Категорија

Совети

Текстови од категоријата Совети.

КАКО ДА ГИ ЗАШТИТИМЕ НАШИТЕ ОЧИ ВО ЛЕТО

КАКО ДА ГИ ЗАШТИТИМЕ НАШИТЕ ОЧИ ВО ЛЕТО

Почна долгоочекуваното лето, а со него и зголемената изложеност на ултравиолетови зраци. Затоа медицинските специјалисти редовно предупредуваат за опасностите од долгото изложување на сонце. Често постои верување дека сончевата светлина предизвикува моментални нарушувања на очите, како што се солзење, заблеснување и пецкање, а помалку е познат долготрајниот штетен ефект врз очите. Многу болести на очите кои се проследени со губење на видот, а за кои верувавме дека биле резултат на наследни или непознати фактори, биле предизвикани од влијанието на сончевата светлина врз различното ткиво на окото. Со цел да се спречат непријатните состојби и непоправливите оштетувања на очите, потребно е од најрана возраст да се примени соодветна заштита на очите од сонцето. Во текот на летото постои особено силен одраз (рефлексија) на УВ зраците од површината на морето, песок и чакал, односно за време на летување на море. На надморска височина од 2000 метри и повеќе, УВ зрачењето е двојно повисоко од нивото на морето, така што излетниците, планинарите и луѓето кои работат во таква средина се повеќе изложени на овие зраци. Краткорочното и интензивно изложување на очите на сонце може да предизвика акутни промени на корнеата, како што е т.н. сончев кератитис што се јавува како резултат на изгореници на окото. Нарушувањато се манифестира со болка, жарење, пецкање, солзење и црвенило на окото со оток на капаците и привремено заматен вид. Долгорочната изложеност на сонце може да предизвика дегенеративни промени во корнеата и последователно губење на видот. Исто така, не се ретки и промени на конјунктивата во облик на жолчкасти наслаги, „pinguecula или pterygium“ (надворешно перде) што можат да предизвикаат пречки како што се црвенило, иритација и често го нарушуваат естетскиот изглед на окото. Се забрзува и развојот на замаглување на леќата, т.е. појавата на катаракта веќе во рана средна возраст на животот, а на мрежницата (ретината) може да настане дегенерација на жолтата точка (точката на најјасниот вид) што доведува до трајно и неповратно оштетување на видот. Дури и краткорочното гледање директно во сонцето без никаква заштита може да доведе до појава на т.н.соларна макулопатија односно краткотрајно или трајно оштетување на жолтата точка. Најдобра заштита на очите од сончевите зраци · Очилата за сонце кои го блокираат УВ зрачењето обезбедуваат најдобра заштита во текот на целата година. · Со носење шапка можете да ја намалите директната експозиција и заблеснувањето на очите од сонцето. Се препорачува да се носи шапка со посветли бои за деца и возрасни, особено во времето на најсилното УВ зрачење помеѓу 10 и 16 часот. Ефикасноста е околу 50%, бидејќи не обезбедува заштита од рефлектирачките сончеви зраци. · Контактни леќи со УВ филтер се препорачуваат да се носат во комбинација со очила за сонце. Самите не обезбедуваат УВ заштита на сите делови на окото и не го намалуваат чувството на заблеснување на очите. · Капките за очи (вештачки солзи) го влажнат окото и ги испираат нечистотиите со што помагаат да се одржи заштитниот солзен филм кој се намалува поради високата температура и ветерот. Неквалитетниот солзен филм предизвикува сушење на површината на очите, што доведува до појава на црвенило, печење и гребење на окото. Како да се изберат вистинските очила за сонце? · Обликот на очилата треба да се приспособи на обликот на лицето. За летото препорачуваме модели со поголеми стакла, заоблени од страната, за да штитат и од рефлектирачките зраци. · Материјалот на стаклата мора да биде со висока оптичка чистота, лесен, флексибилен и отпорен на гребење. Може да се направи од стакло или пластика, а исто така можат да се направат и со диоптрија. Поликарбонатните стакла се препорачуваат за луѓе кои се занимаваат со спорт бидејќи се поотпорни на кршење. Фотоосетливите стакла го менуваат интензитетот на затемнување во зависност од интензитетот на светлината и се погодни за возење. Поларизираните стакла и антирефлексните слоеви го намалуваат отсјајот и се погодни за возење и спортови на вода. Стаклата со ефект на огледало значително го ограничуваат количеството на светлина што влегува во окото, со што полесно се гледа. · Бојата на леќата најчесто е сива, сивосина, зелена и кафеава и се избира според намената и вкусот. Важно е да се напомене дека степенот на затемнување на стаклото не влијае на заштитата од УВ зраците. Како да знаеме дека очилата за сонце обезбедуваат целосна УВ заштита? За избор на соодветни и квалитетни очила кои обезбедуваат целосна УВ заштита, најдобро е да се консултирате со професионален тим во офталмолошки ординации, оптики, аптеки или специјализирани спортски продавници. Се препорачува да се изберат очила за сонце кои нудат 100% или 99% заштита од УВА и УВБ зрачење, а потребно е да побарате декларација во која производителот ги наведува карактеристиките на стаклото и го гарантира квалитетот на производот. Налепницата УВ 400 покажува дека сите сончеви зраци со бранова должина до 400 нанометри (сите УВА и УВБ зраци) се блокирани. Дали децата треба да носат очила за сонце? На децата им требаат очила за сонце со 100% УВ заштита и од најмладата возраст треба да се навикнуваат за носење, бидејќи поминуваат многу повеќе време надвор од возрасните. Не купувајте им на децата неквалитетни очила, пластични и темни, без филтер, бидејќи поради затемнувањето, нивните зеници ќе се прошират за да пропуштат повеќе светлина и со тоа директно се зголемуваат штетните ефекти на сончевите зраци. Доенчињата и многу малите деца кои не можат да носат очила за сонце не треба да се изложуваат директно на сонцето во периодот од 10 до 16 часот. Најдобро е да се изнесат во длабока сенка за да се заштитат од рефлектирачките зраци. Текстот е објавен во магазинот „Наше Здравје“ на фармацевтскиот бренд „Виа Фарм“.

Прочитај повеќе
КАКО ДА ГИ ЗАШТИТИМЕ ОЧИТЕ ОД НЕПРИЈАТНАТА ПРОЛЕТНА АЛЕРГИЈА?

КАКО ДА ГИ ЗАШТИТИМЕ ОЧИТЕ ОД НЕПРИЈАТНАТА ПРОЛЕТНА АЛЕРГИЈА?

Колку и да нè привлекуваат сонцето и пролетните температури да излеземе надвор, за голем број луѓе доаѓањето на топлите денови значи и борба со алергии. Тие најчесто се јавуваат со доаѓањето на пролетта. Очи што солзат, црвенило, чешање, главоболка се само дел од симптомите на алергијата на очите. Алергиските болести денеска се категоризираат во болести на модерното време и сè повеќе добиваат карактеристики на пандемија. Се смета дека околу една четвртина од светската популација е алергична на некоја супстанција и, поради тоа, страда од некаква алергиска реакција. Алергијата на очите е едноставна за препознавање: црвени очи, потечени капаци, чешање и солзење на очите, кивање и течење на носот. Како настанува алергијата и кои се нејзините причинители? Појавата на алергии значи дека е нашиот имунолошки систем пречувствителен и неадекватно реагира на инаку безопасни супстанции. Имунолошкиот систем кој уредно функционира нè штити од болести така што ги уништува штетните микроорганизми кои влегуваат во организмот. За жал, кај алергиите нападот од инаку безопасните супстанции (алергени) како полен, прашина, животински влакна, храна или лекови предизвикува воспаление. Очите реагираат на алергените што ги иритираат со што настанува реакција кај нив. Алергијата на очите, исто така, може да биде предизвикана од одредени козметички производи или капки за очи, вклучувајќи ги и вештачките солзи за суви очи што содржат конзерванси. Алергијата на одредена храна или на пример, на убод од пчела или од други инсекти, во принцип не влијаат толку интензивно на очите, како што е тоа случај кај алергиите на полен, мувла и кpлежи. Практични совети како да ги намалите симптомите на алергија на очи Избегнувајте алергени. За време на висока концентрација на полен во воздухот, што помалку отворајте ги прозорците во домот или во автомобилот, избегнувајте го излегувањето рано наутро (најмногу полен се отпушта околу 5 часот наутро), како и излегувањето во текот на сончевите и ветровитите денови во текот на цветањето на растенијата. Кога ќе се вратите дома, соблечете ја облеката што сте ја носеле надвор и измијте ја косата. На лица што боледуваат од поленска грозница може да им помогне и редовно испирање на носот со физиолошки раствор и користење на вештачки солзи за очи без конзерванси. Избегнувајте миризливи освежувачи на просторот, како и миризливи свеќи. Новите истражувања покажуваат дека ги влошуваат симптомите на алергиската реакција. Не ги тријте очите. Користете вештачки солзи без конзерванси и ставајте ладни облоги на очите за да го намалите воспалението и концентрацијата на алергени во очите. Избегнувајте облоги од камилица, мед и слични производи! Извадете ги контактните леќи. Имајќи во вид дека контактните леќи на својата површина можат да привлечат алергени, размислете за опција на носење на диоптерски очила во текот на сезоната на алергии. Друга опција е да носите дневни контактни леќи што се фрлаат по секое носење, за да се избегне собирање на алергени на контактните леќи. Лекови. Во случај на силен алергиски конјуктивитис потребно е да отидете кај офталмолог. Лечењето може да вклучи антихистаминици или противвоспалителни капки за очи, стероидни капки за очи (кај сериозни случаи) Доколку чешањето, отоците и другите симптоми на алергија се влошуваат, веднаш посетете офталмолог. Не користете кортикостероиди или други противвоспалителни лекови без надзор на лекар, бидејќи истите можат да бидат штетни по вашето здравје! Понекогаш е тешко да се направи разлика помеѓу алергиски и инфективен конјуктивитис, особено во периодот на поленската грозница кога црвените и солзливи очи се заеднички симптом. Доколку е црвенилото изразено само на едното око, тогаш се мали шансите да станува збор за алергиски конјуктивитис. Важно е да се нагласи потребата веднаш да се обратите кај вашиот офталмолог доколку чувствувате болка во окото, имате изразена осетливост на светлина, ако е намалена видната острина, бидејќи ова не се симптоми на алергиски конјуктивитис. Текстот е објавен во магазинот „Наше Здравје“ на фармацевтскиот бренд „Виа Фарм

Прочитај повеќе
КАКО ДА ГО ЗАЧУВАТЕ ЗДРАВЈЕТО НА ВАШИТЕ ОЧИ? НАЈВАЖНИ СОВЕТИ ОД ОФТАЛМОЛОЗИТЕ

КАКО ДА ГО ЗАЧУВАТЕ ЗДРАВЈЕТО НА ВАШИТЕ ОЧИ? НАЈВАЖНИ СОВЕТИ ОД ОФТАЛМОЛОЗИТЕ

Вашите очи се вашите прозорци кон светот, затоа нивното здравје треба да биде приоритет. Денешниот начин на живот, долгото изложување на екрани, загадувањето и возраста можат да влијаат на видот.

Прочитај повеќе
КАКО ДА ЈА ПОБЕДИТЕ КАТАРАКТАТА?

КАКО ДА ЈА ПОБЕДИТЕ КАТАРАКТАТА?

Единствениот начин за лекување на катаракта е хируршко отстранување и имплантирање на вештачка интраокуларна леќа. Интервенцијата трае 20на минути, потполно е безболна, се врши со помош на локална анестезија и уште истиот ден се напушта болницата. Постојат два начина на операција на катаракта: – Ултразвучна операција на катаракта (факоемулзификација) . Факоемулзификацијата е техника на ултразвучна хирургија каде што, користејќи модерна технологија со ултразвучна сонда, низ мал рез од 2 милиметри, катарактата се крши (дроби), се всисуваат искршените делови и се поставува флексибилна леќа со претходно утврдена јачина и дизајн во зависност од животните навики на пациентот. Операцијата се изведува во локална анестезија, и е целосно безболна, се врши под микроскоп и трае околу дваесет минути. Ваквиот тип на операција оди со брзо закрепнување на пациентот, бидејќи нема потреба од ставање на шавови. – Екстра капсуларна екстракција на катарактата, хируршка операција со поголем рез на корнеа . Оваа техника се практикува кај тврди и комплицирани катаракти каде се очекуваат повеќе компликации доколку се употреби ултразвучно отстранување на катарактата. По отстранувањето на катарактата се поставува флексибилна леќа со претходно утврдена јачина и дизајн во зависност од животните навики на пациентот. Операцијата се изведува во локална анестезија, и е целосно безболна, се врши под микроскоп и трае околу дваесет минути. Овој тип на операција оди со побавно закрепнување на пациентот, бидејќи ќе има потреба од ставање на шавови. Врвниот тим на офталмолози во Деница, со користење на најсовремена апаратура, ќе се погрижи повторно да имате кристално јасен вид. Закажете преглед на 02/3068-288. Затоа што вашите очи го заслужуваат најдоброто.

Прочитај повеќе
ПЕТ ЗНАЦИ ЗА МОЖНИ ПРОБЛЕМИ СО ВИДОТ КАЈ ДЕЦАТА

ПЕТ ЗНАЦИ ЗА МОЖНИ ПРОБЛЕМИ СО ВИДОТ КАЈ ДЕЦАТА

Повеќе од 80% од материјата што децата ја учат на училиште ја помнат преку визуелизација. Тоа значи дека, доколку детето има проблем со видот, таквата состојба може да има влијание врз неговиот иден развој. Во продолжение, укажуваме на пет предупредувачки знаци кои треба да го вклучат алармот кај родителите дека нивното дете можеби има проблем со видот. 1. Постојано седи блиску до телевизорот или ја држи книгата премногу блиску до очите . Иако модерната наука денес смета дека седењето блиску до телевизискиот приемник не влијае негативно врз очите, сепак, ваквата навика, доколку е долготрајна, може да претставува предупредувачки знак за потенцијални проблеми со видот. 2. Често триење на очите . Да, децата често ги протриваат очите кога се уморни или се вознемирени. Меѓутоа, доколку вашето дете ги протрива очите додека се обидува да се фокусира на нешто или додека е активен, тоа е знак дека би можел да има некаков проблем со видот. 3. Губење на местото каде се застанало со читањето или користење на прст за насочување на очите кога се чита . Кога децата учат да читаат, е сосема нормално да го искористат прстот за да можат правилно да го следат редоследот на зборовите. Сепак, наспроти почетокот, кога се започнувало со читање, доколку вашето дете продолжува да го користи прстот, замолете го да чита на глас без да го користи. Доколку, во овој случај, увидите дека вашето дете има проблеми да ја прочита реченицата, тоа може да биде знак дека има проблем со видот. 4. Чувствителност на светлина и/или прекумерно солзење на очите . Дали очите на вашето дете се особено чувствителни на осветлување во затворен простор или на сончева светлина? Имено, децата со фотофобија, односно со екстремната осетливост кон светлината, често пати се жалат на главоболки и на гадење, што може да биде индикатор за потенцијални проблеми со очите. 5. Затворање на едното око при читање или при гледање на телевизија . Честото затворање на едното око, може да укажува на рефрактивен или бинокуларен проблем со видот кој може да влијае во насока на попречување на способноста на двете очи да работат заедно. Оттаму, затворањето на едното око за читање, би можело да биде предупредувачки знак за специфичен проблем на очите наречен недоволна конвергенција. На крајот, особено важно е да се знае дека е потребно децата да имаат редовни офталмолошки прегледи на секои 12 месеци.

Прочитај повеќе
Пролет со јасна визија: основни совети за заштита на вашите очи

Пролет со јасна визија: основни совети за заштита на вашите очи

Како што се менуваат годишните времиња и доаѓа пролетта, од суштинско значење е да ги одржувате вашите очи здрави. Од борбата против сезонските алергии до заштитата на очите од суровите зраци на сонцето, споделуваме практични и стручни совети.

Прочитај повеќе
СЕДУМ ЕДНОСТАВНИ СОВЕТИ ЗА ПОДОБАР ВИД

СЕДУМ ЕДНОСТАВНИ СОВЕТИ ЗА ПОДОБАР ВИД

1. Хранете се здраво . Вашата исхрана нека биде богата со зелен лиснат зеленчук, масни риби и школки, јајца, јаткасти плодови и семиња, цитрусни плодови, месо. Нутриентите, како што се омега три масните киселини, зеаксантин, лутеин, бетакаротен, витамин Ц, витамин Е, цинк и.т.н., можат да помогнат при проблемите со видот особено оние што се поврзани со стареењето (макуларна дегенерација, катаракта…). Пијте доволни количини вода за да овозможите доволна хидратација на окото. 2. Прекинете со пушењето . Овој порок може да доведе до катаракта, па и да предизвика оштетување на оптичкиот нерв. Колку порано се откажете од цигарите, ќе биде толку подобро за вашето целокупно здравје. 3. Носете очила за заштита од штетното дејство на сончевите УВА и УВБ зраци . Преголемо изложување на УВ светлина ги зголемува шансите за појава на катаракта и на макуларна дегенерација. 4. Намалете го гледањето во компјутерските монитори и во телефоните . Со тоа ќе го избегнете заморот на очите, заматениот вид, проблемите при фокусирање на далечина, сувоста во очите, главоболката. 5. Внимавајте на очите при работа со хемикалии, било на работно место или во домот . Носете соодветна заштита. 6. Редовно контролирајте го нивото на шеќер во крвта . Дијабетот е причина за појава на дијабетична ретинопатија, дијабетичен макуларен едем, катаракта и глауком кои доколку не се третираат навреме може да доведат до губење на видот. 7. Посетете го вашиот офталмолог . Секој има потреба од редовен преглед особено што постојат болести кои немаат симптоми во рана фаза. Не ги заборавајте вашите деца, потребна им е истата грижа. Доколку болестите се откријат навреме, може полесно и поефикасно да се лекуваат. д-р Снежана Андревска

Прочитај повеќе
СОВЕТИ ЗА ДОБАР ВИД

СОВЕТИ ЗА ДОБАР ВИД

Превенцијата и рано откривање на сериозна болест на очите може да помогне да се зачува видот. Посветете се на постигнување добро здравје на очите со закажување редовни сеопфатни очни прегледи во Деница Специјална очна болница. Дополнително, можете да си помогнете да го зачувате вашиот вид со тоа што ќе се посветите на здрав начин на живот. Еве неколку примери за тоа како можете да се грижите за вашиот вид на дневна основа: Следете хранлива, урамнотежена исхрана со свежи и богати намирници со влакна. Изборот на здрава храна за очи вклучува храна со антиоксиданси, зелен зеленчук како спанаќ, или кељ. Јадете масна риба како лосос или туна. Вклучете и мешунки, јајца, моркови, авокадо, пченични никулци, растително масло и јаткасти плодови во вашите оброци. Бидете физички активни. Редовното вежбање го подобрува вашето физичко и ментално здравје, вклучувајќи го и вашиот вид. Одржувајте здраво ниво на гликоза, крвен притисок и холестерол во крвта. Одржувањето на здрави нивоа помага во спречување или одложување на хронични состојби како што се дијабетес и неговите компликации. Дијабетичната ретинопатија може да предизвика оштетување на мрежницата на окото, што резултира со губење на видот. Добар сон. Се смета дека треба да спиеме помеѓу седум и девет часа секоја вечер. Додека спиеме, нашите очи уживаат и се ослободуваат од прашина, алергени или чад што се акумулира во текот на денот.

Прочитај повеќе
СОВЕТИ ЗАШТИТАТА НА ОКОТО ВО СТУДЕНИТЕ ЗИМСКИ ДЕНОВИ

СОВЕТИ ЗАШТИТАТА НА ОКОТО ВО СТУДЕНИТЕ ЗИМСКИ ДЕНОВИ

Окото е орган, прозорец кон светот, кој ни овозможува вид и перцепција за опкружувањето. Толку нежно и чувствително, а истовремено изложено на низа надворешни влијанија, но во својата совршеност окото има изградено и совршен систем за одбрана и одржување на својата функција – видот. Еден од главните елементи во заштитата на окото се солзите т.е. нивна главна улога е заштитата на окото. Тие се должни да ја одржуваат влажноста на окото што е неопходно за негово функционирање. Тие го штитат предниот сегмент на окото (conjunctiva i cornea) од појава на суви зони бидејќи нивната функција за јасен вид зависи од постојаното навлажнување. Истовремено со излачување на солзите се испирааат и надворешните иританси ( прашина, чад, аеросоли, страни тела), а поради својот состав се и првата имуно-биолошка бариера на окото. Содржат 98 % вода, минерали, ензими и протеини, пред се Ig A, lizozim, lactoferin кои се првата антибактериска одбрана на окото. Солзите во 95 % се излачуваат од главната солзна жлезда (glandula lacrymalis) која се наоѓа во горниот надворешен агол над очното јаболко, а во помал дел ( 5 % ) од помошните солзни жлезди (glandulae Krause et glandulae Wolfring) сместени во конјуктивата. Постои базална секреција која е доминантна во количеството на солзи и рефлексна која е поттикната од дразба на окото како што се пребрз распад на солзниот филм, некој воспалителен процџес или друго заболување на окото. Излачените солзи во окото се слеваат по средината на очното јаболко, ја вршат својата улога и преку помошниот солзен апарат ( punctae lacrymalis et ductus lacrymalis ) се собираат во солзната кеса (saccus lacrymalis ) и преку солзниот канал ( ductus nasolacrymalis ) се слеваат во носот. Водената компонента на солзниот филм се губи со испарување. Ова зависи од големината на отворот меѓу очните капаци , честотата на трепкањето како и од температурата и влажноста на воздухот во околината. Причините за појава на солзењето како симптоми се: 1. Зголемено лачење на солзите (hyperlacrymacija) предизвикано од рефлексната реакција на солзните жлезди секундарно како одговор на дразба на предниот дел на окото (воспалителни процеси, повреди или други заболувања на окото). Ова се лекува со соодветна терапија на основното заболување; 2. Epiphora или прелевање на нормалната количина на солзи поради пречки во истекувањето низ помошниот солзен апарат. Таа се засилува на ладно и ветровито време, а најмалку е изразена во суви и топли услови. Одговорот на прашањето што се може да предизвика појава од солзење на очите е малку поопширен. Еве ги основните: 1. Сите надворешни иританси кои доаѓаат во контакт со површината на окото ( прав, чад, домашна прашина., аеро загадувачи ) и го тера окото да го поттикне својот прв одбрамбен механизам, а тоа е солзењето; 2. Долготрајното гледање во монитор, поради реткото трепкање и следствено сушење на предната површина на окото, доведуваат до појавување на суви зони кои го будат рефлексот за солзење; 3. Долготрајното носење, неправилното одржување и неадекватно манипулирање со контактни леќи исто може да биде причина за изразено солзење; 4. Сепак најчеста причина за појава на солзењЕто се одредени заболувања на окото. Често е пропратено со црвенило, чувство на гребење, чешање и замаглување на видот. Тука спаѓаат заболувањата од инфективна природа ( бактериски и вирусни инфекции ), алергиски воспалителни реакции ( полени, козметички препарати, влакна од домашни миленици, контактни леќи и др. ), длабоки воспалителни процеси како одговор на други системски заболувања, покачен очен притисок како и неадекватно решена диоптрија на очилата. Неретко, особено кај повозрасната популација, може да се јави симптомот на солзењепри постоење на синдромот на суво око, малку парадоксално но вистинито. Поради намалена функција на солзната жлезда или лошиот квалитет на солзниот филм доаѓа до појава на суви зони кои го иритираат окото и ја будат рефлексната секреција поради што се јавува солзење. Од сето ова можеме да заклучиме дека доколку солзењето е пропратено со црвенило, болка, заматување на видот веднаш треба да биде консултиран офталмолог. Доколку сте свесни дека вашето око било изложено на надворешни иританси треба истите да ги отстраните, а доколку тоа не го сторите окото само ќе се избори против нив со солзењето. Еве неколку совети како да го заштитите вашето око: – Не седете предолго пред мониторите, адоколку тоа го наложува вашата работна обврска нека бидат тоа кратки интервали и почесто погледот тргајте го од мониторот.Секако соодветна заштита може да побарате кај вашиот офталмолог; – Престојувајте на чист воздух и избегнето го аерозагадувањето кое покрај другото ги иритира и вашите очи; – Хранете се здраво; – При долготрајно солзење пропратено со други симптоми ( црвенило , лепливост. Болка или нарушување на видната функција ) веднаш побарајте помош кај вашиот офталмолог. д-р Снежана Андревска Текстот е објавен во зимското издание на магазинот „Наше Здравје“ на фармацевскиот бренд „Виа Фарм“.

Прочитај повеќе
СУВО ОКО – ЗОШТО СЕ ЈАВУВА И КАКО ДА СЕ ТРЕТИРА?

СУВО ОКО – ЗОШТО СЕ ЈАВУВА И КАКО ДА СЕ ТРЕТИРА?

Сувото око е честа состојба што се јавува кога очите не произведуваат доволно солзи или солзниот филм испарува пребрзо. Ова предизвикува чувство на печење, чешање, заматен вид и замор на очите.

Прочитај повеќе
ТРИБИНА НА ДЕНИЦА ЗА ПОДОБРО ОЧНО ЗДРАВЈЕ

ТРИБИНА НА ДЕНИЦА ЗА ПОДОБРО ОЧНО ЗДРАВЈЕ

Околу 400.000 граѓани во Македонија се соочуваат со очната болест катаракта или имаат одредена форма на дијабетес, беше истакнато на денешната панел дискусија насловена како „Современа офталмологија за подобро очно здравје“ која се одржува во рамки на манифестацијата „Профемина“. Катарактниот и витреоретинален хирург д-р Виолета Бучкоска и нејзиниот колега, офталмолог д-р Сашо Ѓорѓиоски од Специјалната очна болница „Деница“ од Скопје, преку оваа панел дискусија, ја зајакнуваат свесноста за важноста на очното здравје. Д-р Бучковска, во своето излагање, потенцираше дека најважно е очните проблеми да се третираат навреме. „Просечно, иако околу 60% од граѓаните имаат одреден проблем со видот, сепак важно е да се нагласи дека повеќе од 80% од очните проблеми се решливи доколку се третираат навреме“, рече д-р Бучковска. Според неа, особено е важно да се унапредува здравствената култура кај граѓаните, кои треба редовно да го посетуваат својот очен доктор и на тој начин, да бидат откриени сите болести и успешно да бидат третирани и надминати. Д-р Сашо Ѓорѓиоски истакна дека 25% од децата имаат некаков проблем со видот поради што е неопходно уште од најрана возраст редовно да се посетува очен доктор. „Според јавно достапните статистики, во просек, децата во текот на еден ден поминуваат околу 6 часа пред компјутер или пред мобилните уреди, што претставува главна причина за појава на таканаречени дигитално поттикнати заболувања на очите, што е уште една важна причина зошто треба да се посветува особена грижа за нашето офталмолошко здравје“, истакна д-р Ѓорѓиоски.

Прочитај повеќе
УЛОГАТА НА ВИТАМИНИТЕ ЗА ДОБРИОТ ВИД

УЛОГАТА НА ВИТАМИНИТЕ ЗА ДОБРИОТ ВИД

Следејќи ги современите текови на животот, се соочуваме со водење нездрав животен стил кој заедно со стареењето доведуваат до помали или поголеми оштетувања на органите во човековото тело. Се поставува прашањето дали со правилен внес на соодветни нутриенти може да му се помогне на организмот да ја зачува својата правилна функција и, независно од процесот на стареење , да се овозможи човекот да има подобро здравје. Окото е сложен орган, а со бројни студии е докажана улогата на различни нутиенти кои можат да помогнат да се одржи неговата правилна функција. Заболувањата како дијабетична ретинопатија, макуларна дегенерација, глауком, катаракт, значително влијаат на видот, а нивната инциденца се зголемува со стареењето. Оксидацијата и инфламациите се дел од етиологијата на овие болести па затоа различните нутриенти кои имаат антиоксидативно и антиинфламаторно дејство се потребни за да се овозможи намалување на можноста да се јават овие заболувања или да се намали нивната прогресија. Во продолжение се наброени токму потребните витамини и други нутриенти битни за здраво око и добар вид. Витамин А и неговиот прекурсор β каротен играат важна улога во зачувување на корнеата. Компонента е на родопсинот, биолошки пигмент кој се наоѓа во стапчињата во ретината, одговорен за гледање при слаба светлина. Недостатокот на витамин А е реткост во развиените земји, меѓутоа не треба да се занемари бидејќи може да предизвика сериозна болест – ксерофталмија која може да резултира со слепило. Во некои студии е докажано дека витаминот А може да го намали ризикот од појава на катаракт и макуларна дегенерација поврзана со возраста. Витамин Е , а особено неговата форма α токоферол, е многу моќен антиоксиданс. Многу заболувања на окото се асоцирани со оксидативен стрес што всушност е дисбаланс меѓу антиоксидантите и слободните радикали во телото. Мастите кои се интегрален дел од сите клеточни мембрани се многу осетливи на разградба од оксидацијата предизвикана од слободните радикали. α токоферолот ги врзува слободните радикали и превенира верижни реакции на липидна оксидација. Ова е од големо значење бидејќи во ретината концентрацијата на масните киселини е голема. Исто така, има позитивна улога и во потенцирањето на активноста на молекули и ензими во имунолошките и противвоспалителните клетки, покажува инхибиција на тромбоцитна агрегација и подобрување на вазодилатацијата, па затоа неговата употреба е важна при старечка макуларна дегенерација а и за намалување на ризикот од појава на катаракт. Витамин Ц исто како и витамин Е ги штити очите од оштетувања кои може да ги направат слободните радикали, а помага и во регенерација на оштетените ткива, го намалува воспалителниот одговор, превенира клеточни мутации и уште многу друго. Потребен е за синтеза на колаген, структурна компонента на крвни садови, лигаменти , коски, а кај окото корнеа и склера. Неколку студии покажуваат дека витамин Ц помага во намалување на ризикот од катаракт и во превенција на старечка макуларна дегенерација. Витамини од Б групата , особено комбинацијата на Б6, Б9 и Б12 ја намалуваат концентрацијата на хомоцистеинот , протеин поврзан со појава на инфламација и зголемен ризик за развој на макуларна дегенерација. Витамин Б2 – рибофлавин позитивно влијае на оксидативниот стрес, а негов подолготраен недостаток може да доведе до појава на катаракт. Витамин Б3 –ниацин има главна улога во трансформирање на храната во енергија , а има и антиоксидативно дејство. Неодамнешни студии сугерираат дека ниацинот игра улога во превенцијата на глауком, состојба при која се оштетува очниот нерв. Витамин Б1 е ефективен во намалување на ризик од појава на катаракт, а се употребува и во третман на рана фаза на дијабетична ретинопатија. Лутеин и зеаксантин се каротеноиди кои во најголема концентарција се наоѓаат во зелениот листест зеленчук. Во човековото тело се концентрирани во макулата, централниот дел од ретината. Поради нивната антиоксидативна функција тие го ограничуваат ретиналното оксидативно оштетување преку апсорпција на сината светлина, па помагаат во превенција на старечка макуларна дегенерација и катаракт. Омега 3 масни киселини , а особено DHA и EPA во контекст на претходно кажаното за антиоксидантните својства, важни се за превенција на старечка макуларна дегенерација. Имаат бројни функции кои овозможуваат невропротективни ефекти во ретината. Ова вклучува модулација на метаболните процеси кои доведуваат до оксидативен стрес, инфламации и васкуларизација. Атеросклерозата на крвните садови кои ја хранат ретината доведува до ризик од старечка макуларна дегенерација, слично како и кај срцевите заболувања. Биофизичките и биохемиските функции на DHA може да влијаат на фоторецепторните функции на мембраната преку менување на пропустливоста, протокот, густината, својствата на липидната фаза и на активација на протеините кои учествуваат во мембранската врска. Цинкот е еден од поважните нутриенти и е одговорен за здравјето на ретината бидејќи е главна компонента на многу ензими и е потребен за оптимален метаболизам во окото. Игра голема улога со антиоксидативните својства и учествува во имунолошкиот одговор.Учествува и во структурата на протеините и клеточните мембрани, а со негово губење од мембраните тие стануваат поподложни на оксидативно оштетување и намалување на својата функција. Игра улога и во трансмисијата на нервните импулси. Ако се прашувате кој е најлесниот начин го зачувате добриот вид и да ги заштитите очите од промените кои настануваат при процесот на стареење, едноставно наполнете ја чинијата со храна во сите бои на виножитото. Портокаловите плодови како што се морковот, слаткиот компир, тиквата се богати со витамин А и β каротен. Најмногу витамин Ц ќе внесете во организмот конзумирајќи цитрусни плодови (лимон, портокал, цитрон), јагоди, бобичести плодови, пиперки. Зелениот листест зеленчук како зелена салата, кељ, спанаќ , а и тиквичка, брокула, прокељ ќе ви овозможи внес на лутеин и зеаксантин. Оревите, лешниците,бадемите, индиските ореви како и семињата (ленено, чиа семе, сончогледово, семе од коноп) се богат извор на витамин Е и омега 3 масни киселини кои пак најмногу ги има во морските риби (туна, лосос, скуша, сардина). Говедското месо, помалку пилешкото и свинското, е извор на цинк, кој пак во јајцата е во комбинација со витамин Ц, витамин Е, лутеин, зеаксантин и многу други нутриенти. Конзумирајќи житарки и други легуменози (грав, леќа) го храните организмот со витамини од Б групата и со здрави влакна. Почесто јадете свежи, сирови овошја и зеленчуци, а за да се зачуваат хранливите состојки, пред се витамините и антиоксидантите, подготвувајте ја храната непосредно пред конзумирање, на пониски температури и за пократко време. Балансирана исхрана со секојдневен внес на свежо овошје, зеленчук, житарки, протеини и здрави масти или земање на соодветни суплементи обезбедуваат не само добар вид и здрави очи туку имаат позитивно влијание на целиот организам. Олгица Мартиновска, магистер по фармација Текстот е објавен во летното издание на списанието „Наше Здравје“ на фармацевскиот бренд „Виа Фарм“

Прочитај повеќе
ЗАШТИТА НА ОЧИ ОД ПРОЛЕТНОТО СОНЦЕ

ЗАШТИТА НА ОЧИ ОД ПРОЛЕТНОТО СОНЦЕ

За неколку недели конечно ќе почне долгоочекуваната пролет, а со тоа и зголемената изложеност на ултравиолетови зраци, но и на алергени. Медицинските експерти редовно предупредуваат за опасностите од долгото излагање на сонце, но и на алергените. Често постои верување дека сончевата светлина предизвикува моментални нарушувања на очите, како што се солзење, заблеснување и пецкање, а помалку е познат долготрајниот штетен ефект врз очите. Многу болести на очите кои се проследени со губење на видот, а за кои верувавме дека биле резултат на наследни или непознати фактори, биле предизвикани од влијанието на сончевата светлина врз различното ткиво на окото. Со цел да се спречат непријатните состојби и непоправливите оштетувања на очите потребно е од најрана возраст да се примени соодветна заштита на очите од сонцето. На кој начин да ги заштитите очите и какви очила за сонце да изберете дознавате од интервјуто за Точка со д-р Сашо Ѓорѓиоски, офталмолог од специјалната очна болница „Деница“. До какви последици може да дојде ако не се заштитат навремено и соодветно? – Краткорочното и интензивно изложување на очите на сонце може да предизвика акутни промени на корнеата, т.н. сончев кератитис што се јавува како резултат на изгореници на окото. Нарушувањато се манифестира со болка, жарење, пецкање, солзење и црвенило на окото со оток на капаците и привремено заматен вид. Долгорочната изложеност на сонце може да предизвика дегенеративни промени во корнеата и последователно губење на видот. Исто така, не ретки се и промени на конјунктивата во облик на жолчкасти наслаги, pinguecula или pterygium (надворешно перде) што можат да предизвикаат пречки како што се црвенило, иритација и често го нарушуваат естетскиот изглед на окото. Се забрзува и развојот на замаглување на леќата, т.е. појавата на катаракта веќе во рана средна возраст на животот, а на мрежницата (ретината) може да настане дегенерација на жолтата точка (точката на најјасниот вид) што доведува до трајно и неповратно оштетување на видот. Дури и краткорочното гледање директно во сонцето без никаква заштита може да доведе до појава на т.н.соларна макулопатија односно краткотрајно или трајно оштетување на жолтата точка. Како да се заштитат очите од сончевите зраци? – Очилата за сонце кои го блокираат УВ зрачењето обезбедуваат најдобра заштита во текот на целата година. – Со носење шапка можете да ја намалите директната експозиција и забленувањето на очите од сонцето. Се препорачува да се носи шапка со посветли бои за деца и возрасни, особено во времето на најсилното УВ зрачење помеѓу 10 и 16 часот. Ефикасноста е околу 50%, бидејќи не обезбедува заштита од рефлектирачките сончеви зраци. – Контактни леќи со УВ филтер се препорачуваат да се носат во комбинација со очила за сонце. Самите не обезбедуваат УВ заштита на сите делови на окото и не го намалуваат чувството на зблеснување на очите. – Капки за очи (вештачки солзи) го влажнат окото и ги испираат нечистотиите со што помагаат да се одржи заштитниот солзен филм кој се намалува поради високата температура и ветерот. Неквалитетниот солзен филм предизвикува сушење на површината на очите со што предизвикува црвенило, печење и гребење на окото. Какви очила препорачувате? – Обликот на очилата треба да се прилагоди на обликот на лицето. За летото препорачуваме модели со поголеми стакла, заоблени од страната со што штитат од рефлектирачките зраци. Материјалот на стаклата мора да биде со висока оптичка чистота, лесен, флексибилен и отпорен на гребење. Може да се направи од стакло или пластика, а исто така може да се направат и со диоптрија. Поликарбонатните стакла се препорачуваат за луѓе кои се занимаваат со спорт бидејќи се поотпорни на кршење. Фото осетливите стакла го менуваат интензитетот на затемнување во зависност од интензитетот на светлината и се погодни за возење. Поларизираните стакла и антирефлексните слоеви го намалуваат отсјајот и се погодни за возење и спортови на вода. Стаклата со ефект на огледало значително го ограничува количеството на светлина што влегува во окото, со што полесно се гледа. Бојата на леќата најчесто е сива, сивосина, зелена и кафеава, и се избира според намената и вкусот. Важно е да се напомене дека степенот на затемнување на стаклото не влијае на заштитата од УВ зраците. Како да знаеме дека очилата за сонце обезбедуваат целосна УВ заштита? – За избор на соодветни и квалитетни очила кои обезбедуваат целосна УВ заштита, најдобро е да се консултирате со професионален тим во офталмолошки ординации, оптики, аптеки или специјализирани спортски продавници. Се препорачува да се изберат очила за сонце кои нудат 100% или 99% заштита од UVA и UVB зрачење, потребно е да побарате декларација во која производителот ги наведува карактеристиките на стаклото и го гарантира квалитетот на производот. Налепницата UV 400 покажува дека сите сончеви зраци со бранова должина до 400 нанометри (сите UVA и UVB зраци) се блокирани. Дали децата треба да носат очила за сонце? – На децата им требаат очила за сонце со 100% UV заштита, и од најмладата возраст треба да се навикнуваат за носење, бидејќи поминуваат многу повеќе време надвор од возрасните. Не купувајте им на децата неквалитетни очила, пластични и темни, без филтер, бидејќи поради затемнувањето нивните зеници ќе се прошират за да пропуштат повеќе светлина и со тоа директно се зголемуваат штетните ефекти на сончевите зраци. Доенчињата и многу малите деца кои не можат да носат очила за сонце не треба да се изложуваат директно на сонцето во периодот од 10 и 16 часот. Најдобро е да се изнесат во длабока сенка за да се заштитат од рефлектирачките зраци. Што е со појавувањето на пролетните алергии? – Колку и да не привлекуваат да излеземе надвор сонцето и пролетните температури, доаѓањето на топлите денови за голем број на луѓе значи и борба со алергии. Алегриите најчесто се јавуваат со доаѓање на пролета. Очи кои солзат, црвенило, чешање, главоболка се само дел од симптомите со кои се борат многу луѓе кои имаат алергиски болести. Алергијата на очите е едноставна за препознавање – црвени очи, потечени капаци, чешање и солзење на очи, кивање и течење на носот – сето ова се симптоми на алергија. Како настанува алергијата и кои се нејзини причинители? – За жал, кај алергискиот имунолошки систем нападот од инаку безопасните супстанци (алергени) како полен, прашина, животински влакна, храна или лекови предизвикуваат воспаление. Очите реагираат на алергените кои ги иритираат со што настанува реакција на очите. Алергија на очите исто така може да биде предизвикана со реакција на одредени козметички производи или капки за очи, вклучувајќи ги и вештачките солзи за суви очи кои содржат конзерванси. Алергија на одредена храна или на пример убод од пчела или други инсекти, во принцип не влијаат така интензивно на очите, како што е тоа случај кај алергиите на полен, мувла и кpлежи. Како да ги намалиме симптомите на алергија на очи? – Избегнувајте алергени. Најдоброто што можете да го направите за намалување на симптомите на алергија на очите е да го ограничите своето изложување на алергените на кои сте осетливи. На пример, кога е голема количината на полен во воздухот, останете во затворена просторија што е можно подолго. Додека сте на отворено задолжително носете што е можно поголеми наочари за сонце како поефикасно би ги заштитиле очите од поленот во воздухот. Извадете ги контактните леќи. Имајќи во предвид дека контактните леќи на својата површина можат да привлечат алергени, размислете за опција на носење на диоптерски оквири во текот на сезоната на алергии. Друга опција е да носите дневни контактни леќи кои се фрлаат по секое носење, со што би избегнале насобирање на алергени на контактните леќи. Во случај на силен алергиски коњуктивитис потребно е да отидете кај офталмолог. Лечењето може да вклучи антихистаминици или против воспалителни капки за очи, стероидни капки за очи ( кај сериозни случаи). Автор: А.В. Извор: https://goo.gl/umwf1E

Прочитај повеќе
ЗДРАВЈЕ НА ОЧИТЕ ЗА ВРЕМЕ НА МЕНОПАУЗА

ЗДРАВЈЕ НА ОЧИТЕ ЗА ВРЕМЕ НА МЕНОПАУЗА

Додека естрогенот и прогестеронот се попознати по нивната улога во репродукцијата и бременоста, дали знаевте дека тие можат да влијаат и на здравјето на очите? Меѓу многуте промени што ги доживуваат жените со менопаузата, видот може да биде една од нив. Aко забележите промени во видот, знајте дека не сте сами. Добрата вест е што проблемите со очите може да се решат откако ќе се избалансираат нивоата на хормони. Најчести проблеми се: – Суви очи; – Катаракта; – Глауком. Покрај редовните очни прегледи, одржувањето на здрав начин на живот е еден од најважните чекори за одржување на вашите очи здрави за време и по менопаузата. Ова вклучува избегнување пушење, лекување здравствени проблеми како дијабетес и висок крвен притисок и одржување на урамнотежена исхрана. Здравиот крвен притисок и нивото на шеќер во крвта помагаат да се заштитите од проблеми со очите, како што се катаракта и глауком.

Прочитај повеќе