повеќе
ТЕЛЕФОНСКИ КОНСУЛТАЦИИ СО НАШИТЕ ДОКТОРИ
novosti

ТЕЛЕФОНСКИ КОНСУЛТАЦИИ СО НАШИТЕ ДОКТОРИ

Во периодот додека трае вонредната состојба заради вирусот Covid-19, доколку имате офталмолошки проблем, може да нѐ контактирате на 071/317-318, од понеделник до петок, од 9.00 до 19.00 часот, а нашите доктори со задоволство ќе Ви помогнат. Да бидеме одговорни и да се заштитиме себеси, блиските и заедницата. Вашите очи го заслужуваат најдоброто.

Прочитај повеќе
ТОЧКИ, СЕНКИ И „МУШИЧКИ“ ВО ОЧИТЕ
blog

ТОЧКИ, СЕНКИ И „МУШИЧКИ“ ВО ОЧИТЕ

Голем број луѓе можат да приметат мали точки во видното поле, кои се придвижуваат со движењето на очите и особено се воочливи кога гледаме во нешто светло, како на пример бел лист, бел ѕид или сино небо. Обично се придвижуваат кога ќе пробаме погледот да го фокусираме на нив. Можат да бидат во најразлични форми: црни или сиви точки, извијугани линии, кончиња во вид на клопче или провидни, пајажини, прстени и др. Тие можат да бидат непријатни и иритирачки, но обично не пречат значително во видот и луѓето обично успеваат да се навикнат на нивното постоење и да ги игнорираат. Обично штом еднаш се појават, не исчезнуваат, но можно е со тек на време дел од нив да се изгубат во периферниот дел на видното поле или да се помалку приметливи. Само во ретки случаи тие можат да бидат толку воочливи и да пречат во видот до тој степен да бараат третман. Што ги предизвикува? Најголемиот број од овие сенки во видното поле се мали партикули на протеин наречен колаген. Тие се дел од желатинозната супстанца која го исполнува поголемиот заден дел од окото наречен витреум. Со текот на годините, протеинските влакна од кои е изграден витреумот деградираат и се собираат во мали клопчиња кои фрлаат сенка на ретината и тие сенки се всушност тие точки, сенки, „мушички“ што ги гледаме во видното поле. Понекогаш може да се забележат светкања во видот кои се краткотрајни (неколку секунди), посебно во периферниот дел на видното поле. Доколку приметите светкање, тоа е затоа што дошло до одвојување на витреумот од ретината. Овие промени можат да се јават на било која возраст, но се почести кај лица меѓу 50 и 75 год. Поверојатно е да ги приметите доколку сте кратковиди (имате миопија) или сте имале некаква операција на очите. Иако е ретко, ваквите сенки во видното поле можат да бидат резултат на некаква очна болест, повреда на окото, дијабетична ретинопатија, кристалини депозити во витреумот и др. Неколку сериозни очни заболувања исто така почнуваат со појава на сенки во видното поле: Одлепување (аблација) на ретината, крварење во витреумот, воспаление на задниот дел на окото, тумори и сл. Заради тоа, доколку сте приметиле наеднаш да се појават многу нови темни точки или сенки во видното поле, или доколку светкањето е интензивно, во вид на молња или блиц од фотоапарат и трае подолго време (неколку денови), треба веднаш да се јавите на лекар за очен преглед. Понекогаш светкањето кое се појавува е всушност видната аура која понекогаш претходи на напад на мигрена и наликува на сликата што се гледа кога ќе се погледне во калеидоскоп. Обично трае неколку минути, понекогаш може да се придвижува кон периферијата на видното поле и предизвикува промени во видот во тој период. Но потоа комплетно се повлекува, видот се враќа во нормала, но може да биде проследено со јака (обично еднострана) мигренозна главоболка. Кога да побарате очен преглед? Доколку имате неколку точки, сенки или „мушички“ во видното поле кои не се менуваат во тек на време или пак неколку единечни „светки“ кои траат неколку секунди, обично нема причина за загриженост. Побарајте преглед од офталмолог ВЕДНАШ доколку приметите: нагло зголемување на бројот и густината на црни точки во видното поле, силно светкање во окото кое трае подолго време, губење на видот или сенка во дел од видното поле, промени во видот кои настануваат нагло и се влошуваат во тек на време, појава на темни сенки во видот после операција на окото или поведа, болка во окото. При тоа треба да побарате очен лекар кој има искуство во третман на проблеми со ретината. Во овие ситуации, доколку не побарате помош веднаш, може да дојде и до губење на видот. Како се третираат? „Мушичките“ во видното поле се обично бенигни и не бараат третман. Доколку ви пречат, обидете се да ги тргнете од центарот на видното поле со тоа што ќе ги придвижите очите горе-долу. За сите други болести на очите кои беа споменати претходно, како и во случаи кога сенките во видното поле се многу густи и доведуваат до намален вид, се препорачува да се направи оперативен зафат – витректомија, со која се отстранува витреумот од окото и се заменува со раствор. Но, тоа е сериозен оперативен зафат, кој може да биде проследен со многу компликации и заради тоа се изедува само во ситуации кога е апсолутно неопходно. д-р Билјана Ивановска Аџиевска Специјална очна болница „Деница“

Прочитај повеќе
ТРЕТИРАЊЕ НА ГЛАУКОМОТ - ТИВКИОТ УБИЕЦ НА ВИДОТ
blog

ТРЕТИРАЊЕ НА ГЛАУКОМОТ - ТИВКИОТ УБИЕЦ НА ВИДОТ

Третманот може да биде медикаментозен со локална примена на капки кои се аплицираат во окото. Постојат повеќе единечни или комбинирани препарати кои ги одредува офталмологот. Ставањето на терапијата мора да биде редовна по препишаното упатство. Тоа се најчесто капки за намалување на продукција на очната водичка и олеснување на нејзиното истекување со што се намалува очниот притисок. Во поново време поради теоријата за глаукомот како дегенеративно заболување на целиот оптички тракт се вклучува и невропротективната терапија. Ласерски третман каде се прави ласерска интервенција на трабекуларната мрежа во иридокорнеален агол, што ќе го олесни истекувањето на очна водичка во одводниот (schlemm-ov) канал. Хируршки третман каде се прави проток на очната водичка директно во еписклералниот простор, а во поново време и со вградување на повеќе видови дренажни шантови и валвули. Дијагнозата и лекувањето препуштете му го на вашиот офталмолог, а вие вршете редовни офталмолошки прегледи особено над 60-годишна возраст со проверка на очниот притисок. Доколку е ординирана терапија, редовно практикувајте ја, со редовни контроли и споредбени иследувања, за да може да се следи и соодветно да се лекува заболувањето, со што ќе го зачувате вашиот вид. Не заборавете, глаукомот е состојба која постепено тивко ја краде вашата виделина. д-р Снежана Андревска Текстот е објавен во списанието „Наше Здравје“ на фармацевскиот бренд „Виа Фарм“

Прочитај повеќе
ТРИБИНА НА ДЕНИЦА ЗА ПОДОБРО ОЧНО ЗДРАВЈЕ
soveti

ТРИБИНА НА ДЕНИЦА ЗА ПОДОБРО ОЧНО ЗДРАВЈЕ

Околу 400.000 граѓани во Македонија се соочуваат со очната болест катаракта или имаат одредена форма на дијабетес, беше истакнато на денешната панел дискусија насловена како „Современа офталмологија за подобро очно здравје“ која се одржува во рамки на манифестацијата „Профемина“. Катарактниот и витреоретинален хирург д-р Виолета Бучкоска и нејзиниот колега, офталмолог д-р Сашо Ѓорѓиоски од Специјалната очна болница „Деница“ од Скопје, преку оваа панел дискусија, ја зајакнуваат свесноста за важноста на очното здравје. Д-р Бучковска, во своето излагање, потенцираше дека најважно е очните проблеми да се третираат навреме. „Просечно, иако околу 60% од граѓаните имаат одреден проблем со видот, сепак важно е да се нагласи дека повеќе од 80% од очните проблеми се решливи доколку се третираат навреме“, рече д-р Бучковска. Според неа, особено е важно да се унапредува здравствената култура кај граѓаните, кои треба редовно да го посетуваат својот очен доктор и на тој начин, да бидат откриени сите болести и успешно да бидат третирани и надминати. Д-р Сашо Ѓорѓиоски истакна дека 25% од децата имаат некаков проблем со видот поради што е неопходно уште од најрана возраст редовно да се посетува очен доктор. „Според јавно достапните статистики, во просек, децата во текот на еден ден поминуваат околу 6 часа пред компјутер или пред мобилните уреди, што претставува главна причина за појава на таканаречени дигитално поттикнати заболувања на очите, што е уште една важна причина зошто треба да се посветува особена грижа за нашето офталмолошко здравје“, истакна д-р Ѓорѓиоски.

Прочитај повеќе
УЛОГАТА НА ВИТАМИНИТЕ ЗА ДОБРИОТ ВИД
soveti

УЛОГАТА НА ВИТАМИНИТЕ ЗА ДОБРИОТ ВИД

Следејќи ги современите текови на животот, се соочуваме со водење нездрав животен стил кој заедно со стареењето доведуваат до помали или поголеми оштетувања на органите во човековото тело. Се поставува прашањето дали со правилен внес на соодветни нутриенти може да му се помогне на организмот да ја зачува својата правилна функција и, независно од процесот на стареење , да се овозможи човекот да има подобро здравје. Окото е сложен орган, а со бројни студии е докажана улогата на различни нутиенти кои можат да помогнат да се одржи неговата правилна функција. Заболувањата како дијабетична ретинопатија, макуларна дегенерација, глауком, катаракт, значително влијаат на видот, а нивната инциденца се зголемува со стареењето. Оксидацијата и инфламациите се дел од етиологијата на овие болести па затоа различните нутриенти кои имаат антиоксидативно и антиинфламаторно дејство се потребни за да се овозможи намалување на можноста да се јават овие заболувања или да се намали нивната прогресија. Во продолжение се наброени токму потребните витамини и други нутриенти битни за здраво око и добар вид. Витамин А и неговиот прекурсор β каротен играат важна улога во зачувување на корнеата. Компонента е на родопсинот, биолошки пигмент кој се наоѓа во стапчињата во ретината, одговорен за гледање при слаба светлина. Недостатокот на витамин А е реткост во развиените земји, меѓутоа не треба да се занемари бидејќи може да предизвика сериозна болест – ксерофталмија која може да резултира со слепило. Во некои студии е докажано дека витаминот А може да го намали ризикот од појава на катаракт и макуларна дегенерација поврзана со возраста. Витамин Е , а особено неговата форма α токоферол, е многу моќен антиоксиданс. Многу заболувања на окото се асоцирани со оксидативен стрес што всушност е дисбаланс меѓу антиоксидантите и слободните радикали во телото. Мастите кои се интегрален дел од сите клеточни мембрани се многу осетливи на разградба од оксидацијата предизвикана од слободните радикали. α токоферолот ги врзува слободните радикали и превенира верижни реакции на липидна оксидација. Ова е од големо значење бидејќи во ретината концентрацијата на масните киселини е голема. Исто така, има позитивна улога и во потенцирањето на активноста на молекули и ензими во имунолошките и противвоспалителните клетки, покажува инхибиција на тромбоцитна агрегација и подобрување на вазодилатацијата, па затоа неговата употреба е важна при старечка макуларна дегенерација а и за намалување на ризикот од појава на катаракт. Витамин Ц исто како и витамин Е ги штити очите од оштетувања кои може да ги направат слободните радикали, а помага и во регенерација на оштетените ткива, го намалува воспалителниот одговор, превенира клеточни мутации и уште многу друго. Потребен е за синтеза на колаген, структурна компонента на крвни садови, лигаменти , коски, а кај окото корнеа и склера. Неколку студии покажуваат дека витамин Ц помага во намалување на ризикот од катаракт и во превенција на старечка макуларна дегенерација. Витамини од Б групата , особено комбинацијата на Б6, Б9 и Б12 ја намалуваат концентрацијата на хомоцистеинот , протеин поврзан со појава на инфламација и зголемен ризик за развој на макуларна дегенерација. Витамин Б2 – рибофлавин позитивно влијае на оксидативниот стрес, а негов подолготраен недостаток може да доведе до појава на катаракт. Витамин Б3 –ниацин има главна улога во трансформирање на храната во енергија , а има и антиоксидативно дејство. Неодамнешни студии сугерираат дека ниацинот игра улога во превенцијата на глауком, состојба при која се оштетува очниот нерв. Витамин Б1 е ефективен во намалување на ризик од појава на катаракт, а се употребува и во третман на рана фаза на дијабетична ретинопатија. Лутеин и зеаксантин се каротеноиди кои во најголема концентарција се наоѓаат во зелениот листест зеленчук. Во човековото тело се концентрирани во макулата, централниот дел од ретината. Поради нивната антиоксидативна функција тие го ограничуваат ретиналното оксидативно оштетување преку апсорпција на сината светлина, па помагаат во превенција на старечка макуларна дегенерација и катаракт. Омега 3 масни киселини , а особено DHA и EPA во контекст на претходно кажаното за антиоксидантните својства, важни се за превенција на старечка макуларна дегенерација. Имаат бројни функции кои овозможуваат невропротективни ефекти во ретината. Ова вклучува модулација на метаболните процеси кои доведуваат до оксидативен стрес, инфламации и васкуларизација. Атеросклерозата на крвните садови кои ја хранат ретината доведува до ризик од старечка макуларна дегенерација, слично како и кај срцевите заболувања. Биофизичките и биохемиските функции на DHA може да влијаат на фоторецепторните функции на мембраната преку менување на пропустливоста, протокот, густината, својствата на липидната фаза и на активација на протеините кои учествуваат во мембранската врска. Цинкот е еден од поважните нутриенти и е одговорен за здравјето на ретината бидејќи е главна компонента на многу ензими и е потребен за оптимален метаболизам во окото. Игра голема улога со антиоксидативните својства и учествува во имунолошкиот одговор.Учествува и во структурата на протеините и клеточните мембрани, а со негово губење од мембраните тие стануваат поподложни на оксидативно оштетување и намалување на својата функција. Игра улога и во трансмисијата на нервните импулси. Ако се прашувате кој е најлесниот начин го зачувате добриот вид и да ги заштитите очите од промените кои настануваат при процесот на стареење, едноставно наполнете ја чинијата со храна во сите бои на виножитото. Портокаловите плодови како што се морковот, слаткиот компир, тиквата се богати со витамин А и β каротен. Најмногу витамин Ц ќе внесете во организмот конзумирајќи цитрусни плодови (лимон, портокал, цитрон), јагоди, бобичести плодови, пиперки. Зелениот листест зеленчук како зелена салата, кељ, спанаќ , а и тиквичка, брокула, прокељ ќе ви овозможи внес на лутеин и зеаксантин. Оревите, лешниците,бадемите, индиските ореви како и семињата (ленено, чиа семе, сончогледово, семе од коноп) се богат извор на витамин Е и омега 3 масни киселини кои пак најмногу ги има во морските риби (туна, лосос, скуша, сардина). Говедското месо, помалку пилешкото и свинското, е извор на цинк, кој пак во јајцата е во комбинација со витамин Ц, витамин Е, лутеин, зеаксантин и многу други нутриенти. Конзумирајќи житарки и други легуменози (грав, леќа) го храните организмот со витамини од Б групата и со здрави влакна. Почесто јадете свежи, сирови овошја и зеленчуци, а за да се зачуваат хранливите состојки, пред се витамините и антиоксидантите, подготвувајте ја храната непосредно пред конзумирање, на пониски температури и за пократко време. Балансирана исхрана со секојдневен внес на свежо овошје, зеленчук, житарки, протеини и здрави масти или земање на соодветни суплементи обезбедуваат не само добар вид и здрави очи туку имаат позитивно влијание на целиот организам. Олгица Мартиновска, магистер по фармација Текстот е објавен во летното издание на списанието „Наше Здравје“ на фармацевскиот бренд „Виа Фарм“

Прочитај повеќе
ВИТРЕКТОМИЈА - МИКРОХИРУРГИЈА ШТО ГО ЗАЧУВУВА ВИДОТ
blog

ВИТРЕКТОМИЈА - МИКРОХИРУРГИЈА ШТО ГО ЗАЧУВУВА ВИДОТ

Што е витректомија? Витректомија е тип на операција на окото со која се третираат проблемите на ретината (мрежницата, задниот дел на окото) и витреусот (стаклестото тело, желатинозна супстанца со која е исполнет најголем дел од окото). При оваа операција хирургот го отстранува најголемиот дел од витреусот и го заменува со друг вид на раствор. Зошто се прави? За да можеме да гледаме, светлината треба да помине низ окото и да стигне до ретината (задниот дел од окото), која е составена од нервни клетки и влакна кои се осетливи на светлина и ја пренесуваат информацијата до мозокот со цел да се формира слика од она што го гледаме. Различни болести можат да предизвикаат заматување на течноста на витреусот, појава на крв, остатоци од воспаление (гној, мембрани) или пак сврзно (ожилно) ткиво на ретината. Тоа ја оневозможува светлината да дојде до ретината и предизвикува проблеми и намалување на видот. Отстранувањето на ваквиот заматен витреус може да го реши или подобри проблемот со видот. Понекогаш ретината заради појава на дупки (руптури) се одвојува од ткивото кое ја опкружува и кое служи како нејзина подлога, при што доаѓа до нагло губење на видот. Во овој случај хирургот со витректомија може да стигне до ретината, да ја поправи и да ја врати во првобитна положба. Кои болести на очите се третираат со витректомија? · Крварење во витреусот – најчесто како последица на оштетување на крвните садови на ретината заради дијабет, нерегулиран крвен притисок или тромбоза; · Одлепување на ретината (аблација) – најчесто последица на дијабетична ретинопатија, дегенеративни промени на ретината или повреда на окото; · Инфекција или воспаление на задниот дел на окото; · Оштетувања на центарот за вид (макулата, жолтата точка) – појава на набори (мембрани) или отвор (макуларна дупка); · Тешки повреди на окото; · Компликации после операција на катаракта. Што треба да се направи пред операцијата? Вашиот офталмолог ќе ви каже што точно треба да направите како припрема пред операцијата: · Кои лабораториски анализи треба да ги направите; · Дали некои од лековите кои редовно ги примате треба да ги прекинете; · Дали треба да бидете гладни/жедни на денот на операцијата; · Каква анестезија ќе биде употребена; · Колку долго се очекува да трае операцијата. Пред операцијата ќе ви биде направен детален очен преглед. Ќе бидат ставени капки за ширење на зениците и ќе бидат направени дополнителни анализи со цел да се направи точна проценка на состојбата на окото: ехографија, оптичка кохерентна томографија (OCT), биометрија и др. Што се случува во тек на операцијата? Витректомијата може да трае околу 1-2 часа, во зависност од тежината на состојбата која се третира. Таа може да биде само една во серијата на процедури за поправка на одреден проблем на окото. Обично се работи во локална анестезија со капки за очи и инјекции околу окото, при што во тек на операцијата ќе бидете свесни. Во ретки случаи може да се работи и во целосна (општа) анестезија. Во тек на операцијата хирургот прави мали отвори (помали од 1 mm) на белката на окото. Низ нив со микро-инструменти пристапува во внатрешноста на окото и со ендоскопска метода, со помош на микроскоп го отстранува витреусот, ги чисти страните супстанци (крв, воспалителен материјал, мембрани, сврзно ткиво) од витреусот и ретината. Многу често ендоскопски прави ласерски третман на ретината со цел да се спречат подоцнежни компликации. Исто така, во некои случаи, во зависност од состојбата, во исто време се прави и операција на перде/катаракта, односно природната леќа на окото се заменува со вештачка леќа. Потоа внатрешноста на окото се исполнува со течност, гас или силиконско масло во зависност од потребата. Доколку биде употребено силиконско масло, после неколку месеци ќе треба да биде направена уште една (пократка) операција за да се отстрани истото. На крајот од операцијата понекогаш се ставаат конци, иако тоа во денешно време е реткост. Потоа во окото се става антибиотска маст и окото се преврзува со газа (оклудер). Како тече опоравувањето? Витректомијата е еднодневна хирургија, што значи дека истиот ден, после неколку часа од операцијата, ќе бидете слободни да си одите дома. Докторот ќе ви препише терапија (капки и масти) кои ќе треба редовно да ги ставате во окото со цел да се спречи појава на инфекција. Ќе ви бодат препишани и аналгетици доколку чувствувате некаква болка дента после операцијата. Првиот контролен преглед ќе биде направен уште наредниот ден, кога ќе ви биде објаснето околу хигиената на окото и ограничувањата во тек на првиот месец после операцијата и ќе бидат закажани и натамошни контроли. Кои се ризиците од операцијата? Во прв ред, целта на оваа интервенција е да се подобри видот, да се спречи понатамошното намалување на видот и појавата на други проблеми и компликации. Виктректомијата како операција обично успешно се завршува и ретко се јавуваат компликации. Исходот од операција во однос на сочувување или подобрување на видот пред се зависи од состојбата во која се наоѓало око пред операција и кои постапки требало да бидат превземени за да се поправи состојбата. Сепак, како и за секоја операција, и за оваа постојат ризици и можни компликации. После витректомија постои можност да се појави: · Катаракта/перде (доколку не било претходно отстрането); · Покачен очен притисок; · Повторно крварење во окото; · Одлепување на ретината; · Инфекција. Кога треба да се јавите итно на вашиот лекар после витректомија? · Доколку нагло се намали видот; · Ако се јави јака болка, оток или црвенило околу окото; · Ако се појави секрет од окото; · Доколку во видното поле се јават темни сенки или одблесоци од светлина. Сите овие можат да бидат знак за појава на посериозни проблеми кои офталмологот треба да ги прегледа и доколку има потреба навремено да ги третира со цел да се сочува видот.

Прочитај повеќе
ВИТРЕКТОМИЈА – КОГА Е ПОТРЕБНА ОВАА ОПЕРАЦИЈА?
blog

ВИТРЕКТОМИЈА – КОГА Е ПОТРЕБНА ОВАА ОПЕРАЦИЈА?

Витректомијата е хируршка процедура при која се отстранува стаклестото тело од окото со цел да се третираат сериозни очни заболувања како отслојување на мрежницата, крварење во стаклестото тело, макуларна руптура и дијабетична ретинопатија.

Прочитај повеќе
ЗАШТИТА НА ОЧИ ОД ПРОЛЕТНОТО СОНЦЕ
soveti

ЗАШТИТА НА ОЧИ ОД ПРОЛЕТНОТО СОНЦЕ

За неколку недели конечно ќе почне долгоочекуваната пролет, а со тоа и зголемената изложеност на ултравиолетови зраци, но и на алергени. Медицинските експерти редовно предупредуваат за опасностите од долгото излагање на сонце, но и на алергените. Често постои верување дека сончевата светлина предизвикува моментални нарушувања на очите, како што се солзење, заблеснување и пецкање, а помалку е познат долготрајниот штетен ефект врз очите. Многу болести на очите кои се проследени со губење на видот, а за кои верувавме дека биле резултат на наследни или непознати фактори, биле предизвикани од влијанието на сончевата светлина врз различното ткиво на окото. Со цел да се спречат непријатните состојби и непоправливите оштетувања на очите потребно е од најрана возраст да се примени соодветна заштита на очите од сонцето. На кој начин да ги заштитите очите и какви очила за сонце да изберете дознавате од интервјуто за Точка со д-р Сашо Ѓорѓиоски, офталмолог од специјалната очна болница „Деница“. До какви последици може да дојде ако не се заштитат навремено и соодветно? – Краткорочното и интензивно изложување на очите на сонце може да предизвика акутни промени на корнеата, т.н. сончев кератитис што се јавува како резултат на изгореници на окото. Нарушувањато се манифестира со болка, жарење, пецкање, солзење и црвенило на окото со оток на капаците и привремено заматен вид. Долгорочната изложеност на сонце може да предизвика дегенеративни промени во корнеата и последователно губење на видот. Исто така, не ретки се и промени на конјунктивата во облик на жолчкасти наслаги, pinguecula или pterygium (надворешно перде) што можат да предизвикаат пречки како што се црвенило, иритација и често го нарушуваат естетскиот изглед на окото. Се забрзува и развојот на замаглување на леќата, т.е. појавата на катаракта веќе во рана средна возраст на животот, а на мрежницата (ретината) може да настане дегенерација на жолтата точка (точката на најјасниот вид) што доведува до трајно и неповратно оштетување на видот. Дури и краткорочното гледање директно во сонцето без никаква заштита може да доведе до појава на т.н.соларна макулопатија односно краткотрајно или трајно оштетување на жолтата точка. Како да се заштитат очите од сончевите зраци? – Очилата за сонце кои го блокираат УВ зрачењето обезбедуваат најдобра заштита во текот на целата година. – Со носење шапка можете да ја намалите директната експозиција и забленувањето на очите од сонцето. Се препорачува да се носи шапка со посветли бои за деца и возрасни, особено во времето на најсилното УВ зрачење помеѓу 10 и 16 часот. Ефикасноста е околу 50%, бидејќи не обезбедува заштита од рефлектирачките сончеви зраци. – Контактни леќи со УВ филтер се препорачуваат да се носат во комбинација со очила за сонце. Самите не обезбедуваат УВ заштита на сите делови на окото и не го намалуваат чувството на зблеснување на очите. – Капки за очи (вештачки солзи) го влажнат окото и ги испираат нечистотиите со што помагаат да се одржи заштитниот солзен филм кој се намалува поради високата температура и ветерот. Неквалитетниот солзен филм предизвикува сушење на површината на очите со што предизвикува црвенило, печење и гребење на окото. Какви очила препорачувате? – Обликот на очилата треба да се прилагоди на обликот на лицето. За летото препорачуваме модели со поголеми стакла, заоблени од страната со што штитат од рефлектирачките зраци. Материјалот на стаклата мора да биде со висока оптичка чистота, лесен, флексибилен и отпорен на гребење. Може да се направи од стакло или пластика, а исто така може да се направат и со диоптрија. Поликарбонатните стакла се препорачуваат за луѓе кои се занимаваат со спорт бидејќи се поотпорни на кршење. Фото осетливите стакла го менуваат интензитетот на затемнување во зависност од интензитетот на светлината и се погодни за возење. Поларизираните стакла и антирефлексните слоеви го намалуваат отсјајот и се погодни за возење и спортови на вода. Стаклата со ефект на огледало значително го ограничува количеството на светлина што влегува во окото, со што полесно се гледа. Бојата на леќата најчесто е сива, сивосина, зелена и кафеава, и се избира според намената и вкусот. Важно е да се напомене дека степенот на затемнување на стаклото не влијае на заштитата од УВ зраците. Како да знаеме дека очилата за сонце обезбедуваат целосна УВ заштита? – За избор на соодветни и квалитетни очила кои обезбедуваат целосна УВ заштита, најдобро е да се консултирате со професионален тим во офталмолошки ординации, оптики, аптеки или специјализирани спортски продавници. Се препорачува да се изберат очила за сонце кои нудат 100% или 99% заштита од UVA и UVB зрачење, потребно е да побарате декларација во која производителот ги наведува карактеристиките на стаклото и го гарантира квалитетот на производот. Налепницата UV 400 покажува дека сите сончеви зраци со бранова должина до 400 нанометри (сите UVA и UVB зраци) се блокирани. Дали децата треба да носат очила за сонце? – На децата им требаат очила за сонце со 100% UV заштита, и од најмладата возраст треба да се навикнуваат за носење, бидејќи поминуваат многу повеќе време надвор од возрасните. Не купувајте им на децата неквалитетни очила, пластични и темни, без филтер, бидејќи поради затемнувањето нивните зеници ќе се прошират за да пропуштат повеќе светлина и со тоа директно се зголемуваат штетните ефекти на сончевите зраци. Доенчињата и многу малите деца кои не можат да носат очила за сонце не треба да се изложуваат директно на сонцето во периодот од 10 и 16 часот. Најдобро е да се изнесат во длабока сенка за да се заштитат од рефлектирачките зраци. Што е со појавувањето на пролетните алергии? – Колку и да не привлекуваат да излеземе надвор сонцето и пролетните температури, доаѓањето на топлите денови за голем број на луѓе значи и борба со алергии. Алегриите најчесто се јавуваат со доаѓање на пролета. Очи кои солзат, црвенило, чешање, главоболка се само дел од симптомите со кои се борат многу луѓе кои имаат алергиски болести. Алергијата на очите е едноставна за препознавање – црвени очи, потечени капаци, чешање и солзење на очи, кивање и течење на носот – сето ова се симптоми на алергија. Како настанува алергијата и кои се нејзини причинители? – За жал, кај алергискиот имунолошки систем нападот од инаку безопасните супстанци (алергени) како полен, прашина, животински влакна, храна или лекови предизвикуваат воспаление. Очите реагираат на алергените кои ги иритираат со што настанува реакција на очите. Алергија на очите исто така може да биде предизвикана со реакција на одредени козметички производи или капки за очи, вклучувајќи ги и вештачките солзи за суви очи кои содржат конзерванси. Алергија на одредена храна или на пример убод од пчела или други инсекти, во принцип не влијаат така интензивно на очите, како што е тоа случај кај алергиите на полен, мувла и кpлежи. Како да ги намалиме симптомите на алергија на очи? – Избегнувајте алергени. Најдоброто што можете да го направите за намалување на симптомите на алергија на очите е да го ограничите своето изложување на алергените на кои сте осетливи. На пример, кога е голема количината на полен во воздухот, останете во затворена просторија што е можно подолго. Додека сте на отворено задолжително носете што е можно поголеми наочари за сонце како поефикасно би ги заштитиле очите од поленот во воздухот. Извадете ги контактните леќи. Имајќи во предвид дека контактните леќи на својата површина можат да привлечат алергени, размислете за опција на носење на диоптерски оквири во текот на сезоната на алергии. Друга опција е да носите дневни контактни леќи кои се фрлаат по секое носење, со што би избегнале насобирање на алергени на контактните леќи. Во случај на силен алергиски коњуктивитис потребно е да отидете кај офталмолог. Лечењето може да вклучи антихистаминици или против воспалителни капки за очи, стероидни капки за очи ( кај сериозни случаи). Автор: А.В. Извор: https://goo.gl/umwf1E

Прочитај повеќе
ЗДРАВЈЕ НА ОЧИТЕ ЗА ВРЕМЕ НА МЕНОПАУЗА
soveti

ЗДРАВЈЕ НА ОЧИТЕ ЗА ВРЕМЕ НА МЕНОПАУЗА

Додека естрогенот и прогестеронот се попознати по нивната улога во репродукцијата и бременоста, дали знаевте дека тие можат да влијаат и на здравјето на очите? Меѓу многуте промени што ги доживуваат жените со менопаузата, видот може да биде една од нив. Aко забележите промени во видот, знајте дека не сте сами. Добрата вест е што проблемите со очите може да се решат откако ќе се избалансираат нивоата на хормони. Најчести проблеми се: – Суви очи; – Катаракта; – Глауком. Покрај редовните очни прегледи, одржувањето на здрав начин на живот е еден од најважните чекори за одржување на вашите очи здрави за време и по менопаузата. Ова вклучува избегнување пушење, лекување здравствени проблеми како дијабетес и висок крвен притисок и одржување на урамнотежена исхрана. Здравиот крвен притисок и нивото на шеќер во крвта помагаат да се заштитите од проблеми со очите, како што се катаракта и глауком.

Прочитај повеќе
ЖОЛТ МИКРОПУЛСЕН ЛАСЕР
blog

ЖОЛТ МИКРОПУЛСЕН ЛАСЕР

Конвенционалниот ласери што се користат за лекување на болести на мрежницата работат преку емитување на континуирана зелена светина која предизвикува загревање на мрежницата. Ова ги прави ефикасни, но и особено инвазивни кон третираната зона, заради повреди на фоторецепторните клетки на мрежницата и последователно формирање на големи „лузни“ кои, во зависност од тоа каде се позиционирани, може да доведат дури и до компликации како што се дополнително намалување на видната острина, видното поле, перцепцијата на бојата, ноќното гледање и чувствителноста на контраст.

Прочитај повеќе