Што претставува аблацијата? Аблацијата претставува одвојување на ретината (задниот слој на окото) од околното ткиво. Ретината служи за процесирање на светлината и формирање на сликата, но при аблација таа не може соодветно да функционира. Тоа е ургентна состојба која треба брзо да се третира со цел да не дојде до трајно губење на видот. Симптоми? Светкање на окото (“флеш”, “молња”); Појава на бројни црни точки во видното поле; Сенка (во вид на завеса) во еден дел од видното поле. Третман? Лекувањето е исклучиво оперативно. Постојат повеќе видови операции во зависност од степенот на аблацијата: Ласерски третман; Криотерапија; Поставување на трајна силиконска трака; Витректомија.
Катарактата (старечкото перде) е болест која настанува како резултат на заматувањето на леќата на окото, при што тоа доведува до намалување на видната острина. На тој начин, видот станува заматен и истиот, со текот на времето постепено се намалува. Во продолжение, упатуваме внимание на десет поважни информации кои се однесуваат на оваа болест на окото. 1. На светско ниво, над 5% од популацијата има катаракта. 2. Заматениот или избледен поглед, проблемите при гледањето навечер, двојното гледање на еден предмет или постојаното менување на диоптријата на окото, се само некои од најчестите сигнали за појавата на катаракта. 3. Ризикот од добивање на катаракта значително се намалува доколку избегнувате изложеност на окото на сончевите UV зраци, доколку намалите со консумирање на алкохол и доколку престанете со пушењето на цигари. 4. Болестите како што се дијабетесот и хипертензијата, како и неправилните диети, го зголемуваат ризикот од добивање на катаракта. 5. Балансираната исхрана со многу овошје и зеленчук (особено зеленолисни зеленчуци) влијае позитивно во однос на намалувањето на ризикот од добивање на катаракта. 6. Хирургијата на катаракта, спаѓа во групата на најпрецизните хируршки интервенции и во најголем број од случаите, по нејзиното успешно завршување, пациентите можат да си заминат од болницата уште истиот ден. 7. Катарактата се развива на секое око одделно и таа не се пренесува од око на око. 8. Возраста е најзначајниот фактор кој го зголемува ризикот од добивање на катаракта. 9. Иако катарактата најмногу е карактеристична за возрасните и за старите луѓе, сепак и малите деца, како и бебињата може да развијат катаракта. 10. Катарактата може да се развие во различни форми, како и на различни места на окото. Во специјалната очна болница „Деница“, искусниот тим на хирурзи сосема брзо, сигурно и безбедно успешно ги изведува овие интервенции. Закажете преглед на 02/3068-288. Затоа што вашите очи го заслужуваат најдоброто.
Д-Р БУЧКОВСКА ОДРЖА ПРЕДАВАЊЕ ЗА ЛИЦАТА СО ДИЈАБЕТ
На 17.12.2018 година, д-р Виолета Бучкоска од Специјалната очна болница „Деница“, одржа предавање на едукативната работилница организирана од Асоцијацијата за детски дијабетес на Македонија „Ба ланс МК“ и од Здружението на лица со дијабетес „Алегрија“, која се одржа во Центарот за семејна медицина. На предавањето кое се однесуваше на промените на очите кај лицата со дијагностициран дијабетес, д-р Бучковска ги запозна присутните со клучните особености на оваа состојба, истовремено, давајќи попрецизни совети за офталмологијата и за дијабетесот на прашањата поставувани од страна на учесниците. Работилницата е дел од едукативниот караван кој се спроведува низ повеќе градови во Македонија, а на кој имаат земено учество повеќе од 500 лица со дијагностициран дијабетес од типот 1 и од типот 2. Специјалната очна болница „Деница“, како општествено одговорен субјект, во континуитет спроведува најразлични едукативни настани кои имаат за цел да придонесат за унапредување на свесноста на граѓаните за очното здравје.
Амебен кератитис (во стручна литература познат под име Acanthamoeba keratitis) e ретка, но сериозна воспалителна болест на рожницата на окото која може да доведе до сериозни последици и слепило, а највеќе ги погодува луѓето кои носат контактни леќи. Во летните денови треба да се знае дека пливачите кои се носители на контактни леќи се најризична група за добивање на ова заболување (доколку се капат со контактните леќи). Што се акантамеби ? Акантамеби се ситни едноклеточни праживотни кои воглавно се наоѓаат во водениот систем на дивиот свет. Нивните главни живеалишта се езерата реките и морињата, иако се сé позачестени жители на базените и тушевите па дури и водата од чешма. Исто така ги пронаоѓаме во земјата, воздухот како и во уредите за греење, климатизација, прочистување и овлажнување на воздухот. Акантамебите со кератитисот се прв пат доведени во врска во 1973 год. кога меѓу заболените повеќе од 90% биле корисници на контактни леќи. Освен воспаление на рожницата, инфекцијата со акантамеба може да се манифестира и во потешки облици како што е зафатеност на мозокот, рбетниот мозок, како и појава на дисеминиран – проширен облик на болеста со зафатеност на повеќе органи и системи. Иако е самата болест ретка, акантамебата во облик на циста може да преживее со години во екстремни услови на околината (кога акантамебата се најде во неповолни услови како високи температури или суши таа преоѓа во цистичен облик за да се заштити самата себе, за да потоа кога ќе се најде во поволни услови да прејде во активен облик), поради што тој ризик не смее да се потцени. Начин на зараза и симптоми на болеста Иако и луѓето кои не носат контактни леќи можат да се заразат со акантамеба, сепак инфекцијата најчесто се поврзува со носителите на контактни леќи. Имено секоја леќа предизвикува благо оштетување на епителот на рожницата, па поради тоа доколку не се чисти редовно, голем број на причинители ( а меѓу нив и овој мал паразит ) може да продре во окото. Во најголема опасност се лицата кои се капат или тушираат со контактните леќи, но и оние кои ја занемаруваат хигиената на контактните леќи. Некои лица едноставно се опуштаат и не ги вадат или менуваат редовно контактните леќи, а посебен проблем настанува кога растворот за чистење и чување на контактните леќи се замени со обична вода од чешма. Во раните стадиуми на инфекцијата, клиничката слика на амебниот кератитис не е многу различна од обичните инфекции на очите. Симптомите кои можат да траат од неколку недели до месеци, воглавно се разликуваат од пациент до пациент и можат да вклучуваат болка, црвенило, замаглен вид, осет на страно тело во окото, преосетливост на светло и појачано солзење. Нелечен амебен кератитис може да доведе до тешка болка во окото и до потенцијално губење на видот, кое за жал се случува во голем број на случаите. Имено во обичен бактериолошки брис од очите, акантамебата не може да се открие, а поради сличноста на симптомите со другите воспаленија на окото во почетокот често се дава несоодветна терапија. Дијагноза и терапија Раната дијагноза е клучна за правилно лечење на амебниот кератитис. Прв чекор е сомневање на таа болест, посебно кај лица кои се носители на контактни леќи и кај кои е неодамна дијагностициран некој друг облик на кератитис (како вирусен кератитис или предизвикан од херпес), а кај кои препишаната терапија нема никакво влијание. За да се докаже акантамебата се зема брис од окото со стругање (scarping) на рожницата, а потоа материјалот се засадува на хранлива подлога која содржи Escherichiaа coli која и служи на акантамебата како храна. Во дијагностиката може да помогне и конфокалната микроскопија како и ланчаната реакција на полимераза (PCR). Терапијата на амебниот кератитис е долготрајна и често со неизвесен исход заради отпорната природа на цистичниот облик на паразитот. Денес се советува примена на локални катјонски антисептични средства како што се poliheksametilen bigvanid или hlorheksidin, со заедничко користење на препарати за смалување на болка (најчесто орални нестероидни антиреуматици). Самата терапија се продолжува и до година дена, а првите неколку месеци неретко е потребно да се користат капките за очи на секој час. За жал и покрај лекувањето, поради закаснетото поставување на точната дијагноза често доаѓа до губиток на видот, кога единствен начин на лекување преостанува трансплантација на рожница. Мерки на претпазливост кои се препорачуваат на носителите на контактни леќи за да се смали ризикот од појава на амебен кератитис (но и на другите инфекции на окото) се следните: o Редовни прегледи кај офталмолог на секои 6 – 12 месеци. o Користење и замена на контактните леќи точно спрема распоредот пропишан од офталмологот. o За време на носење на контактните леќи да се избегнува секаков контакт со вода (миење, бањање или туширање), а во случај леќите да се нужни во текот на бавење со водени спортови, задолжително се препорачуваат наочари за пливање или примена на еднодневни контактни леќи кои се фрлаат по излегување од вода. – Пред ракување со контактните леќи задолжително треба да се измијат рацете со сапун и вода и добро да се исушат. – Чистењето на котактните леќи треба да се одвива према упатите на производителот и по препораката од офталмологот. – Секогаш треба да се користи свеж раствор за чистење и дезинфекција на контактните леќи. – Контактните леќи треба да се чуваат во прикладни касетки, кои редовно треба да се чистат со стерилен раствор за чување и добро да се исушат на воздух. Касетките е препорачливо да се заменат на секои три месеци. д-р Сашо Ѓорѓиоски Текстот е објавен во летното издание на списанието „Наше Здравје“ на фармацевскиот бренд „Виа Фарм“
Анти-VEGF терапија се користи за лекување на голем број состојби во очите кои предизвикуваат абнормален раст на крвните садови под макуларната зона на мрежницата. Инјекциите со анти-VEGF директно делуваат на васкуларниот ендоген фактор на раст (VEGF) кој се создава од ретината кога е изложена на одредени исхемични процеси. Тоа предизвикува формирање на несакани крвни садови во макулата со цел да самата да си помогне во исхраната, но тие крвни садови се со послаб ѕид и лесно предизвикуваат крварење. Анти-VEGF третманот мора да започне што е можно побрзо, пред новите крвни садови или едемот да предизвикаат премногу оштетување на макулата. Овој лек делува одреден временски период и мора да се повтори во одредени интервали со цел ефектот да биде целосен. Во случај на прекин на болеста, обично е потребно да се даде доза на одржување еднаш или двапати годишно. Употребата на инјекции кога болеста е во фаза на лузна нема смисла и не се препорачува. Анти-VEGF терапија е администрација на лекот во форма на интравитреални инјекции директно во стаклестото тело на заболеното око. Лекот се администрира во болус, одеднаш, а пациентот може да забележи облак или замаглување на лекот како лебди во окото. Апликацијата е безболна под локална анестезија. По апликација на инјекцијата, антибиотик се капнува во окото. Ако лекот ја покаже својата ефикасност, истата инјекција се планира за 4-6 недели. Ако нема ефект врз болеста, препорачливо е да се смени анти VEGF лекот. По инјекцијата, видот може да биде заматен неколку часа или неколку дена. Нема болка или крварење. Можноста за инфекција е многу ретка и се јавува 1: 1000. Интравитреалното вбризгување на анти-VEGF може да доведе до подобрување на видната острина. Изборот на видот на третманот се одлучува по офталмолошкиот преглед и офталмолошката дијагностика, а тоа зависи од локализацијата на промените, како и проценката на ризикот. Во моментов, анти-VEGF третман се користи за следниве состојби: – влажна дегенерација на макулата (влажен AMD); – дијабетичен едем на макулата; – макуларен едем предизвикан од оклузија на вена; – миопична хориоидна неоваскуларизација (миопичен CNV). Третман на сенилна дегенерација на макулата Влажниот тип на сенилна дегенерација на макулата се јавува во околу 10% од луѓето со дегенерација на макулата кај кои има значително губење на централниот вид, главно нагло, во рок од неколку дена или недели со карактеристично кривење на сликата. Губењето на видот е предизвикано од раст на новоформирани, неправилни крвни садови (хороидални неоваскуларизација) под мрежницата, што може да крвари или да доведе до оток на жолтaтa точка. Доколку не се лекува оваа форма на дегенерација на макулата, тоа може да доведе до губење на функцијата и лузни во макулата, што доведува до трајно губење на централниот вид. Влажната форма на сенилна дегенерација може да се третира со анти-VEGF терапија. Целта на третманот е да се уништат што е можно повеќе крвни садови и да се спречи понатамошно крварење и прогресија на губење на видот. Покрај тоа, термичките ефекти на ласерската терапија и фотодинамичката терапија (PDT) исто така го забавуваат текот на болеста, иако помалку ефикасно. Третман на дијабетична ретинопатија Нивото на VEGF е познато дека е покачено во стаклестото тело и мрежницата кај пациенти со дијабетична ретинопатија. VEGF ја зголемува пропустливоста на крвните садови, влијаејќи на протеините со тесна врска и се важен фактор во развојот на едем на макулата. Макулопатијата може да се појави истовремено со неоваскуларизација. Дали прво да се третира макулата или неоваскуларизацијата зависи од различни фактори, вклучувајќи ја возраста на пациентот и сериозноста на ретинопатија. Третман на централна ретинална вена оклузија Анти-VEGF терапија се користи за третман со цел да се намали отокот на жолтата точка. Овој тип на терапија е симптоматски, бидејќи не влијае на причината за болеста, туку само ги ублажува симптомите, односно го подобрува видот. Третман на миопна хороидална неоваскуларизација Новина во третманот на анти VEGF терапијата е и спречување на разраснување на нови крвни садови од хороидеата (анатомски дел од окото кој се наоѓа под ретината), кај високи и т.н. малигни миопии, кои се јавуваат поради исхемични процеси на ретината при брзо растење на окото. Меѓу анти-VEGF лековите најчести се: – Avastin® (bevacizumab) – Eylea® (aflibercept) – Lucentis® (ranibizumab) д-р Сашо Ѓорѓиоски Текстот е објавен во зимското издание на списанието „Наше Здравје“ на фармацевскиот бренд „Виа Фарм“
Глаукомот претставува група на состојби кои предизвикуваат оштетување на оптичкиот нерв. Најчесто е поврзан со зголемен очен притисок во едното или двете очи и ако остане неоткриен и нетретиран доведува до постепено оштетување на видот и слепило. Глаукомот е втора најчеста причина за појава на слепило во светот. Може да се појави во секоја возраст, но најчесто се јавува во повозрасните групи. Видот изгубен од глауком не може да се поврати. Во случај на негово откривање, со редовните контроли и третман се спречува или пролонгира губењето на видот и затоа, најважна е раната детекција и откривање. Причини за појава на глауком Најчеста причина за појава на глаукомот е зголемениот очен притисок или окуларна хипертензија. Но, има случаи на негова појава и кај пациенти со нормален очен притисок. За да се одржи формата на окото и нормалниот очен притисок, одговорна е очната водичка која се создава во цилијарното тело на окото. Таа оди во предниот дел на окото, служи за исхрана на внатрешните делови на окото и одржување на неговата форма и се дренира надвор од окото преку еден систем наречен трабекуларна мрежа која се наоѓа во аголот што го формира ирисот со роговицата. Со рамнотежата помеѓу создавањето на очната водичка и нејзиното дренирање преку трабекуларната мрежа се одржува нормалниот очен притисок. Кога од некоја причина ќе дојде до затворање на иридокорнеалниот агол или запушување на трабекуларната мрежа, доаѓа до намалена дренажа на очната водичка и зголемување на очниот притисок. Овој зголемен притисок влијае на внатрешните слоеви на окото и доведува до оштетување на очниот нерв. Тоа зголемување може да биде постепено, а може да се појави и брзо. Раната детекција и третман на зголемениот очен притисок се клучни за спречување на појавата на глауком. Најчести причини за појава на зголемен очен притисок и глауком се: – фамилијарна историја на глауком и наследната предиспозиција; – болести како што се дијабетот и покачениот крвен притисок; – повреда на окото; – употреба на одредени медикаменти како што се кортикостероидите; – висока кратковидост или далекувидост; – возраст над 60 години. Најчести симптоми на глаукомот Најчести симптоми на глаукомот се: зголемен очен притисок, заматен вид, понекогаш црвенило на очите и очна болка, главоболка, гадење и повраќање. Овие симптоми можат да варираат во зависност од типот на глауком. Најчестиот тип на глауком нема рани знаци за предупредување. Затоа се важни рутинските очни прегледи. Тие се единствениот начин за рана детекција на глаукомот и спречување на трајното губење на видот. Кога пациентот ќе забележи дека има губиток на видот, веќе е предоцна. Изгубениот вид не може да се врати. Најпрво се губи периферниот вид, а потоа постепено слабее централниот вид, што може да доведе до слепило. Типови на глауком Постојат повеќе типови на глауком од кои најважни се: 1. Глауком со отворен агол. Овој вид на глауком е најчест. Иридокорнеалниот агол овде е отворен, меѓутоа, истекувањето на очната водичка е успорено и тоа доведува до зголемување на очниот притисок. Ако изостане третманот, ќе се оштети очниот нерв и постепено ќе се изгуби видот. 2. Глауком со затворен агол. Овој вид на глауком е поредок. Овде иридокорнеалниот агол е тесен и доаѓа до придвижување на ирисот кон напред и негово комплетно затворање. Може да се појави нагло, пропратен со симптоми како што се јака болка, изразено црвенило на окото, гадење и повраќање. Оваа состојба позната како акутен глауком претставува итна медицинска состојба која бара итен третман за да се спречи губењето на видот. 3. Нормотензивен глауком. Кај овој тип на глауком, кој што е поредок, доаѓа до оштетување на очниот нерв и намалување на видот, без притоа да има зголемен очен притисок. Причините за негова појава сеуште не се јасни, а може да бидат поради намалена перфузија на очниот нерв предизвикани од состојби кои ја нарушуваат циркулацијата. 4. Секундарен глауком. Овој вид на глауком е предизвикан од некоја друга очна остојба, повреда или болест. Може да се манифестира во форма на глауком со отворен или затворен агол. 5. Конгенитален глауком. Се јавува во најрана возраст како резултат на проблеми во развојот на окото или негова повреда. Дијагноза на глаукомот За дијагностицирање на глаукомот се прават повеќе испитувања. Најосновно е мерењето на очниот притисок или тонометријата. Таа може да ни даде насоки дали има глауком и дали постои ризик за развој на глауком, но не може сама по себе да утврди негово постоење. За утврдување на глаукомот потребни се и дополнителни испитувања, како што се периметријата или испитување на видното поле, со кое се гледа дали има и кој е степенот на оштетување на периферниот вид. Понатаму се прави гониоскопија – испитување на иридокорнеалниот агол, оптичка кохерентна топографија (ОЦТ), мерење на дебелината на роговицата – пахиметрија итн. Третман на глаукомот Глаукомот е болест која сеуште не може да се излечи. Меѓутоа, со терапија и редовни контроли, таа успешно може да се контролира. Третманот на глаукомот се состои од локална терапија во вид на капки кои имаат дејство на зголемување на дренажата на очната водичка или намалување на нејзиното создавање. Овие капки може да се даваат поединечно или комбинирано. Доколку и покрај терапијата очниот притисок не паѓа и има прогресија на глаукомот, може да се пристапи кон хируршки третман на глаукомот или селективна ласер трабекулопластика. Најважен третман на глаукомот е превенцијата односно откривање на болеста пред да предизвика сериозно оштетување на видот. Затоа, редовните очни прегледи, дури и тогаш кога видот е нормален, се есенцијални за раното откривање на глаукомот.
Каусомите се повреди на окото од хемиски агенси, особено киселини или бази, при што структурите на окото, очните капаци, конјунктивата и рожницата најчесто се засегнати, но може да бидат погодени и подлабоките структури на очите. Киселините и базите најчесто доведуваат до каузоми. Од киселини, најчест причинител е сулфурна киселина (особено од акумулаторите), но се среќаваат и хлороводородна и оцетна, а многу ретко и други. Од базите денес, најчести се повредите со калиум хидроксид (гасена вар или малтер), а поретко: натриум хидроксид (жива сода) и амонијак. Овие повреди може да бидат случајни при работа во индустријата или дома, но, исто така, и намерно. Повредите предизвикани од бази се значително поопасни затоа што базите доведуваат до коликвациона некроза поради формирање на алкалалбуминат, што овозможува базата да навлезе во подлабоките слоеви на ткивото. Киселините предизвикуваат коагулациона некроза, како резултат на формирање на ацетабуминат, со што се создава еден вид лузна на површината на ткивото што спречува понатамошно навлегување на киселината во подлабоките слоеви на ткивото. Каусомите предизвикуваат некроза на ткивото што е оштетено, а на негово место доаѓа лузнесто ткиво, кое има изразена тенденција да се ретрахира (повлекува) и со тоа се создава лузна со различна големина. Како се манифестираат хемиски повреди на очите? Кај каусомите, знаците на повреда може да се видат и на очните капаци во форма на некротични промени. Сепак, големи промени се случуваат на конјунктивата и рожницата, особено во областа на отворот на очните капаци. Овие делови на окото се најмногу изложени на дејството на каустична материја што стигнува до окото. Оштетувањата се градуираат во четири степени одејќи од најлесен до најтежок облик. Конјунктивата е бледа по боја поради исхемијата (намалена прокрвеност), намалена чувствителност поради оштетување на сетилните нерви. Неуспехот да се воспостави васкуларизација доведува до појава на некроза Рожницата е без сјај, поради губење на епителот, и затоа се гледа заматено. Како се дијагностицира хемиска повреда на окото? Дијагнозата се поставува врз основа на анамнезата и локалниот наод при офталмолошки преглед. Како се третираат хемиски повреди на очите? Терапевтската постапка може да се подели во три фази: Прва фаза : прва помош што се укажува веднаш по повредата; Втора фаза : третман на еволутивните промени; Трета фаза : третман на последиците. Третманот во првата фаза е особено важен бидејќи интервенцијата мора да биде брза. Се состои од обилно испирање на очите на лице место. Испирањето треба да е обилно и се врши со вода, или со физиолошки раствор. За да се намали болката, се аплицира локален анестетик (1% тетракаин). Локалната анестезија му дозволува на лекарот да го преврти очниот капак и да ги отстрани преостанатите цврсти материи од хемиската супстанција со парче влажно памучно стапче или газа. Мидријатик (средство за ширење на зениците) се аплицира за да спречи реакција на ирисот (шареницата). Антибиотска маст се нанесува во окото за да се спречи секундарна бактериска инфекција и го намалува триењето помеѓу конјунктивата на очниот капак и рожницата. Потоа се аплицира аскорбит (вит.Ц особено при повреди со база), и капки вит.А+Д или некој гел за регенерација на епителот на рожницата. Не се врзува завој за да се спречи насобирање на секрет и некротичното ткиво под завојот и да се дозволат солзите да продолжат со природно миење на очите. Втората фаза на лекувањето има за цел да се локализира некрозата и да се регенерира оштетеното ткиво со што е можно помалку лузни. Локално, исто така, се аплицираат аскорбит, антибиотик, мидријатик и адевит капки (витамин А+Д). Испирањето на окото со физиолошки р-ор се уште се изведува. Во втората фаза на третман, се додаваат и капки кортикостероиди за да се спречи создавањето на лузни. За да се спречи појава на симблефарон (прираслица меѓу конјунктивата на капакот и окото), секој ден се проаѓа со стаклено стапче во форниксот (простор помеѓу капакот и окото). Третата фаза го опфаќа периодот кога промените се претворени во лузни. Во оваа фаза, третманот е најчесто хируршки. д-р Сашо Ѓорѓиоски Специјална очна болница „Деница“
Интравитреалните инјекции , во денешно време, се едни од најчестите интервенции на окото, кои се извршуваат ширум светот, при што бројот на овие интервенции постојано расте. Се смета дека само во САД во 2016 год. се ставени повеќе од 6 милиони интравитреални инјекции и таа бројка со годините рапидно се зголемува. Од нивното појавување пред околу 10 години до денес, тие станаа основа за лекување на бројни очни заболувања, посебно на болестите на задниот дел на окото (ретината). Најчести заболувања, каде интравитреалните инјекции претставуваат основна терапија, согласно современите ставови и препораки се: сенилната макуларна дегенерација, дијабетичната ретинопатија и ретиналните венски оклузии. Воедно, овие болести претставуваат и водечки причини за слепило кај лица постари од 50 год. Пред појавата на овие инјекции, посебно на групата на лекови т.н. анти-VEGF агенси, не постоеше целна терапија со која што можеше да се запре влошувањето на видот кај овие пациенти, при што честопати болеста завршување со губење на видот на едното или на двете очи. Со појавата на оваа нова терапија, стана возможно не само да се спречи намалувањето на видот, туку во многу случаи и да се добие подобрување на видната острина кај очи со овие заболувања. Покрај претходно споменатите, овие инјекции се употребуваат и кај многу други состојби: тешки инфекции и воспаленија на окото (ендофталмити, увеити), одредени типови на глауком, дури и кај предвремено родени бебиња со промени на ретината (прематурна ретинопатија). Интравитреалната инјекција е процедура со која дирекно се аплицира лек во внатрешноста на окото, во витреалната празнина, која е исполнета со желатинозна течност. Целта на овие инјекции е лекот да може директно да делува на задниот дел на окото, односно на макулата (жолтата дамка на ретината), која претставува центар за јасно гледање и на тој начин да доведат до стабилизирање на состојбата и подобрување на видната острина. Најчести лекови кои се употребуваат за таа цел се т.н. аnti-VEGF агенси, кои го намалуваат пропуштањето на течност и крв од крвните садови, го намалуваат отокот во макулата и спречуваат раст на нови крвни садови, што претставува основна причина за намалување на видот кај овие болести. Освен нив, во внатрешноста на окото можат да се аплицираат и кортикостероиди, антибиотици, антивирусни лекови и др. во зависност од потребата и причинителот на заболувањето. Интравитреалните инјекции се аплицираат од страна на високо стручни лица – офталмолози, специјалисти за болести на ретина, во болнички услови. Интервенцијата се изведува во операциона сала во стерилни услови. Пред ставањето на инјекцијата, во окото се аплицираат капки со цел да не се чувствува болка. Лековите се аплицираат со многу мала игла низ белката на окото, при што пациентот може да почувствува притисок на окото, но не и болка. Целата процедура заедно со припремата трае околу 10 минути, после што пациентот е слободен веднаш да си оди. После интервенцијата пациентот ќе треба да користи антибиотски капки, најчесто во траење од 1 недела, со цел да се спречи појава на компликации (инфекции) на окото. После 1 недела и 1 месец од интервенцијата се извршуваат контролни прегледи со цел да се процени ефектот од инјекцијата и да се направи план за натамошниот третман. Анти-VEGF агенсите обично на почетокот се аплицираат во серија од 3 инјекции на растојание од 6 недели, со цел да се постигне одредена концентрација на лекот во окото (loading dose), што според досега спроведените истражувања е најоптимален начин за подолгорочно стабилизирање на видната острина. Натамошни инјекции се даваат зависно од потребата, земајќи ги во предвид видната острина и наодот на очното дно. За таа цел, покрај основниот преглед, најчесто треба да се направат и дополнителни испитувања: OCT (оптичка кохерентна томографија) и флуоресцинска или OCT aнгиографија на ретината. Кај хроничните болести, како што се макуларната дегенерација, дијабетичниот макуларен едем и ретиналните венски оклузии некогаш се потребни чести контроли и повторни инјекции со цел да се спречи намалувањето на видната острина. Во денешно време се спроведуваат бројни студии со цел да се изнајдат нови лекови, кои ќе имаат подолготрајно и поефикасно дејство со цел зачувување на видот кај овие пациенти. д-р Билјана Ивановска Аџиевска Текстот е објавен во есенското издание на списанието „Наше Здравје“ на фармацевскиот бренд „Виа Фарм“
Што е катаракта? Катаракта (во народот познато како перде) е заматување на природната леќа, која се наоѓа внатре во окото. Тоа ја спречува светлината нормално да продре во окото и заради тоа може да предизвика намалување на видот и осетливост на окото на светлина. Доколку имате над 50 години и сте приметиле замаглување на видот, можно е да имате катаракта. Тоа е честа состојба кај повозрасни лица и може да се третира од страна на очен лекар со операција. Заради што се јавува катаракта? Постојат неколку типови на катаракта: · Сенилна (кај повозрасни лица) . Тоа е најчеста причина и се јавува со тек на годините заради промени во составот на природната леќа на окото. · Вродена (конгенитална) . Тоа е состојба кога катарактата е присутна уште при раѓањето на бебето или се развива во тек на раните години. Може да биде предизвикана од инфекција, повреда, нарушен развој во матката и др. · Секундарна . Овие катаракти настануваат како последица на други болести, како на пример дијабет, реуматски/ автоимуни болести, воспаленија на окото и др.. Можат да бидат последица и на токсични супстанци, ултравиолетово зрачење, радијација или одредени лекови (кортикостероиди, диуретици и др.) · Трауматска . Оваа катаракта настанува како последица на повреда на окото. Кои се симптомите? Катарактата обично споро се развива и може и да не приметите дека ја имате се додека не се развие повеќе и почне да ја блокира светлината. Тогаш може да приметите: · Замаглен или намален вид; · Кратковидост (потреба од очила за далеку со минус диоптрија кај постари лица кои претходно не носеле такви очила); · Промена во начинот на кој се гледаат боите; · Проблеми при возење ноќе (појава на одблесоци и халоа околу светлосни извори); · Појава на двојно гледање (дупли слики); · Проблеми со постоечките очила (со ниедна диоптрија не се добива добар вид како порано). Како се дијагностицира? Очиот лекар ќе направи комплетен преглед, при што ќе се провери видната острина, очниот притисок, ќе бидат ставени капки за ширење на зениците со цел да се одреди типот на катарактата и да се видат другите делови на окото (очното дно). Доколку е потребно, ќе бидат направени и дополнителни испитувања (снимки на окото) – ехографија, компјутерска томографија на очното дно (OCT), биометрија и др. Каков е третманот? Доколку вашиот вид не се подобрува со очила и се утврди дека постои катаракта која пречи во секојдневното функционирање, ќе биде препорачан оперативен зафат (хирургија на катаракта). Оваа интервенција е еднодневна хирургија, што значи дека истиот ден ќе си одите дома. Во тек на операцијата ќе бидете свесни, бидејќи се прави со локална анестезија (со капки во окото). Интервенцијата трае обично околу половина час. Очниот хирург низ мал рез на окото (помал од 2mm) ја вади природната леќа со микрохируршки инструменти со фако-метода, што значи дека леќата се разбива со помош на ултразвук и потоа се отстранува од окото со аспирација. На нејзиното место внатре во окото, зад шареницата, се поставува вештачка леќа, која повеќе не се вади, не се менува туку останува во окото доживотно. Повеќе од 95% од луѓето кои ја правеле оваа интервенција имаат добро искуство и после неа имаат подобар вид. Доколку има катаракта во двете очи, не се прави операција во истиот ден, туку се чека неколку дена или недели за оперираното око да закрепне од операцијата. Дали треба да се чека катарактата/ пердето „да узрее“? Не. Ова е честа заблуда кај пациентите и верување останато од минатото кога катарактата се оперирала со сосема поинаква метода. Во денешно време кога се оперира со фако-метода, многу е поедноставно и побезбедно катарактата да се оперира додека не е многу напредната. Тогаш самата операција се одвива многу полесно и побрзо, завршува со многу помалку компликации и со многу побрзо опоравување на видот после операцијата. Што после операцијата? Веднаш после операцијата очниот лекар ќе ви препише терапија (капки и масти) кои ќе треба да ги ставате дома во оперираното око неколку недели (обично 1 месец). Во првите неколку дена после операцијата можно е окото да ви биде осетливо, да солзи, видот да ви биде замаглен или да ви пречи силна светлина. Обично во тек на првата недела не се препорачува да возите, да работите наведнати подолго време или да подигнувате тежина, ниту пак да правите било каков притисок на окото. Веќе после 8 недели оперираното око се смета за целосно заздравено. При тоа сепак не очекувајте да имате перфектен вид, можеби за одредени прилики сепак ќе треба да употребувате наочари. Дали можат да настанат компликации? Бидејќи во медицината генерално не постои 100% „гаранција“, како и при секој хируршки зафат, така и кај оваа интервенција, може да се појават одредени несакани ефекти. Несаканите ефекти и компликациите кај оваа операција се исклучително ретки и се јавуваат во помалку од 1%. Најголем дел од нив се менаџираат едноставно, со ставање на капки во окото, за посериозните некогаш е потребен уште еден оперативен зафат. Дали може катарактата повторно да се појави во оперираното око? Не, бидејќи природната леќа е веќе отстранета од окото. Некогаш, после операција на катаракта се случува после неколку месеци видот повторно да се замагли. Тоа настанува заради тоа што капсулата на леќата – делот од окото каде што е поставена вештачката леќа почнува да се заматува, да фиброзира. Во тој случај очниот лекар препорачува процедура (YAG ласер), која не е операција, трае неколку минути и е безболна. Со неа се прави отвор на касулата во која е поставена вештачката леќа и со тоа повторно се избиструва видот Дали може да се спречи појавата на катаракта? Катактата е најчеста причина за намалување на видот, посебно кај лица постари од 60 год. Не постои начин да се спречи нејзиното формирање и напредување, но некои животни навики можат ја намалат веројатноста таа да се појави. Тоа се на пример: · носење на наочари за сонце со UV заштита; · консумирање храна богата со антиоксиданси; · престанување со пушење; · умерено консумирање алкохол; · одржување на нормално ниво на шеќерот во крв; · редовни очни прегледи еднаш годишно.
Што е кератоконус? Како што може да се заклучи и од самото име, кератоконус претставува заболување на корнеата (керато) каде настанува истенчување на нејзините слоеви, а во напреднатите стадиуми, целата корнеа добива изглед на „конус“. Од досега направените истражувања, највеќе во САД, е смета дека зафаќа 1 на 2000 луѓе. За жал, кератоконусот е заболување на млади луѓе, кое најчесто започнува во пубертет, а прогресира во триесетите години. На кој начин влијае на видот? Корнеата (рожница) е предниот проѕирен дел на окото, кој има наголема прекршувачка моќ од сите слоеви на окото, односно најголем дел од диоптриската моќ на окото доаѓа од корнеата, па од таму и дека нарушувањата на корнеата, без разлика дали се работи за нејзината прекршувачка моќ или е нарушена нејзината провидност, се едни од главните причини за намалување на видот во сите возрасти. Причината за кератоконус сеуште не е разјаснета, иако се смета дека постои предизпозиција уште од раѓање, а една од причините која се спомнува во литературата е често триење на очите од детска возраст, најчесто заради алергија на очите. Во секој случај настанува губење на колагенот во корнеата, кој пак е главната структура на стромата на корнеата, а понатаму од таа причина настанува истенчување по цела дебелина. Дали постојат ризик фактори? Како ризик фактори во литературата се споменуваат: генетските фактори, односно фамилијарната историја за кератоконус, а може да се јави и во склоп на системски нарушувувања, на пример Даунов синдорм. Друг ризик фактор се хроничните воспаленија на окото, кои може да допринесат за деструкција на колагенското ткиво. Честото триење на очите, кое веќе го споменавме, се смета дека допридонесува до ослободување на ензими – колагенази, кои го разградуваат колагенот. Како ризик фактор е и возраста, односно се јавува кај млади пацеинти, адолесценти, напредува до триесетите години и потоа стагнира. Кои се симптомите? Најчесто на почеток пациентите се асимптоматски, а како ран симптом може да биде заматување на видот или константно „нејасен“ вид и покрај променетите очила. Обично тоа се луѓе кои носат минус диоптрија и каде и покрај покачената диоптрија на последните прегледи, видот сепак останува заматен. Пациентите имаат и потешкотија за гледање навечер, како и халоа околу извори на светлина. Многу се сензитивни на светлина, особено на силна светлост, како сонце или светилка. Понекогаш може да чувствуваат иритација на очите и блага болка. д-р Маја Иванова Цеков Специјална очна болница „Деница“
Според американските офталмолози, децата што поминуваат многу време во затворен простор пред компјутерите и другите електронски уреди, се изложени на поголем ризик од развој на кратковидост (миопија). Патем, на глобално ниво бројот на млади луѓе што страдаат од миопија е скоро двојно зголемен во последните 50 години . Се смета дека зголемувањето на бројот на луѓе со кратковидост (миопијата) е резултат на: – Прво, прекумерното време поминато во близина на електронските уреди и – Второ, намалувањето на времето кое се поминува на отворен простор со природна светлина. За жал, сведоци сме дека, во последните 10 години, децата поминуваат сé повеќе време во своите домови окупирани со мобилните телефони, таблетите и компјутерите. Особено опасно за видот е играњето на игри, гледањето на видео содржини, како и читањето на вакви уреди, бидејќи, на тој начин, очите на децата се многу блиску до тие уреди, при многу слаба осветленост на просторијата. Се разбира, секој може да биде кратковид, но кратковидоста е почеста кај деца чии родители се, исто така, кратковиди. Освен тоа, кратковидоста е многу почеста во индустријализираните и урбаните области отколку во руралните области. Околу 42% од луѓето во целиот свет на возраст помеѓу 12 и 54 години се кратковиди. Иако миопијата не е реверзибилна, па дури и незапирлива, нејзината прогресија сепак може да се забави преку постојано носење на корекционите наочари или контактните леќи, како и преку редовни офталмолошки прегледи. Постојат и одредени вежби на очните мускули кои се прават со цел да се релаксира окото од напрегнатоста на очната мускулатура при гледање на близина. Последното, поради една теорија која кажува дека причина за растот на кратковидоста е притисокот што го вршат очните мускули на окото при работа на близина. Се препорачува децата што поминуваат многу време пред компјутер или други електронски уреди да направат пауза од 20 секунди на секои 20 минути, при што ќе гледаат во далечен предмет. д-р Сашо Ѓорѓиоски Специјална очна болница „Деница“
Што се мали проблеми со очниот вид? Во оваа категорија спаѓаат: – Црвени очи; – Суви очи; – Иритација и воспаление на окото; – Невообичаен исцедок од окото или постојано насолзено око; – Гледање светла; – Внатрешно растечки трепки; – Неодамнешно и ненадејно губење на видот; – Туѓо тело во окото. Секој од овие проблеми, иако се смета за мал, најдобро е да биде третиран навремено, со цел да не прерасне во поголем проблем кој можеби не може да се излечи.
Стаклестото тело е хомогена, транспарентна, безбојна маса во состојба на колоиден гел. Предниот дел е ограничен со леќата, зонулите на ZInni и цилијарното тело, а во задниот дел со ретината (мрежницата). На предната страна има вдлабнатина (fossa patellaris s. hyloidea) во која лежи задниот дел на леќата. Задниот дел лежи на мрежницата со која е цврсто прицврстен само во пределот на назбената линија (orra serata) и на папилата на очниот нерв. Поголемиот дел од стаклестото тело се состои од вода, 98-99%, а остатокот се органски материи и електролити, како и колагенски влакна, хијалуронска киселина и други протеини. Во стаклестото тело нема крвни садови или нерви. Улогата на стакленото тело е да обезбеди облик на очното јаболко, цврста потпора со внатрешните слоеви на окото и транспорт на кислород од крвните садови на задниот дел од окото до неговите предни делови. Кај младите луѓе, стакленото тело е целосно транспарентно. Во текот на животот, кај некои луѓе порано, а кај некои луѓе покасно се појавуваат физиолошки заматувања кај народот познати како “мушички” (лат. Muscae volitantes, floaters). Ова се заматувања во различни форми (како подвижни траки, кончиња, мушички, пајачиња итн.), најдобро воочливи кога се гледа кон светла позадина (бел ѕид, небо, вода…). Овие заматувања не се третираат, тие не претставуваат закана за нашиот вид, и со текот на времето нашиот мозок се навикнува на нивното постојано присуство во видното поле и почнува да ги игнорира. Меѓутоа, неретко се случува замаглувањата на стакленото тело да се знак на сериозни очни болести како што се воспаление, одвојувања на слоевите на очното јаболко или аблација (одлепување) на мрежницата (на оваа по видот опасна појава понекогаш и претходат трепкање на светлината како молња или фина промена во видното поле во вид на чад или расфрлани точки, кои се предупредувачки знаци). Матнините на стаклестото тело исто така може да бидат знак на крварење и повреди во внатрешноста на окото, болести на крвните садови на окото, а исто така може да бидат резултат на болести на други органи како што се дијабетес и нерегулиран висок крвен притисок, крвни болести, таложење на патолошки или акумулирани нормални крвни молекули. Ако видите зголемувања на бројот на лебдечките честички, понекогаш придружени со светлосни трепкања и заблеснувања, треба веднаш да побарате офталмолошки преглед. Што предизвикува светлосни трепкања и заблеснувања? Обично, светлината што влегува во окото ја стимулира мрежницата. Ова создава електричен импулс, кој се пренесува преку очниот нерв кон мозокот. Тогаш мозокот го толкува овој импулс како светлина или некој вид на слика. Ако мрежницата е механички стимулирана (физички допир), сличен електричен импулс се испраќа до мозокот. Овој импулс потоа се толкува како “треперење” на светлината. Некои луѓе имаат трепкачки светла што се појавуваат како назабени линии или “топлински удари” во двете очи, често во траење 10-20 минути. Овие типови заблеснувања обично се предизвикани од грч (спазам) на крвните садови во мозокот, кој се нарекува мигрена. Ненадејната појава на овие симптоми може да значи дека стаклестото тело во некој свој дел повлекува дел од мрежницата и може да доведе до појава на раскин или руптура во тој дел на мрежницата. Ако дојде до руптура, т.е. до раскин на мрежницата, стаклестото тело може да влезе во отворот и да доведе до одвојување, односно до ретинална аблација. Во случај на аблација на мрежницата, треба да се делува што е можно побрзо, за да може офталмохирургот да ја врати ретината назад во првобитна положба и да воспостави видлива функција, бидејќи во спротивно може да се појави целосна и неповратна загуба на видот. Сериозни состојби поврзани со лебдечките честички вклучуваат: – аблација на ретината; – расцепи на мрежницата; – крварење во стаклестото тело; – воспаление на стаклестото тело или мрежницата предизвикано од инфекција или автоимуна состојба, како и – тумор на окото. Веднаш контактирајте со офталмолог во овие случаи: – нагло зголемување на бројот на лебдечките честички; – заблеснувања; – губиток на периферниот вид; – лебдечки честички кои се јавуваат по операција на очите или повреда на очите, како и – болка во очите. Дијагноза Појавата на мушички и заблеснувања, трепкања или светлечки сензации во окото бара задолжително офталмолошко испитување. Лекарот офталмолог на раширени зеници ќе го испита очното дно со помош на посебни лупи за испитување на ретиналната периферија, а доколку е потребно се прави и ултразвучен преглед на окото, како и дополнителни анализи и испитувања се со цел да се докаже или исклучи ретинална руптура или аблација – одлепување на мрежницата. Третман на лебдечки честички Повеќето лебдечки честички, т.е. оpacitates се безопасни и само непријатни. Можеби ќе исчезнат со текот на времето или ќе станат помалку здодевни. Понекогаш, луѓето се заинтересирани за оперативен третман за отстранување на заматувањата (опацитетите), но таква операција може да се прави само во ретки случаи кога видот е сериозно загрозен. Во овој момент, единствен начин да се расчистат овие заматувања е да се отстрани стаклестото тело како супстанција целосно од окото преку процедура наречена витректомија. Стаклестото тело потоа се заменува со физиолошка течност. Запомнете дека ненадејното појавување на значителен број очни матнини (опацитети), особено ако се придружени со трепкања, заблеснувања или светлечки сензации, може да укажуваат на аблација, ретинално одвојување или други сериозни проблеми со очите кои бараат итна хируршка постапка. д-р Сашо Ѓорѓиоски Текстот е објавен во пролетното издание на списанието „Наше Здравје“ на фармацевскиот брнед „Виа Фарм“
Денешниот начин на живот сѐ повеќе нѐ наведува да се стремиме кон перфекционизам. Да изгледаме добро, да се храниме добро, да заработуваме добро. Развојот на технологијата и секојдневните нови решенија повторно и повторно водат кон решавање и на најмалите нешта кои за некои луѓе се некомфорни. Па така и медицината, пратејќи го чекорот на целиот технолошки развој, сѐ повеќе се стреми своите услуги да ги доведе до перфекционизам. Офталмологијата можеби од сите гранки се развива најбрзо и секоја година излегува со сѐ подобри решенија, своите интервенции ги сведува на минутни процедури, а резултатите ги носи кон совршеност. Очилата, особено ако е потребно да се носат неколку пара, веќе за многу луѓе стануваат проблем и истите тие луѓе очекуваат дека ќе се најде решение за трите пара очила. Зошто три пара очила? Многу често пациентите се изненадени затоа што не можат со истите очила кои ги носат за гледање телевизија, да читаат книга или да работат на компјутер, и обратно. Често доаѓаат избезумени мислејќи дека нешто страшно се случува со нивниот вид, затоа што го губат фокусот. Но, она што се случува е нормален физиолошки процес, каде човечката леќа, ја губи својата акомодација, а со тоа и фокусирањето, а задача на офталмолозите е да препишат очила за близина кои ќе го заменат недостатокот на акомодација. Почнувајќи од 40 тата година, на секои 5 години, оваа диоптрија се зголемува. Доколку пациентот имал диоптрија како дете, односно диоптрија за далечина, тогаш оваа диоптрија за блиску се додава на истата. Но, бидејќи во денешно време, скоро целата работа е сведена на компјутер, тоа повлекува уште едни очила, заради тоа што компјутерот е одалечен нешто подалеку од нормалата одалеченост за држење книга, односно фокусното растојание на компјутерот, не е исто со она за далечина и она за читање. Тоа значи дека за да функционирате нормално и со јасен вид, неопходно е да имате три диоптрии. Едното решение за ова е носењето на прогресивни очила, каде тие диоптрии ќе бидат ставени на едно стакло, а новото посовремено решение е отстранувањето на диоптрија. Кои се начините да се отстрани диоптријата? Најпознат начин за симнување диоптрија е ЛАСИК или народски познато „ласерска метода“, која е најкористена за симнување на диоптријата за далечина. Се препорачува за млади луѓе до 40 тата година, затоа што тогаш сеуште немаме проблем со гледањето на близина. После 40 тата година, оваа метода би го решила проблемот на далечина, меѓутоа за близина и компјутер повторно би требало очила. Она што офталмологијата го нуди како решение е вградување на мултифокални интраокуларни леќи, со кои, како што кажува името, се корегираат сите фокуси на гледањето, односно далечина, средна одалеченост и близина. Обично следното прашање е дали овие леќи се трајни. Да, овие леќи се интраокуларни, односно се вградуваат внатре во окото, на местото каде нормално стои природната леќа. Што значи нема потреба од вадење и ставање на истите, а немаат трајност, односно се доживотни. Зошто мултифокални леќи? Мултифокалните леќи се можеби најприближни до природната леќа и природниот начин на гледање. Освен тоа ако се земе трошокот за очила и меки контактни леќи, вградувањето на мултифокални леќи е добра долгорочна инвестиција. Со тоа што сте ослободени од очилата, можете поактивно да го водите животот, а освен тоа видното поле со вградени леќи е многу пошироко од она со очила. Следната добра работа е што истите не се менуваат, туку еднаш се вградуваат и се доживотни. Уште една препрека во видната острина која доаѓа со годините е појавата на катаракта, односно заматување на природната леќa, а годишно во светот се оперираат над 10 милиони луѓе со катаракта. Катарактата претставува најчеста причина за намалување на видот над 50 години, а во дури 50% од пациентите со слаб вид, причина е катаракта. Позитивно е што со вадењето на природната леќа и вградување на вештачка интраокуларна леќа, доживотно се решава овој проблем со катаракта, односно не постои можност да се појави повторно. Кои се кандидати за мултифокални леќи? Доколку пациентот има над 40 години и носи очила за далечина, средна одалеченост и близина, мултифокалните леќи се одлично рефрактивно решение. Кај пациенти кои имаат почетно заматување на леќата, а се сеуште работно активни, мултифокалните леќи го решаваат и проблемот со катаракта и проблемот со диоптрија. Луѓе кои сакаат активен живот, а очилата и меките контактни леќи им се проблем, тогаш ова би го решило проблемот. Не се препорачува за млади луѓе, кои имаат добра акомодација и кај луѓе кои имаат промени на задниот сегмент на окото, најчесто дегенеративни (сенилна макуларна дегенерација), промени од дијабет, васкуларни промени итн. За да дознаете дали сте кандидат за вакви леќи, неопходно е да се изврши комплетен преглед, со снимања на предниот и задниот сегмент на окото и преглед на широка зеница. д-р Маја Иванова Цеков Специјална очна болница „Деница“
ОФТАЛМОЛОШКИ ПРЕГЛЕДИ КАЈ ДЕЦА – КОГА И ЗОШТО СЕ НЕОПХОДНИ?
Здравјето на очите кај децата е од клучно значење за нивниот развој и учење. Децата не секогаш можат да кажат дека имаат проблем со видот, па затоа е важно родителите да препознаат знаци кои укажуваат на потреба од офталмолошки преглед.
Пролетта е веќе пред нас, а промената на сезоната носи со себе и ветување за поубаво време и нови почетоци. Но, новите растенија кои се појавуваат секоја пролет можат да бидат причина за појава на сезонски алергии на очите кои можат да предизвикаат конгестија, главоболки, чешање и отоци на очите. На овој начин, добиените резултати ни овозможуваат на време да се постави точната дијагноза и да се спроведе соодветен третман. Конјунктивитот е една од највообичаените и најчесто третираните очни болести кај деца и возрасни. „Црвеното око“ како што често се нарекува, претставува воспаление на конјунктивата, која е провидната мембрана која ја препокрива внатрешната страна на капаците и белката на окото и ја одржува влажноста на окото. Како се третира сезонската алергија на очите?
Пролетта е веќе пред нас, а промената на сезоната носи со себе и ветување за поубаво време и нови почетоци. Но, новите растенија кои се појавуваат секоја пролет можат да бидат причина за појава на сезонски алергии на очите кои можат да предизвикаат конгестија, главоболки, чешање и отоци на очите. Конјунктивитот е една од највообичаените и најчесто третираните очни болести кај деца и возрасни. „Црвеното око“ како што често се нарекува, претставува воспаление на конјунктивата, која е провидната мембрана која ја препокрива внатрешната страна на капаците и белката на окото и ја одржува влажноста на окото. Вируси,бактерии, иритирачки супстанци (шампони, прашина, чад, хлор од базени..) или различни алергени (полен, спори од мувли и др.) можат да предизвикаат конјунктивит. Црвеното око предизвикано од вируси и бактерии може лесно да се пренесе од човек на човек, но не претставува сериозен здравствен ризик, ако се дијагностицира навремено, додека алергискиот конјунктивит не е заразен. Заради тоа, важно е навреме да се открие дали конјунктивитот е предизвикан од алергии или инфекција, бидејќи секоја од овие состојби има различен третман. Кои се симптомите на алергиско црвено око? – Црвенило на белката или на внатрешната страна на капаците; – Зголемено солзење; – Чешање на очите (честопати и на носот и кивање); – Оток на капаците; – Нагласени/ темни подочници. Овие симптоми се обично присутни на двете очи, иако не во иста мерка. Како се третира сезонската алергија на очите? Црвеното око предизвикано од алергија може целосно да исчезне доколку алергијата се третира со лекови/ капки или ако се отстрани алергенот. Значи, прва линија на третман е отстранување на алергенот, што може да вклучува на пример носење капа надвор или често миење на лицето. Вашиот очен лекар пак може да ви предложи некои од следниве лекови: – Очни деконгестиви : капки кои го намалуваат црвенилото преку стеснување на малите крвни садови во очите. Тие не се препорачливи за долготрајна употреба и всушност нивното користење подолго од неколку дена може и да ги влоши симптомите; – Очни антихистаминици : капки кои го намалуваат црвенилото, чешањето и отокот преку блокирање на дејството на хистаминот, главната супстанца која ги предизвикува симптомите на алергија. – Очни лубриканти : луѓето со алергиски конјунктивит обично имаат недоволно производство на солзи, што бсушност ги влошува симптомите. Користењето на капки – вештачки солзи (дури и на секој час по потреба) може значително да ги олесни симптомите. – Очни стероиди : кога другите медикаменти не помагаат, офталмологот може да препише кортикостероидни капки за да се олеснат симптомите и да се спречи појава на компликации. Но, тое мора да се употребуваат само под надзор на лекар, бидејќи можат да го покачат очниот притисок или пак да доведат до заматување на леќата (катаракта) при подолготрајна употреба. – Системски (орални) верзии на горе споменатите лекови : таблети, кои се даваат во многу тешки случаи, кои не реагираат на локалната терапија со капки. Како можат да се олеснат симптомите на алергиско црвено око? – Отстранете ги контактните леќи, ако носите; – Ставете ладни компреси врз очите; – Користете често капки – вештачки солзи; – Носете очила за сонце; – Обидете се да ги избегнувате супстанците кои ги предизвикуваат вашите алергии; – Посетете специјалист за алергии, кој ќе направи соодветни тестови со цел да се откријат супстанците на кои сте алергични. Неколку совети за алергиско црвено око: – Не ги допирајте и тријте очите; – Мијте ги често рацете со сапун и млака вода; – Перете ги често постелнината и пешкирите со жешка вода и детергент за да се редуцираат алергените; – Избегнувајте нанесување на шминка блиску до рабовите на капаците; – Не користете шминка од друго лице; – Користете наочари наместо контактни леќи за да се намали иритацијата; – Никогаш не носете контактни леќи од друго лице; – Убаво измијте ги рацете пред да ставате лекови (капки или масти) во очите; – Не користете капки кои сте ги ставале на инфицирано око, во другото неинфицирано око; – Доколку почувствувате промени во видот, чувство на страно тело во окото или акутна болка, веднаш закажете преглед кај очен лекар. д-р Билјана Ивановска Аџиевска Текстот е објавен во летното издание на списанието „Наше Здравје“ на фармацевскиот бренд „Виа Фарм“
Голем број луѓе можат да приметат мали точки во видното поле, кои се придвижуваат со движењето на очите и особено се воочливи кога гледаме во нешто светло, како на пример бел лист, бел ѕид или сино небо. Обично се придвижуваат кога ќе пробаме погледот да го фокусираме на нив. Можат да бидат во најразлични форми: црни или сиви точки, извијугани линии, кончиња во вид на клопче или провидни, пајажини, прстени и др. Тие можат да бидат непријатни и иритирачки, но обично не пречат значително во видот и луѓето обично успеваат да се навикнат на нивното постоење и да ги игнорираат. Обично штом еднаш се појават, не исчезнуваат, но можно е со тек на време дел од нив да се изгубат во периферниот дел на видното поле или да се помалку приметливи. Само во ретки случаи тие можат да бидат толку воочливи и да пречат во видот до тој степен да бараат третман. Што ги предизвикува? Најголемиот број од овие сенки во видното поле се мали партикули на протеин наречен колаген. Тие се дел од желатинозната супстанца која го исполнува поголемиот заден дел од окото наречен витреум. Со текот на годините, протеинските влакна од кои е изграден витреумот деградираат и се собираат во мали клопчиња кои фрлаат сенка на ретината и тие сенки се всушност тие точки, сенки, „мушички“ што ги гледаме во видното поле. Понекогаш може да се забележат светкања во видот кои се краткотрајни (неколку секунди), посебно во периферниот дел на видното поле. Доколку приметите светкање, тоа е затоа што дошло до одвојување на витреумот од ретината. Овие промени можат да се јават на било која возраст, но се почести кај лица меѓу 50 и 75 год. Поверојатно е да ги приметите доколку сте кратковиди (имате миопија) или сте имале некаква операција на очите. Иако е ретко, ваквите сенки во видното поле можат да бидат резултат на некаква очна болест, повреда на окото, дијабетична ретинопатија, кристалини депозити во витреумот и др. Неколку сериозни очни заболувања исто така почнуваат со појава на сенки во видното поле: Одлепување (аблација) на ретината, крварење во витреумот, воспаление на задниот дел на окото, тумори и сл. Заради тоа, доколку сте приметиле наеднаш да се појават многу нови темни точки или сенки во видното поле, или доколку светкањето е интензивно, во вид на молња или блиц од фотоапарат и трае подолго време (неколку денови), треба веднаш да се јавите на лекар за очен преглед. Понекогаш светкањето кое се појавува е всушност видната аура која понекогаш претходи на напад на мигрена и наликува на сликата што се гледа кога ќе се погледне во калеидоскоп. Обично трае неколку минути, понекогаш може да се придвижува кон периферијата на видното поле и предизвикува промени во видот во тој период. Но потоа комплетно се повлекува, видот се враќа во нормала, но може да биде проследено со јака (обично еднострана) мигренозна главоболка. Кога да побарате очен преглед? Доколку имате неколку точки, сенки или „мушички“ во видното поле кои не се менуваат во тек на време или пак неколку единечни „светки“ кои траат неколку секунди, обично нема причина за загриженост. Побарајте преглед од офталмолог ВЕДНАШ доколку приметите: нагло зголемување на бројот и густината на црни точки во видното поле, силно светкање во окото кое трае подолго време, губење на видот или сенка во дел од видното поле, промени во видот кои настануваат нагло и се влошуваат во тек на време, појава на темни сенки во видот после операција на окото или поведа, болка во окото. При тоа треба да побарате очен лекар кој има искуство во третман на проблеми со ретината. Во овие ситуации, доколку не побарате помош веднаш, може да дојде и до губење на видот. Како се третираат? „Мушичките“ во видното поле се обично бенигни и не бараат третман. Доколку ви пречат, обидете се да ги тргнете од центарот на видното поле со тоа што ќе ги придвижите очите горе-долу. За сите други болести на очите кои беа споменати претходно, како и во случаи кога сенките во видното поле се многу густи и доведуваат до намален вид, се препорачува да се направи оперативен зафат – витректомија, со која се отстранува витреумот од окото и се заменува со раствор. Но, тоа е сериозен оперативен зафат, кој може да биде проследен со многу компликации и заради тоа се изедува само во ситуации кога е апсолутно неопходно. д-р Билјана Ивановска Аџиевска Специјална очна болница „Деница“
Третманот може да биде медикаментозен со локална примена на капки кои се аплицираат во окото. Постојат повеќе единечни или комбинирани препарати кои ги одредува офталмологот. Ставањето на терапијата мора да биде редовна по препишаното упатство. Тоа се најчесто капки за намалување на продукција на очната водичка и олеснување на нејзиното истекување со што се намалува очниот притисок. Во поново време поради теоријата за глаукомот како дегенеративно заболување на целиот оптички тракт се вклучува и невропротективната терапија. Ласерски третман каде се прави ласерска интервенција на трабекуларната мрежа во иридокорнеален агол, што ќе го олесни истекувањето на очна водичка во одводниот (schlemm-ov) канал. Хируршки третман каде се прави проток на очната водичка директно во еписклералниот простор, а во поново време и со вградување на повеќе видови дренажни шантови и валвули. Дијагнозата и лекувањето препуштете му го на вашиот офталмолог, а вие вршете редовни офталмолошки прегледи особено над 60-годишна возраст со проверка на очниот притисок. Доколку е ординирана терапија, редовно практикувајте ја, со редовни контроли и споредбени иследувања, за да може да се следи и соодветно да се лекува заболувањето, со што ќе го зачувате вашиот вид. Не заборавете, глаукомот е состојба која постепено тивко ја краде вашата виделина. д-р Снежана Андревска Текстот е објавен во списанието „Наше Здравје“ на фармацевскиот бренд „Виа Фарм“
ВИТРЕКТОМИЈА - МИКРОХИРУРГИЈА ШТО ГО ЗАЧУВУВА ВИДОТ
Што е витректомија? Витректомија е тип на операција на окото со која се третираат проблемите на ретината (мрежницата, задниот дел на окото) и витреусот (стаклестото тело, желатинозна супстанца со која е исполнет најголем дел од окото). При оваа операција хирургот го отстранува најголемиот дел од витреусот и го заменува со друг вид на раствор. Зошто се прави? За да можеме да гледаме, светлината треба да помине низ окото и да стигне до ретината (задниот дел од окото), која е составена од нервни клетки и влакна кои се осетливи на светлина и ја пренесуваат информацијата до мозокот со цел да се формира слика од она што го гледаме. Различни болести можат да предизвикаат заматување на течноста на витреусот, појава на крв, остатоци од воспаление (гној, мембрани) или пак сврзно (ожилно) ткиво на ретината. Тоа ја оневозможува светлината да дојде до ретината и предизвикува проблеми и намалување на видот. Отстранувањето на ваквиот заматен витреус може да го реши или подобри проблемот со видот. Понекогаш ретината заради појава на дупки (руптури) се одвојува од ткивото кое ја опкружува и кое служи како нејзина подлога, при што доаѓа до нагло губење на видот. Во овој случај хирургот со витректомија може да стигне до ретината, да ја поправи и да ја врати во првобитна положба. Кои болести на очите се третираат со витректомија? · Крварење во витреусот – најчесто како последица на оштетување на крвните садови на ретината заради дијабет, нерегулиран крвен притисок или тромбоза; · Одлепување на ретината (аблација) – најчесто последица на дијабетична ретинопатија, дегенеративни промени на ретината или повреда на окото; · Инфекција или воспаление на задниот дел на окото; · Оштетувања на центарот за вид (макулата, жолтата точка) – појава на набори (мембрани) или отвор (макуларна дупка); · Тешки повреди на окото; · Компликации после операција на катаракта. Што треба да се направи пред операцијата? Вашиот офталмолог ќе ви каже што точно треба да направите како припрема пред операцијата: · Кои лабораториски анализи треба да ги направите; · Дали некои од лековите кои редовно ги примате треба да ги прекинете; · Дали треба да бидете гладни/жедни на денот на операцијата; · Каква анестезија ќе биде употребена; · Колку долго се очекува да трае операцијата. Пред операцијата ќе ви биде направен детален очен преглед. Ќе бидат ставени капки за ширење на зениците и ќе бидат направени дополнителни анализи со цел да се направи точна проценка на состојбата на окото: ехографија, оптичка кохерентна томографија (OCT), биометрија и др. Што се случува во тек на операцијата? Витректомијата може да трае околу 1-2 часа, во зависност од тежината на состојбата која се третира. Таа може да биде само една во серијата на процедури за поправка на одреден проблем на окото. Обично се работи во локална анестезија со капки за очи и инјекции околу окото, при што во тек на операцијата ќе бидете свесни. Во ретки случаи може да се работи и во целосна (општа) анестезија. Во тек на операцијата хирургот прави мали отвори (помали од 1 mm) на белката на окото. Низ нив со микро-инструменти пристапува во внатрешноста на окото и со ендоскопска метода, со помош на микроскоп го отстранува витреусот, ги чисти страните супстанци (крв, воспалителен материјал, мембрани, сврзно ткиво) од витреусот и ретината. Многу често ендоскопски прави ласерски третман на ретината со цел да се спречат подоцнежни компликации. Исто така, во некои случаи, во зависност од состојбата, во исто време се прави и операција на перде/катаракта, односно природната леќа на окото се заменува со вештачка леќа. Потоа внатрешноста на окото се исполнува со течност, гас или силиконско масло во зависност од потребата. Доколку биде употребено силиконско масло, после неколку месеци ќе треба да биде направена уште една (пократка) операција за да се отстрани истото. На крајот од операцијата понекогаш се ставаат конци, иако тоа во денешно време е реткост. Потоа во окото се става антибиотска маст и окото се преврзува со газа (оклудер). Како тече опоравувањето? Витректомијата е еднодневна хирургија, што значи дека истиот ден, после неколку часа од операцијата, ќе бидете слободни да си одите дома. Докторот ќе ви препише терапија (капки и масти) кои ќе треба редовно да ги ставате во окото со цел да се спречи појава на инфекција. Ќе ви бодат препишани и аналгетици доколку чувствувате некаква болка дента после операцијата. Првиот контролен преглед ќе биде направен уште наредниот ден, кога ќе ви биде објаснето околу хигиената на окото и ограничувањата во тек на првиот месец после операцијата и ќе бидат закажани и натамошни контроли. Кои се ризиците од операцијата? Во прв ред, целта на оваа интервенција е да се подобри видот, да се спречи понатамошното намалување на видот и појавата на други проблеми и компликации. Виктректомијата како операција обично успешно се завршува и ретко се јавуваат компликации. Исходот од операција во однос на сочувување или подобрување на видот пред се зависи од состојбата во која се наоѓало око пред операција и кои постапки требало да бидат превземени за да се поправи состојбата. Сепак, како и за секоја операција, и за оваа постојат ризици и можни компликации. После витректомија постои можност да се појави: · Катаракта/перде (доколку не било претходно отстрането); · Покачен очен притисок; · Повторно крварење во окото; · Одлепување на ретината; · Инфекција. Кога треба да се јавите итно на вашиот лекар после витректомија? · Доколку нагло се намали видот; · Ако се јави јака болка, оток или црвенило околу окото; · Ако се појави секрет од окото; · Доколку во видното поле се јават темни сенки или одблесоци од светлина. Сите овие можат да бидат знак за појава на посериозни проблеми кои офталмологот треба да ги прегледа и доколку има потреба навремено да ги третира со цел да се сочува видот.
Витректомијата е хируршка процедура при која се отстранува стаклестото тело од окото со цел да се третираат сериозни очни заболувања како отслојување на мрежницата, крварење во стаклестото тело, макуларна руптура и дијабетична ретинопатија.
Конвенционалниот ласери што се користат за лекување на болести на мрежницата работат преку емитување на континуирана зелена светина која предизвикува загревање на мрежницата. Ова ги прави ефикасни, но и особено инвазивни кон третираната зона, заради повреди на фоторецепторните клетки на мрежницата и последователно формирање на големи „лузни“ кои, во зависност од тоа каде се позиционирани, може да доведат дури и до компликации како што се дополнително намалување на видната острина, видното поле, перцепцијата на бојата, ноќното гледање и чувствителноста на контраст.